Пет Метини: зборува за сегашноста

/, Звук, Блесок бр. 38/Пет Метини: зборува за сегашноста

Пет Метини: зборува за сегашноста

#3 Покрај новиот материјал, што уште ќе изведувате за време на претстојната турнеја?
Материјалот кој овој бенд го има на располагање е огромен, бидејќи има многу постари нумери кои сè уште се интересни за свирење, што од своја страна ни го отежнува изборот за оваа турнеја. Ќе биде голем предизвик сето тоа да се притисне во трите часови колку ќе настапуваме секоја ноќ. Сè уште не сум одлучил кои од постарите нумери ќе ги изведуваме, меѓутоа секогаш е забавно да се види како постарите функционираат рамо до рамо со новите, со што (понекогаш) добиваат нов живот.

Тоа ќе биде долга листа. Досега голем дел од твојата работа го имаш изведувано со разни постави, трио, квартет, септет и поголеми формации вклучувајќи и туѓи групи, па дури и соработка со биг бенд. Какви промени во аранжманите мораш да направиш за да ја свириш истата музика со поголеми или помали формации, во однос на оние за кои првично беа наменети? Кој распоред повеќе ти се допаѓа?
Ерленд е многу талентиран аранжер и композициите кои ги напиша не беа наменети за традиционална биг бенд инструментализација. Тука имаше гудачки квартет, четири дувачки инструменти и поголема ритам секција. Тоа што ми се допадна најмногу беше тоа што тој ги зеде делчињата и ги направи како свои.
Но, такви ситуации кај овие посебни проекти се ретки во однос на тоа што јас го правам. Обично настапувам со свои бендови, што го сметам за вистинска привилегија. Различните формати и инструменти со кои работам доведуваат до поинакви работи и нудат шанса да се работи на различни аспекти на работите, за кои еден ден се надевам дека ќе ги соберам на едно место. Работата со група од повеќе причини е најотворена, бидејќи не постои ништо слично на тоа. Честопати се соочуваме со музика и инструменти кои воопшто не би можеле да постојат во некој друг период, поради напредокот во изработката на музичките инструменти и студиската технологија, и се чини дека сè повеќе и повеќе доаѓаме на своето. Сепак, во исто време, без разлика на контекстот, мојата цел е едноставна – да се обидам да најдам нешто во какво било опкружување кое ќе биде резонантно и вистинито и кое мене ќе ми биде музички интересно. Дали се работи за трио или група, или биг бенд или што било друго е речиси неважно.

#9Како би го опишал новото издание? Што можат новите слушатели, како и оние долгогодишните, да очекуваат: нешто што е ново или поинакво во врска со него?
Би го опишал како голем исчекор за нас. Од почетокот до крајот, музиката едноставно надоаѓаше од секој од членовите. Како и кај повеќето наши изданија, ќе мора да го преслушате повеќе пати за да увидите некои работи што се случуваат, сите текстури и детаљи, и начините на кои овие нумери се направени. Што се однесува до „новото и различното“, тоа зборува самото за себе, притоа користејќи го јазикот на музиката – тука има многу аспекти од музиката, формите кои се користат и начинот на кој целиот бенд (особено ритам секцијата) свири заедно е сосема поинаков ако се спореди со претходните формации или албуми. Со тоа сакав да кажам дека отсекогаш сме биле заинтересирани да се фокусираме на развојот на нашиот речник од звуци, хармонии и можеби најмногу од сè, мелодиите. Гледајќи назад, овој бенд отсекогаш бил компатибилен со самиот себе. Тоа значи дека работите кои ги имаме направено од почетокот сè уште се корисни и прикладни кон сè што се случило од тогаш. Сè уште не се случило да отфрлиме нешто од претходниот период и да кажеме „кај ни беше паметот тогаш, никогаш повторно нема да дозволиме да направиме такво нешто“. Мислам дека нашите сфаќања околу извесни хармонии и акорди се продлабочија со годините, додека ние научивме многу во изминатиот период.
Но, целата идеја континуирано да се создаваат работи кои се „нови и поинакви“ е интересна. Очигледно, имало периоди кога објавував албуми кои звучеа сосема поинаку во однос на претходните. Сето тоа создава исчекување дека секогаш мора да биде така, дека што и да е помалку од тоа, е едноставно – помалку. За мене, најважната работа кај овие албуми, всушност кај кој било музички проект, без разлика дали е настап или проба или нешто трето – е да го пренесе емотивниот аспект од тоа што музиката има да ни го понуди. Емоциите се најважни. Сите инструменти се алати со надеж дека ќе ги разоткриеме емоциите и чувствата кои се јасни и имаат некаква резонанца. Кога правам интевјуа како што е ова и кога ќе дојде до судир меѓу зборовите и музиката, секогаш има тендеција сето тоа да се изгуби во описот. Полесно е да се зборува за формата и каков тип на жици и каква техника на снимање е користена и кој е новиот член во бендот, меѓутоа тоа е само зборување во празно ако се спореди со една навистина добро отсвирена нота. За мене, сè што влегува во процесот на создавање музика е од голема важност, почнувајќи од начинот на кој е таа замислена и спроведена до емоциите кои го имаме. Меѓутоа, сè што се случува во процесот, се надевам, го доловува вистинското чувство кое може да биде изразено единствено во еден одреден дел од звукот.

Ова е првпат после подолг период да заминете на турнеја после измените во составот, каде не само што е направена измена кај „периферните“ членови туку и кај основата на бендот, односно во ритам секцијата. Колку работите се променија со заминувањето на Пол Вертико после 15 години со бендот?
Нашиот нов тапанар, Антонио Санчез, на многу начини стана еден вид катализатор на бендот. Тој е неверојатен музичар и неговото присуство во бендот навистина нè натера да размислиме за некои работи на кои претходно не сме помислиле како можности. Секојпат кога свирам со него се наоѓам себеси како повторно и повторно ја преслушувам лентата, слушајќи различни работи во начинот на кој пристапува кон работите. Стив и Лајл го делат истото мислење. За мене, тој е еден од најдобрите тапанари со кои сум настапувал веќе подолго време. Исто така, тој е позитивна личност со големо срце. Заедно со него и Стив, ова лето одржавме неколку предавања во Шпанија и начинот на кој тој зборуваше со студентите и јаснотијата со која тој се обраќаше додека презентираше многу сложени идеи, ме потсетија на начинот на кој тој свири – тоа оди едното со другото. Еден ден би сакал да снимам дует албум со него.

#4Забележав дека на новиот албум имa малку рециклирање на некои твои одредени теми. Ова можеби не е прв пат, но дали си изненаден кога луѓето ти велат дека препознаваат претходно снимени моменти во новата музика?
Мислам дека тој аргумент не би можел да биде подржан во музичка смисла, посебно ако зборуваме за одреден тематски материјал. За мене, не постои ништо што е „рециклирано“ во однос на овие нумери. Да, тука постои еден речник кој е усовршуван преку 20 години работење, и би сакал да помислам дека после сето ова време има елементи кои сме се обидувале да ги направиме и кои се сега препознатливи, но ако се однесува на нешто што е надвор од музичката терминологија, одговорот е не.

Слично на тоа што го изјавил Пикасо, „Обиди се да направиш сè, но само еднаш“, имаш изјавено дека со секој проект се обидуваш да ги промениш методите со кои компонирате. Од каде доаѓа инспирацијата за музиката овојпат?
Целиот материјал беше снимен заедно, а после тоа Стив, Лајл, јас и Роб Итон почнавме да го бараме она што го сметавме за најдобри моменти од тоа што го изведовме. Имаше еден период каде работите беа рафинирани пред да дојдат до процесот на миксање, како и додавање некои делови што е начин на работење кој го практикуваме веќе подолго време.
Што се однесува до прашањето од каде доаѓа инспирацијата, тоа е тешко да се одговори. Општо земено, за мене, поставата на овој бенд претставува еден куп нови можности и се чини дека музиката гравитира кон тие места. Сепак, тешко е да се одреди, па дури и да се идентификува инспирацијата. Целта е секогаш да се обидеш да се појавиш со материјал кој ти звучи добро и кој ги задоволува релативно високите стандарди кои ги имаме поставено за себе со текот на годините, и како слушатели и како фанови на музиката. На крајот, едноставно се обидуваш да ги најдеш добрите ноти.

Дали можеш да објасниш што е тоа што сегашните членови го внесуваат во „новата и старата“ музика? Како го направи изборот за овие музичари?
Сите тие се силни индивидуи, што е нешто што навистина го посакував, особено кога Антонио стана дел од бендот. Ричард Бона е некој кој во основа е музичар со досега невидени способности. Неговиот опсег на музички изразувања е толку уникатен, во однос на тоа кој е тој како личност. Прво што забележав кај него е неговиот глас кој е едноставно убав, а од друга страна тој е одличен перкусионист. Ричард ќе ги остави своите проекти на страна за да настапува со нас за оваа турнеја. Се чини дека ова е нешто што тој сакал да го направи уште од времето кога првпат го слушнал бендот, пред неколку години. Куонг Ву е некој кој внесува своја оригиналност во оваа мешавина.
Претпоставувам дека отсекогаш сум барал трубач кој ќе понуди нешто што е повеќе од очигледното. Кога првпат го слушнав Куонг на радио една ноќ, едноставно морав да откријам за кого се работи. Тој постојано зборуваше за некои албуми од доцните 80-ти, што ме натера повторно да ги преслушам. На некој начин, тој ме потсети на некои од мелодиските приоритети што ги имав во тој период а на кои не сум се фокусирал во последните неколку години.

АвторМајк Бренон
2018-08-21T17:21:36+00:00 септември 1st, 2004|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 38|