Ултимативна поезија на егзистенцијалниот револт – Една минута за една деценија живот на степскиот волк-

/, Литература, Блесок бр. 137/Ултимативна поезија на егзистенцијалниот револт – Една минута за една деценија живот на степскиот волк-

Ултимативна поезија на егзистенцијалниот револт – Една минута за една деценија живот на степскиот волк-

Затоа меѓу неговите лирски јунаци се најдоа големите и трагични имиња и примери на Прометеј, Антеј, но и елејскиот филозоф  Парменид – редум припадници на хеленската традиција.

За трансгенерациската вина и траума на потеклото потресно сведочат програмски интонираните стихови од песната „Згрчен човек“, во кои за првпат кај нас Ѓузел инвентивно ќе ја расчлени трагичната  и сѐ дотогаш невидлива, хомонимија, што владее помеѓу зборовите Таткова вина // татковина: „малата татковина, без ничија освен татковата вина и мајчината што таму те родила“. Или, пак, прашалниот очај во себе (искажан во неговиот прозен „Животопис“): „И на што сум спаднал – со вечното заднинско зуење и бруење на судбинската таткова вина како единствена татковина… И до каде може да оди наследената судбина (до ’третото поколение’, како што се вели во Библијата), ако не и проклетство“.

Песните на Ѓузел несомнено се проткаени со темелниот парадокс на припадноста и отпадништвото. Меѓу другото, за ова впечатливо сведочи загадочното мото на неговата, необично занимлива книга патописи за Америка „Куќа – цел свет“). Оваа емпириски заверена, интимна шифра на сопствениот егзистенцијален раскол накратко вели: „отуѓен дома, задомен во туѓина“.

Мотивот на прародителскиот грев е индикативен и трајно проникнат во поезијата на Ѓузел, каде што се врзува за повеќе различни контексти, од кои библискиот е секако појдовен и универзално познат, но не и единствен. Во македонската поезија, Ѓузел ќе остане запаметен како уникатен пример – во неговата семејна историја автентично да се преплетуваат (а тој во своите дела креативно да ги вообличи) најтрагичните елементи од овој исконски (гревовен) мотив што го нареков мотив на делегирана вина на предците.

Богомил Ѓузел потекнува од Македонија, живееше во Македонија и пишуваше на македонски јазик, но неговото творештво не може да се сведе и да се ограничи исклучиво на македонскиот културен простор, бидејќи одамна (поточно, уште од самиот свој почеток) беше ги прескокнало националните јазични и книжевни граници, стоејќи на рамноправен мегдан со современите текови на европската и светската литература. Тоа како факт, впрочем, се потврди уште на почетоците со знаменитиот манифест „Епското на гласање“ кој  првично беше објавен во новосадски „Поља“, во далечната 1960 год.

Во предговорот на Чарлс Симиќ, кон англиското издание на книгата „Волкот на врата“, овој реномиран американски автор недвосмислено изјавува: „Еве ситуација која можела да произлезе од некој расказ на Хорхе Луис Борхес. Поет од светски ранг пишува на мал јазик, во мала земја, во прилично оддалечен дел од светот. Неговите песни се величествени, но… нема многу преведувачи од македонски јазик, а издавачите, кои обично губат пари и со преводите на романи и песни од големите јазици, се претпазливи во врска со можноста да сторат нешто околу тоа, дури и тогаш кога ја признаваат извонредноста на неговото дело“.

Не само на овие поетски простори туку и пошироко, во деновите по физичкото заминување на Ѓузел, во иднина ќе продолжат да ни недостасуваат токму препознатливата црта и жестоката убавина на животниот стоицизам и личното достоинство на Богомил, до кое тој природно се држеше (а кое така добро и му прилегаше), наспроти суровото наследство на (иницијалната, семејно-историска) траума.

Иако неговата животна приказна (кога останал сирак уште од своето најрано детство) е проникната со исконскиот и автентичен трагизам, во своето творештво Ѓузел не им беше склон ниту ги сакаше (денес помодното) експонирање и експлоатирање на болката, како и сопственото „капитализирање“ преку улогата на жртва (како што тоа од конјунктурни причини често го практикуваат многумина од самонаречените страдалници денес, во времето на политичкиот ревизионизам).

Богомил Ѓузел е автор чиишто стихови остануваат длабоко загледани во отровниот коктел на минатото, сегашноста и иднината, носејќи темелна жестокост во себе, заедно со драгоцената моќ за катарза.

Неговата радикална и слоевита поезија, натопена со раскошна ерудиција, на автентичен начин ја инаугурира и поетиката на постмодернизмот и интертекстуалноста на македонската книжевна сцена.

Среде оваа пандемија, која со своите пранги успеа да го окова сиот свет изминатава година, чинот на неговото заминување уште повеќе знае да боли, особено сознанието дека заедно со личниот, Богомил Ѓузел во меѓувреме мораше да го сведочи и тековниот, глобален мегдан – со истата онаа сила, достоинство и ретка присебност, налик на својот лирски Прометеј, сурово окован за својата, незаслужена карпа, но само со џигерот, не и со Духот!

Нека му е вечна слава и незаборав на Богомил Ѓузел и неговото богато книжевно наследство, кое нѐ прави горди што сме негови современици и сонародници!

АвторЕлизабета Шелева
2021-06-02T19:52:39+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 137|Tags: |