Куќа – симбол

Куќа – симбол

ПРАГОТ

Уште еден елемент во куќата е поврзан со силно симболичко значење – прагот. Како место преку кое се пристапува во куќата, кое го дели надворешниот свет од внатрешниот, преставува значаен и посебно почитуван елемент. Невестата при првото пречекорување на прагот од куќата на младоженецот, според обичаите на Мијаците, внимава да го премине со десната нога, и да не го допре16F.
Чајкановиќ17F, доста опширно ги разгледува погребните обичаи во кои се наоѓаат остатоци од поранешното закопување на мртвите во прагот на куќата. Се работи за доста стар обичај, кој е констатиран кај многу народи во палеолитскиот и неолитскиот период, меѓутоа негови остатоци се забележуваат и во цивилизираното време на Грција и Рим. Кај Словените се забележани рудиментирани остатоци од овој обичај во погребувањето на малите, некрстени деца во куќниот праг, кај Малорусите. Во Србија се забележани повеќе обредни обичаи поврзани со мртвите, кои се извршуваат на куќниот праг: вградувањето на ноктите на мртовецот, кои во суштина го претставуваат неговото тело, во прагот, или вградувањето на мерката на мртовецот, земена со црвен конец, што ја има истата симболика и многу други. Според анимистичките традиции на народот, ваквиот начин на погребување, односно симболичниот начин на погребување во прагот ја одразува желбата душата да остане во куќата, заштитена од надворешните непријателски делувања, односно таа да ги штити домашните од злите духови. Местото на погребување, според нивното верување, во суштина е местото на понатамошното престојување на душата, на нејзиното вкотвување. Тоа место е во исто време просторот на кој живите ќе контактираат со него, каде се приредуваат собири и гозби во негова чест.
Погребувањето под прагот, односно во подот на куќата, што во суштина претставува интерпретација на желбата – духот на починатиот да остане во куќата, останало толку јако врежано во свеста на луѓето, така што надгробните споменици и саркофази, исто како и Словенските дрвени гробни куќи кои биле спалувани заедно со покојникот, како и етрурските урни, имаат форма на куќа. Ваквата традиција во исклучително силна форма постоела кај Словените. Истражувањата покажуваат дека и во периодите кога покојните биле спалувани, биле поставувани во мали дрвени објекти во форма на куќа. Во периодот кога започнува закопувањето на мртвите, тие биле погребувани под дрвени надгробни споменици во форма на куќа. Овој обичај не згаснува ни со Христијанизацијата, а во источнословенските села опстојува сè до минатиот век. Ваквите модели на куќи биле нарекувани „домовини“18F. Кај Јужните Словени тој обичај може да се проследи во средновековните споменици, кои биле подигнувани најчесто на територијата на денешна Босна и Херцеговина – стеќци. Тие претставуваат континуитет на овој обичај, со оглед на најчесто застапената форма – двосливна камена грамада во форма на куќа, а и според релјефите кои се на нив врежувани, кои носат во себе извонредно архаични митски слики. Погребувањето на покојникот, кој во архаичниот период бил поставуван во гробот во форма на фетус, го одразува верувањето дека мајката-земја ќе го препороди покојникот и повторно ќе го оживее. Во наредните периоди се задржува ова верување, со изменета поза во која се погребува покојникот, меѓутоа оваа желба е одразена во надгробниот споменик. Бидејќи архетипот на божицата – родилка е куќата, односно просторот што таа го зафаќа, со погребувањето во неа или под неа, односно нејзиниот модел, се смета дека ќе оживее покојникот.

#b
16. Кличкова В., Георгиева М., СВАДБЕНИТЕ ОБИЧАИ ВО СЕЛОТО ГАЛИЧНИК-ДЕБАРСКО, стр.161
17. Чајкановиќ В., МИТ И РЕЛИГИЈА У СРБА, стр.101-107
18. Рибаков Б.А., ЌАЗИЧЕСТВО ДРЕВНИ_ РУСИ, стр.86-120

АвторМеланија Шерденковска
2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 05, Литература|