Пет Метини: зборува за сегашноста

/, Звук, Блесок бр. 38/Пет Метини: зборува за сегашноста

Пет Метини: зборува за сегашноста

#7Дали сегашната публика кај фестивалите надвор од САД ги цени различните аспекти на тоа што вие (а и останатите џез уметници) го работите, во однос на публиката дома?
Се надевав дека никогаш нема да одговорам потврдно на ова прашање. Долго време ја имав таа среќа да можам да кажам дека публиката која ќе дојде да нè види како настапуваме каде било во земјава би можела да им парира на оние кои нè гледаат ширум светот. Веќе не можам да го кажувам тоа.
Оваа земја навистина се промени. Се чини дека сè започна кога Реган за првпат беше избран за претседател. Сегашната култура во Америка се чини помалку заинтересирана за уметноста. Луѓето не сакаат да ги напуштат своите домови премногу и чувствуваат потреба да седат пред својот телевизор или да висат на интернет. Луѓето презираат да плаќаат даноци за подршка на образованието особено кога се однесува на уметностите. Од друга страна, не се свесни за распаѓањето на културата околу нив. Се чини дека ним навистина не им е гајле.
Пред неколку години, бев да ја видам Арета Френклин кога настапуваше во Медисон Сквер Гарден. Во програмата беа вклучени настапи на голем број ѕвезди, а таа требаше последна да настапи и веќе беше околу 10 часот кога Арета се појави на бината. Таа беше супер и се покажа во нејзиното најдобро издание. Меѓутоа, после неколку песни забележав дека луѓето, еден по еден, почнаа да си заминуваат, додека Арета пееше најдобро што можеше. Кога заврши настапот беше можеби 10:45 часот, меѓутоа во салата имаше околу 500 луѓе. Беше јасно дека едноставно секој сакаше да се врати дома – не се работеше за тоа дека тие не го разбираат тоа што таа го пееше или дека беа навредени, едноставно им беше доста за таа вечер. Бидејќи дојдоа уште во 7:30, беа уморни и едноставно сакаа да заминат дома. Тогаш сфатив колку работите се промениле. Тоа беше толку сурово, без почит, толку плитко, толку многу во стилот на однесување поттикнато од далечински управувач. Од тогаш, забележувам дека и за време на нашите концерти – 20 минути пред крајот, луѓето си заминуваат. Го гледам истото и кај спортските натпревари.

Да, тоа е срамно. Едноставно, сакаат да си заминат дома пред да заглават во гужвата на паркингот. Исто како во песната на Запа, “America Drinks and Goes Home”, тоа стана еден вид навика иако тоа не дава никаков коментар за квалитетот на понудената програма.
Иако недостатокот на целосна подршка и енергија која луѓето ја посветуваа и ја нудеа на нивната култура е заменета со еден вид потиштеност, која се чини е присутна насекаде.
За среќа, Европа и Јапонија се покажаа најиздржливи во однос на овој пад на вредностите кој ѝ се случи на оваа земја. Тамошната публика е подобро информирана, таа е повеќе ентузијастички расположена и е помлада во однос од порано. Морам да кажам дека, како резултат на тоа, сè повеќе и повеќе најдобрите музичари доаѓаат од други места, а не од САД. Најголемата иронија е дека локалните музичари во овие сосема софистицирани и музички едуцирани општества ги имаат истите проблеми во сопствените држави кои ги имаме и ние. На пример, германските музичари кои се неверојатно добри музичари, воопшто не се прифатени од германската публика на ист начин на кој тие ги прифаќаат американските музичари. Или барем така ми наликува мене.

Да, тоа е навистина чуден феномен: некои уметници мораат да ја напуштат својата земја за да успеат. Џими Хендикс успеа да стигне до одредено ниво сè додека не замина за Лондон и не се врати успешен на некое друго ниво. Откако споредив некои концерти на Мајлс кои ги имав или слушнав, се чини дека тој повеќе ризикувал на места како Италија отколку во Калифорнија. Дали се наоѓаш себеси како свириш поинаку во Европа, Јапонија, Јужна Америка отколку тука, како резултат на очекувањата на одредена публика?
Што се однесува до Мајлс, многупати го имав слушнато за време на неговите настапи ширум САД, Јапонија, Европа и мислам дека не можеш да ги поткрепиш тие аргументи со музиката која ја изведувал. Обично тој звучеше одлично каде и да настапуваше, и мене ми се чинеше дека тој е еден од оние музичари кои ја носеа публиката до место кое тие ретко би можеле да го замислат, без разлика каде да се наоѓаа поради разликите во локациите. Можеби еден од главните елементи од генијалноста на Мајлс беше начинот на кој тој можеше да се поврзува со луѓето користејќи неколку ноти и да го носи тоа чувство со себе цела ноќ.
Би рекол дека многу е тешко да се генерализираат работите според публиката. Може да се случи да имаш одличен настап некаде за време на турнејата и следниот пат кога ќе настапиш таму да не биде така добро. Понекогаш настапуваш повеќе вечери во едно место и секоја ноќ е потполно различна. Едноставно, мораш да бидеш отворен кон она што навистина се случува додека се случува и да бидеш подготвен за изненадување. После целиот овој разговор за публиката, претпоставувам дека треба да додадам, бидејќи ова е навистина одговор на прашањето, дека најважната работа и според моето искуство, тоа е единствената работа која навистина функционира, е да свириш за своја душа – сè друго е само претпоставка.

#8Така е, и, се разбира, Мајлс секогаш давал сè од себе. Мислев на другата страна од тоа што го правеше, дека понекогаш добиваше поинаков изглед на одредени локации во однос на останатите и знаејќи колку бил искрен кон музиката тоа најверојатно не било свесно направено. Што, според Вас, означува успешна изведба или успешно снимен документ?
Можеби како спијам ноќта после настапот? Во врска со албумите, индикатор колку сум задоволен е колку пати го преслушувам за време на периодот кој се случува помеѓу завршувањето на мастерингот и периодот на неговото објавување. Со тоа велам дека јас сум првиот кој објавува дека на мојата перцепција не би требало да ѝ се верува. Најдобро е да дадеш сè од себе во тој момент и да продолжиш понатаму со повеќе искуство и знаење.

Повеќето музичари се сеќаваат на настани за кои можат да посочат дека се пресвртница во врска со правецот, вредностите итн. Кои се твоите такви моменти?
Најголемата пресвртница за мене беше кога имав 14 или 15 години и постарите музичари од околината на Канзас, како што се Гари Сивилс и Пол Смит, почнаа да ме викаат да настапувам со нив на концерти. Сè што ми се има случено од тогаш произлезе од моите искуства. Јас имав голема среќа да ги имам тие шанси и да учам од музичари од тој ранг на таа возраст.

Што е следно откако ќе заврши оваа турнеја?
Навистина се надевам дека ќе можам да посветам повеќе време на работата со самата гитара. Се чини дека има работи за кои не сум имал време да ги направам, да се обидам да свирам подобро и да ги рафинирам повеќето идеи кои ги имам за импровизирањето. Би сакал повторно да направам албум со квартет состав со луѓе како Лајл, Стив и Антонио и да настапуваме во помали места. Би сакал да снимам повеќе дуети со музичари за кои се чувствувам приврзан, можеби некаква серија албуми.

Тоа би било супер. Дуетите со Чарли Хејден и Џими Хол беа спектакуларни. Ви благодарам.

Превод од англиски: Ненад Георгиевски

АвторМајк Бренон
2018-08-21T17:21:36+00:00 септември 1st, 2004|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 38|