Ултимативна поезија на егзистенцијалниот револт – Една минута за една деценија живот на степскиот волк-

/, Литература, Блесок бр. 137/Ултимативна поезија на егзистенцијалниот револт – Една минута за една деценија живот на степскиот волк-

Ултимативна поезија на егзистенцијалниот револт – Една минута за една деценија живот на степскиот волк-

Почитуван претседателе на МАНУ, Љупчо Коцарев, почитувано и драго семејство на Богомил, почитувани академици, уважени колеги и пријатели.

Дозволете ми да ви се заблагодарам за честа што ми ја укажувате – во оваа тажна прилика и лично да се произнесам за делото на академик Ѓузел, со кого, во изминатите три децении книжевно создавање, одржувавме блиска, професионална, но и пријателска соработка.

Особено ме обврзува притоа фактот што треба да зборувам, покрај почитуваниот поет и мој поранешен професор, академикот Влада Урошевиќ, кој заедно со Радован Павловски и Богомил Ѓузел го сочинуваа историското и квалитативно јадро на еминентни претставници од третата поетска генерација.

Со цел да се избегнат преклопувања со другите говорници, во оваа прилика, јас ќе се фокусирам на периодот од 1994 година до денес, во текот на кој се одвиваше мојата непосредна професионална соработка со акад. Ѓузел.

Ќе започнам најнапред со неколку лични забелешки и нови согледби, кои досега чинам недоволно беа познати или расветлени. Познат е, иако досега можеби остана недоволно истакнат, фактот дека во времето на своите творечки почетоци, Богомил Ѓузел настапи како припадник на градското и граѓански (либерално) ориентираното крило во нашата литература, што од своја страна остави препознатлив белег врз неговиот творечки профил, господственото поведение, а особено, во нему својствениот, космополитски систем на вредности.

Таа трага останува видлива и во неговото дејствување во рамките на Струшките вечери на поезијата, во заложбите за отворање на фестивалот спрема Запад и Америка. Сите се денес согласни во тоа дека Ѓузел се вбројува меѓу (и кај нас, за жал, не толку бројни) интелектуалци и ерудити со широкоаголен објектив на љубопитства и интереси.

Неговата темелна читателска страст и наобразба не се исцрпуваат само со потесниот круг теми (од книжевното и културното милје), туку оди подалеку и затоа неговите соговорници редум ги истакнуваат неговата луцидност, аналитичност, широкиот опфат аргументи! Овој квалитет не можеше да се превиди и затоа Богомил уживаше висок респект меѓу колегите од странство.

Неговата интелектуална љубопитност остана жива до последен миг, така што вообичаено бараше и нарачуваше да му донесеме нови книги од одбрани автори, покрај тоа што беше претплатен на угледното американско списание за литература.

Како демократски и либерално ориентиран творец, но и сестрано активен интелектуалец, во периодот на бурните транзициски години, Ѓузел станува дел од Лигата за демократија (заедно со проф. Ѓорѓи Марјановиќ), а потем и прв претседател (и еден од основачите) на Здружението на независните писатели на Македонија (во 1994 год.), кое со своето дејствување го заживеа и збогати книжевниот амбиент во Македонија, обновувајќи ја плодната креативна соработка со писателите од сродните здруженија низ регионот. Ѓузел притоа беше долгогодишен главен уредник и на списанието „Наше писмо“, при што заокружи 81 број.

Сепак, мора да се признае фактот дека ова друштво со доста тешкотии добиваше материјална поддршка, но и тешко доаѓаше до поголема гласност во нашите книжевни кругови и медиумите, веројатно поради пословична (идеолошка) подозривост.

Во овие благородни заложби за збогатување на нашиот книжевен живот, Ѓузел ја уживаше не само поддршката, ами и креативното сојузништво од Лилјана Дирјан, како неуморен спиритус мовенс (на која, набргу по нејзината преуранета смрт, ѝ посвети пет потресни и незаборавни песни). Нивниот животен и креативен спој дејствуваше заразно и ги анимираше, вдахновуваше не само нив двајца, туку и другите писатели, уметници и интелектуалци, со кои тие постојано беа опкружени!

Од суштинските показатели кои на препознатлив начин го обележуваат поетскиот светоглед на Ѓузел како најистакнат (и не помалку потресен), во оваа прилика би го издвоиле токму комплексот на „наследната вина“, проклетството на потеклото или потеклото како проклетство по себе, вклучително и горчливата потрага по човековите архетипски корени, по Домот (со големо д).

За автор како Богомил поезијата не е (ниту пак би можела да биде) идилична дејност, која се запишува, со удобна, комфорна залежаност „во скутовите“ на куќата, татко-Вината, историјата. Напротив, за него поезијата подразбираше и нудеше мачна духовна преобразба, себесоголување до голото (рендгенско) дно, кога драмата само на Еден човек воедно станува драма на сето човештво (како што отсекогаш и било).

АвторЕлизабета Шелева
2021-06-02T19:52:39+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 137|Tags: |