Куќа – симбол

Куќа – симбол

КАМЕНОТ

Кога се зборува за градбата и градењето не може да биде заобиколено вековното одушевување на човекот за каменот, како еден од основните елементи од кои настанува градбата, за цврстината, облиците, а посебно за неговата разновидност, што е изразено преку богатата симболика поврзана за него. Според легендата за Прометеј, помеѓу човековата душа и каменот има тесна врска, односно каменот го задржува човековиот мирис. Каменот и човекот претставуваат двострано движење на подем и пад. Човекот се раѓа од Господ и се враќа кон Господ. Необработениот камен спуштен е од небо, бивајќи изменет се издигнува кон него7F. Обработениот камен во суштина е човеково дело и го симболизира човековиот чин кој застанува на место на енергијата на создателот.
Необработениот камен е пасивна работа, амбивалентна, ако на неа делува само човекот, каменот станува осквернет. Меѓутоа, ако на него делува небесна и духовна сила, за од него да направи довршен обработен камен, тој се оплодува. Со оваа симболика и доаѓаме до предодреденоста на уметникот за своето занимање, условно – божјата рака, која го води каменоделецот во неговата дејност. Преминот од необработен камен кон камен што го обработува Господ, претставува преод од непросветлена душа, до душа просветлена со Господово сознание8F.
Особено е интересна симболиката на масонството за каменот. Кај нив каменот со форма на коцка изразува поим на постојаност, рамнотежа и довршеност, а шилестиот коцкест камен е симбол на мудреците. Особено е за истакнување нивната симболика на пирамида, која е поставена на коцка, која го вообличува највисокиот духовен принцип поставен на тлото9F.
За одбележување е и нивниот посебен однос кон клучниот камен, чија идеја масонството ја превзема од Библијата, во која е именуван како камен на раздвојување, односно лачен камен. Тоа во суштина е и камен на довршувањето, крунисувањето и симбол на Христос, кој се симнува од небото за да го доврши Законот и пророштвото на пророците. Според Библиските преданија, сепак основната симболика на каменот, заради неговите непроменливи карактеристики е мудроста10F.

ОГНИШТЕТО

Центарот на куќата и на главните случувања во куќата е огништето. Огништето е симбол на заедничкиот живот, на домот, на врската меѓу мажот и жената, љубовта. Како соларно средиште кое со топлината и светлината ги зближува луѓето, но и место каде се подготвува храната, тоа станува средиште на животот. Во сите цивилизации, огништето се почитува, тоа е светилиште од каде се повикува Господ и каде се слави неговиот култ11F.
Она што претставува олтарот во храмот, тоа го претставува огништето во домот12F. Скоро сите обреди од раѓањето до смртта се одвиваат на огништето. Тоа не смеело да биде сквернавено со ништо. Според јужнословенските обичаи огништето е поврзано со хтонската божица на животот и смртта. Во нивните обичаи се задржале неколку, преку кои јасно ја наоѓаме неговата симболика – на гравидните жени им било забрането да го бришат огништето, во него за првпат се капе новороденчето, старите луѓе умираат на огништето13F; ако некој од појас извади нож и го забоде во огништето, тоа се смета за навреда на женската чест во таа куќа14F. Исто така, откако ќе влезе невестата во куќата на младоженецот, според Мијачкиот обичај, веднаш ја носат до огништето и симболично ја венчаваат со него, односно со куќата15F.
Во долгите векови на постепено цивилизациско усовршување, господар на огнот била жената. Потврда на ова е и култот на огништето, кое од антиката па натаму е во доменот на женските божества. Следејќи ги принципите на својата биолошка креативна моќ, создавањето на животот, таа ги извршува работите кои во себе ја носат вештината на создавањето – подготвувањето на храната, одгледувањето на животните и растенијата, керамичарството, па дури и, според новите сознанија, лиењето на металите, додека мажот ги извршува работите во кои ја покажува својата агресивност, сила и динамика. Во доменот на куќата, центарот на случувањата не претставува огнот, кој во суштина е активен машки елемент, туку огништето, печката, која го носи значењето на матката-родилка, бидејќи таа, со својата топлина, ги усовршува предметите ставени во неа и создава нови вредности.

#b
7. Chevalier Ј., Gheerbrant А., РЕЧНИК СИМБОЛА, стр.175
8. Chevalier Ј., Gheerbrant А., Исто, стр.245
9. Chevalier Ј., Gheerbrant А., Исто, стр.246
10. Chevalier Ј., Gheerbrant А., РЕЧНИК СИМБОЛА,стр.247
11. Chevalier Ј., Gheerbrant А., Исто, стр.250
12. Кулишиќ Ш., Петровиќ П.Ж.,Пантелиќ Н., СРПСКИ МИТОЛОШКИ РЕЧНИК, стр.220;
13. Кулишиќ Ш., Петровиќ П.Ж.,Пантелиќ Н., Исто, стр.220-221
14. Тановиќ С., ОГНИШТА И ДИМНИЦИ ИЗ ОКОЛИНЕ ЃЕВЃЕЛИЈЕ, стр.130
15. Кличкова В., Георгиева М., СВАДБЕНИТЕ ОБИЧАИ ВО СЕЛОТО ГАЛИЧНИК-ДЕБАРСКО, стр.161

АвторМеланија Шерденковска
2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 05, Литература|