Александар и смртта

/, Литература, Блесок бр. 39/Александар и смртта

Александар и смртта

Но, еве, сè е готово. Тој е мртов и сето тоа отиде во неговото неподвижно тело. Сега лежи таму, во полната сала на големиот, нов, негов, театар. Така, за него, и беше направена таа неголема просторија, опкружена со колонада столбови, поврзана, од едната страна со коридор, со главниот, церемонијален влез за царот и за истакнатите личности, а од другата со скалила кон царската ложа. Таму, под големата маса на централниот дел на амфитеатарот, под самата царска ложа, беше, можеби, и најстуденото место во Вавилон, барем колку што јас знам. И сега тој лежи врз издигнатата бела мермерна плоча на која секогаш имало овошје и вино, лежи на таа трпеза како овенат плод, исушен однатре, збрчкан и збран. Малата става му е уште посмалена како кај сите мртовци кои долго боледувале. Двајца негри, од горен Египет, со лесни оризови павкала го шират ладниот ветрец над измаченото тело, ги гонат оние зли, зелени муви кои напаѓаат смет и мртовци. А еве, сега ќе почне таму, во царската палата да се решава судбината на неговото натамошно постоење. Веќе цел ден, како што слушам, се расправа таму за едно прашање – што ќе биде со телото на царот. Одам кон палатата преку осончениот плоштад. Од една страна, зад мене, останува онаа скрита одаја со мртвиот цар, а пред мене, во палатата, во големата престолна сала за царски примања е збрана македонска група –Птолемеј Лаг, Пердика, Неарх, Пцевст, Касандар, Мелеарх, Селеук. А јас, кој постојано сум бил во сенка добивам една силна желба да останам под светлото сонце токму тука, среде осончениот плоштад, среде тој широк простор, опкружен со сенчести колонади, среде тој рамен припек исполнет со врвулица, со разџагорена толпа. Имам желба да останам под светлото сонце оддалечен од двете места, од театарот и палатата, кон кои чувствувам зазор, страв, одбојност и немилица. Од мртвиот цар, склопчен врз мермерната плоча во сенчестата сала, која и среде ден, покрај малуто светленце од излезните скали кон ложата, непрестајно е осветлена со бронзени, украсни светилки со мирисни масла, и тука, на припекот ми доаѓа оној мирис на распорена риба која претходи на мртовечката реа која никакви мирисни масла не можат да ја задушат. Од салата во царската палата уште тука ме прободуваат оние подмолни и одбивни очи, исти кај сите, со кои гледаат меѓусебно блиските воини, војсководци, пријатели, другари на царот, соборци и врсници. Кон крајот на болеста на Александар, тука во Вавилон, тие очи беа сè повеќе полни со недоверба, со сомничавост, со глад за моќ, со неизвесност во која се наоѓаа сите пред брзиот тек на болеста на царот која наближуваше кон смртта. Но, учителу, не беше тоа време на некоја поинаква, посилна омраза меѓу нив. Не, тоа само беше време на општ страв. Секој се плашеше за себе. А стравот од некого ја раѓа и омразата кон него. Но, ти, учителу, сигурно си ги забележал тие чувства на непријателство меѓу нас уште кога се делевме од детските години, кога ти, по волја на Филипа (на Билипо, како што ти го викаше на стариот наш јазик) дојде кај нас да ни го осветлиш духот. Се сеќавам на твојата насмевка со која ги следеше кавгите, меѓусебиците, гневните згушувања меѓу нас. Но јас никогаш не учествував во тоа иако ти и мене ме опфаќаше со казните да не одиме на некоја претстава од театарските свечености во Пела или во лов на лисици. Ти бев благодарен што, иако невин, не ме делиш од другите во тие казни. А мене ми беше и полесно и поубаво да останам во мирот на гимназиумот во Миеза, одошто да јавам со часови до Пела заради некаква провинцијална претстава или да одам, макар и во мека, царска кола, во густите шуми над Еге, во лов во кој никогаш не уживав. Но, ти ја знаеше таа омраза која не се јавува често меѓу млади луѓе, оти што и да правевме, местото на првиот беше решено и ние можевме да се бориме само за неговата милост, внимание или доверба. Да, знаевме, Билипо ти беше рекол дека сите сме му исти и така треба и ти да се однесуваш кон нас и оти на Александар не му дава никакви предимства какви што за својот син бараше Олимпија и какви што му даваше суровиот Леонида. И ти сакаше да бидеме еднакви но Александар ти се наметна како прв иако многумина беа пред него и во логиката и во филозофијата и во пишувањето. Александар всушност те победи, ти се искачи над твоите знаења, ги омаловажи и ги обезвредни, те понижи зашто те примора и ти да гледаш на него со поинакво разбирање и внимание одошто на сите нас, другите. Ти го издели или тој ти се издели, не знам. Затоа ја пречкртувам онаа реченица што пред малку ја напишав, во која те навредив. Ја пречкртувам со една широка црта преку папирусов, да можеш да ја читаш и да ја разбереш но да знаеш дека се откажувам од неа, дека неразборно сум ја напишал. А можеби ти му даваше повеќе слободи зашто знаеше дека формираш иден владетел, цар, водач. Ти го водеше и го воспитуваше но не знаеше што бидна тој. Затоа и ти го пишувам сево ова. Не знам како ова ќе допре до тебе. Кога и како ќе ти го испратам напишаново. Гледам, папирусов се множи и се завиткува во сè подебела траба, а слушам дека брзите линии кон Македонија смеат да носат само вести што ги одобруваат диадохите збрани во царската палата Но, се надевам, како ти што нè учеше, дека гласот на вистината и напорот на добродетелта ќе дојдат навреме до својата цел.

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 39|