Александар и смртта

/, Литература, Блесок бр. 39/Александар и смртта

Александар и смртта

До тебе, во Македонија сигурно веќе, по брзата линија, ќе стаса веста. Не знам дали си во Стагира или во Пела, или пак си се вратил во Атина – многу пред да го примиш моето послание. Но знам и каква ќе биде таа вест што прва ќе ја примиш. Синоќа ја составуваа Лаг, Селеук и Пердика во свечената сала на палатата. Знаеш, значи дека тоа е чисто дело на Птолемеј Лаг. Селеук и Пердика сигурно молчаливо гледале во пламенот на мирисните ламби или во своите сандали, а Лаг, без да обрнува внимание на нив, почнал: „Згасна сонцето што ги грееше Македонија, Елада, Мизија и Битинија, Фригија, Кападохија и Силиција, Ерменија и Сирија, Асирија, Вавилонија и Карминија, Сузиана, Партија, Сардонија и Бактрија. И големиот Египет. (Лаг тука го подвлече своето идно владеење). Отиде меѓу боговите Александар, синот Филипов (тоа е нагласено наспроти Олимпија), отиде најхрабриот и најчесен…“ и така натаму. Знаеш дека тоа се само празни зборови кои личат на вистината, дека тоа е само некаков пролог на драма пишувана од почетник, а вистинската драма која треба да следува ја нема и никогаш нема да биде напишана. Сигурно би била да беше Александар само филозоф, само тиранин, само херој, освојувач, подмолник или паталец. Ти ја знаеш таа смешна навика на сегашниве драмопишувачи – ликовите да имаат само една особина. Но тој беше, сигурно од сето тоа по нешто. Најмногу, можеби, беше скитник и љубопитник. А со таков лик не може да се состави драма туку комедија. Но Александар не е лик за потсмев, за шегобијство, за подбив. Тој, сепак, тоа не го заслужува. Тој беше човек, ми се чини дека и ова може да е точно, кој се плаши, а од кого најмногу се плашат. Но не, не можам да најдам никаква определба која накусо ќе го објасни. Тој беше Александар и за него треба да се пишува поинаку од сето она што е напишано. А, ете, тебе ти се обраќам и како на соучесник во судбината на Александар. Не е ова обвинување, а знам дека и така може да го разбереш. Не, зашто Александар не беше дело само на Олимпија, на Филип и на Леонида. Таа го научи да се мери со боговите а таткото и вујкото да ракува со кус и двофатен меч, со лак и со копје за фрлање, со сариса. Тој е и твое дело. Ти го учеше, непосредно, на умеењето да владее. Може ќе го одбиеш тоа како претерана заслуга. Но твоето учење за совршеноста на владеењето во Атина го одбиваше како сè што требаше да научи. Тој ја имаше таа незгасната особина да бара во сè што постои нешто што треба да се измени. И тој ти се спротистави: не ја одбра Атина како определба на своето владеење, туку нејасните примери на големите источни царства, на оние кои ги победи и ги освои. На Дариј и на Пор. А може мислата за царството да е поттикната од твоето учење за хармонијата? Можел ли умот на Александар сонот за убавината да го пренесе толку далеку, до бескрајната мисла за огромното царство во кое сите земји и народи ќе бидат во хармонија? Честопати ми се чинеше дека е тоа негова крајна цел. Не знам, не сум сигурен. Но, еве, дури ја гледам оваа непрестајна врвулица околу новата палата и новиот, голем театар во Вавилон, што ги изгради Александар, ми доаѓа и таа мисла за врските меѓу тебе и него. Јас сум во сенка. Да, го напишав точно она што е – стојам во сенката на северната колонада на театарот, но сега ми се чини дека сум ја рекол вистината за себе, накусо. Јас секогаш сум бил во сенка. Во големата, тешка и затемнувачка сенка на Александар. Но, кој не бил во неа? Кој, покрај него излегол на виделина? А гледам оттука, од сенкава, како преку големиот плоштад меѓу театарот и палатата се тркала, ползи, се бранува, огромната секојдневна вавилонска толпа. Забележувам дека ги нема воините. Пред меремерните скалила на театарот, веднаш тука, лево од мене, стои група мајстори, делкачи на камен, градители на столбови, режачи на капители. Го гледам и протомајсторот, ковчест Сириец. Велат дека ги градел сите палати, летни куќи, украсните порти на сите тврди градови на Големиот цар Дариј. Дружината му е од десетина цврсти, високи мажи, и црномурни и белолики. Крупни и опитни каменоресци од Индија, вешти во длабокото режење на мек камен, Атињани со живи очи кои никогаш не режат два исти капители иако стојат исти. Со нив е и еден од новите, новозбогатени достоинственици на Вавилон, поранешен незабележлив советник на Дариј. Водат жив разговор во кој никој никого не слуша. Широко мавтаат со рацете. Можеби малку препиле вино минатата ноќ и во раново утро се уште замрежени. Но, ене се упатуваат кон рамните места на некогашниот Мардуков храм, кон идните темели на некоја нова градба, една од оние што треба да се градат во овој нов центар на Икуменот. Александар е мртов но, се чини, дека Вавилон и натаму ќе се гради. Пак ќе се влечат столбови од Мармара, што стана обичај и некаква подразбирлива обврска кога се градат палати на богаташите. Пак ќе се сечат стари кедрови од далечното приморје во Либанските гори иако, со закана на смртна казна е дозволено сечење само за потребите на новата флота (триста нови бродови со триесет до шеесет весла!) и за упокојниот катафалк на Хефестион. Но богатите достоинственици наоѓаат можности да потплатат, да уценат, та најдолгите и најцврсти греди, годни за бродски основ да бидат вградени во нивните палати, украсени со резба и небришливи бои од исток. А Александар е мртов, неподвижен и немоќен тоа да го сопре. Но зарем можел да им застане на патот на тие недолични велможи и кога беше жив? И кога ќе дознаеше дека се случува нешто нечесно и забрането, спроти главните интереси на царското дело кои тој ги определуваше, својот бес ќе го истуреше врз оние кои ќе му ја откриеја вистината та сè помалку такви вести доаѓаа до него и сè повеќе втонуваше во самољубивата претстава дека сè се случува според неговата волја, во согласност со неговите желби и замисли. Кутриот Александар. Ја немаше моќта на Филип, на неговиот вистински татко, на неговиот создател, ја немаше неговата сирова умност да сфаќа сè околу себе онака како што е. Филип умееше од она што одеше спроти неговата волја да создаде свое предимство, умееше да ги потплати противниците, да ги привлече кон себе со бесни гозби, со ветувања, да се престорува дека тој се приклонува кон туѓата волја, да се прикажува победен и кога е победник. Од Аминта наваму сигурно немало полукав воин и владетел на Македонија од Филипа. А немало посреќен од Александар. Нему среќата секогаш му излегувала во пресрет, и тогаш кога бил на раб на поразот, кога и нему му се чинело дека е загубен. Како кај Граник и Ис. Затоа Александар беше обземен од своето величие и умееше да им го наметне на сите тој свој поглед врз себе си. Неговите победи стоеја лесни зашто сите, и Тебанците и Атињаните и Дариј и Пор, како птици што ги маѓепсува неподвижниот поглед на грабливецот, однапред во студенилото со кое стравот им го полнеше подребрениот лак, знаеја дека нивниот пораз е неизбежен. Зашто пред нив беше Александар. Но за Александар не беа победите, таа крајна цел на секоја војна, најважното што сакаше да го постигне. Тој единствен успеа битките што ги доби, војните во кои победи, мртвите, сакатите, крвта, страдањата, да ги престори во вредност со божествена важност. Тоа беше неговата дарба, она што никој пред него не успеал да го постигне – ниту големиот Набуходоносор, ниту Кир, Ксрекс, и Дариј. Опасна и проклета дарба. Не, и ти знаеш а и јас, па и сите блиски знаат, дека Александар не е од божествено потекло. Да, тој е од племето прости Македонци кои за Хелените и денес се барбари иако се нивни господари. Но божественото во Александар беше леснината со која се подготвуваше за војни и походи, со која победуваше. Кај него тоа не беше напор и мака, туку сè одеше лесно како на опитен, вешт и надарен занаетчија што не му тежи занаетот. Тоа кај него беше како да дише, како да спие, како да пие вода, како само од себе сето тоа, тие војни и победи, да си доаѓаат без тој да сака и без да мисли на тоа, без да се грижи. Тој самиот беше војна, беше победа та оттаму доаѓаше стравопочитот и кон она што го прави и кон него самиот како кон божество. Боговите тука се замешаа зашто тој ги привика а и се измешаа зашто тој ги помири и ги изедначи и старите македонски божества и хеленските богови и египетските, веројатно најстари и најмоќни, та се покажа како нивна рожба, како божји потомок. Ти знаеш дека сето тоа е измама на умот што сите ги зафатила и која Александар ја поттикнуваше зашто му даваше погодности и предимства. Но не умеам да одговорам на едно прашање кое сигурно го поттикнува и твоето љубопитство: дали Александар самиот верувал во своето божествено потекло. Било време кога бев сигурен дека верува, дека е заслепен од таа мисла која го дели од сите други, смртни, и го става над нив. Во тие мигови и имаше нешто божествено, моќно, непоимно. Беше затворен во себе, очите му беа завртени кон назад, кон сопствената душа. Беше тогаш бесчувствителен за страдањата околу себе, опседнат со мисли кои ненадејно доведуваа до чудни, навидум неразумни одлуки. Тогаш се решаваше кога ќе почне некој поход, кога некој од блиските сатрапи или двојрани ќе биде убиен, како ќе се искаже молитвата утрото – со жртва, со покорност, со хор, или со намуртен лик, молкум, како со омраза кон рамните на себе. Омразата кон боговите која Александар можеше толку видливо и негрижно да ја покаже сите ја примавме со зазор и страв, проколнувајќи го во себе оној негов горделив гнев кон оние кои единствени имаа право на гнев. Тогаш беше божествен. Но во тие мигови злото го владееше неговиот дух, се готвеа страшни, неправедни дела. Верувам дека во тие екстази беше убеден оти е бог, дека му е дадено да господари со животот и со бесмртноста, дека допира до она место од кое сè натаму е отворено, без граници, без забрани. Допираше тогаш, чинам, гледајќи го одблиску, до самата суштина на божественото, до вистинското битие на злото. Но, да, знаеш и ти дека можеше или умееше да биде и човек со многу добродетели, со многу мали, секојдневни слабости. Самољубен и чувствителен како и некои од музите и хировит и своеглав како хетера. Чудни споредби, мислиш? Но јас барем знам дека имаше во него некоја устојчива женска каприциозност која не умееше да ја сокрие иако се срамеше од неа. Во тие мигови, кога ќе видеше на моето лице дека го препознавам тој негов проклет привик на природата, ќе светнеше, двобојно, во неговите очи омраза. Омраза кон мене кој ја знае неговата слабост. Но, таа болна точка која гој самиот најмногу ја чувствуваше беше најневината и најзабавната страна на неговиот карактер. Можеби само во кругот на некогашните твои ученици од Миеза, гој бидуваше подобар, попитом и помек одошто во миговите на таа своја смешна каприциозност.

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 39|