Растење на светлината

/, Галерија, Блесок бр. 71-73/Растење на светлината

Растење на светлината

Белата фаза на Мазев е антитеза на баналното и деградирачкото-деградираното. Наспроти Батаевата хоризонтализација, неговите енформелски слики се вертикални, имаат смисла и значење поврзани со духовноста, светоста, возвишеноста, не во религиозна, туку во една метафизичка смисла. Тенденцијата на Мазев кон естетското, кон убавината на сликата, може да се поткрепи и со ставот на Умберто Еко14F „Се чини дека и во енформелистичките слики(…) може, и покрај сè. да се забележи присуство на некакво правило, на некој систем на референци, иако различен од оние на кои сме навикнати (…). Овој код се избира како модел, по чиј пример ќе се структурираат физичките, техничките па и семантичките слоеви и тоа не на начин што делото би предлагало слики, односно значења, туку би формирало форми (макар и безоблични), кои може да се препознаат“15F.
Индикативно е и што мислел самиот автор за ова фаза. Во суштина искрено ѝ пристапил на оваа проблематика, но не сакал тоа да го нагласува. Во суштина не сакал да ја негира претставата, не реагирал револтирано кон сликарстворо туку ги истражувал можностите на материите: на новите, на старите и на нивната синтеза (масло на платно, песок, дрво, хартија, штици, монистра) во потрага по праматеријата или суперматеријата. „Четири години ме држеше белото. Што ме доведе до белото? Ја сакав белата боја и направив многу слики со неа. Белата боја била секогаш присутна во моето сликарство. Макар како дамка. Јас имам една слика Рудари. Тука дојдов до чистење на боите, до едноставноста на односот Земја-небо. Тука и ја добив белата боја. Мислам, многу едноставно… Размислувајќи за тоа, сознав дека во мојата бела фаза на творење имаше нешто резонерско. Тоа не беше мојот темперамент, тоа беше премногу смирено во однос на мене“16F. Потоа тој изразува покајување дека така создавал (апстрактни дела), и како да се извинува префрлајќи ја топката на американско поле, на поднебје што е туѓо за нашиот човек. Дали влијаеле некои внатрешни сили или идеолошко-политички притисоци за да продолжи на следниот начин во истото интервју: „Тоа навистина е евтино, но прашање е колку може да го „држи“ човекот. Мислам дека такво сфаќање на уметноста е вулгаризирање на чувствата на луѓето. А тоа сега се презентира на биеналињата, триеналињата од меѓународен и од југословенски карактер“17F. Кога разговарав со него во 1990 година, по повод неговата ретроспектива, Мазев изјави: „Знаете, мојот сликарски пат постојано се менуваше… потпаднав под влијание на енформелот, кој тогаш … само што се појави кај нас. Бидејќи тој ја негираше формата, јас како „алат“ ја избрав бојата и тоа белата. Таа бела фаза, тој „енформел“ ме научи како да ја почувствувам материјата на сликарството, а таквиот однос, еве сè уште, трае кај мене“18F. „Кога денес ги гледам овие слики (од „белата фаза“) си спомнувам на сите подробности сврзани за секоја од нив. На тоа какви чувства имав кога ги сликав. Се сеќавам на секој потег со четката, како сега тие да излегле од мене. Белината на овие слики ме потсетува на детството, на моето Кавадарци варосано бело за Велигден. Таа белина од моето детство подоцна во животот ја сретнав по македонските манастири, па затоа некои слики од „белата фаза“ се со црно или кафено парче од манастирска порта. Порано оваа своја фаза најмалку ја сакав. Ми се чинеше дека по својата природа не сум толку нежен и чувствителен како што се покажува во неа. Затоа и престанав да сликам бело. Знам дека тогаш се прашав: Зарем сликарството не е боја? И го оставив белилото, го побарав интензитетот на бојата, најсилните тонови од секоја боја… Поминав од една крајност во друга. Барем тогаш мислев дека сум направил нешто различно. А, всушност денес, на оваа изложба кога си ги споредувам белата фаза и сите други фази со интензивни бои што следуваа по неа, гледам дека јас сум тој истиот сензибилитет, само претворен во повисок звук. Сум бил нежен на белите слики, но таа нежност се судирала со грубите парчиња дрво што го ставав на тие слики. Ова голема изложба ќе му овозможи на гледачот да сфати дека моето менување сум, всушност, јас“19F. Во еден друг разговор со мене, Мазев вака се исповедаше: „Со белата фаза најмногу сум згрешил поради следење на актуелната струја на енформелот во светот, но ми користеше да влезам во материјата, во смисла на дишење, на хранење на платното. Овие дела се осмислени, осетени, во нив има светлина, рафинман, звучност на акцентите. Како замена за напуштената форма ја истражував материјата. Тоа беше чисто ликовно искуство, игри за испитување можностите на материјата: ни форма, ни боја, ни содржина. Еден француски уметник видел една од моите бели слики на изложбата на македонската уметност во Собранието на СРМ и рекол дека Мазев е сликар кој најдобро ја познава материјата… Во белата фаза како звук, како контраст, како судир ставав еден порационален елемент (парче дрво на пр.)… Со белата фаза се затворив и затоа пак почнав од почеток со интензивна боја. Доколку човек зборува со јазикот на своето време, го наоѓа своето вистинско место. Кога сликам не мислам на публиката, не мислам ни на мене, се губам, станувам слика. Ако сум вистински сликар, публиката ќе ме пронајде, нема јас да ја барам.“20F
Постојаното колебање, и ликовно, и сликарско, и во праксисот и во исказот (вербален и во објавените интервјуа) е израз на неговиот карактер и темперамент, во крајна линија на неговиот став кон модерните естетски движења: непостојаноста како услов да се биде постојано нов. Тоа е неговиот континуитет и доследноста на идејата, а не хоризонталното, хронолошко следење на еден ист уметнички правец.
#10 „Патријархалната природа на модерното општество е одговорна за нарушувањето на рамнотежата особена за обредното живеење. Затоа изгледа дека уметникот е последниот признат член на општеството, кој доследно ги импровизира примерите што се суштествени за стабилизацијата на обредот. Она во што уживаме во уметноста не се боите или обликот, побргу би можело да се рече дека тоа е зафаќање во величествено изведениот обред. Тоа го прави ’хуманизмот’ за кој толку тврдокорно се држиме“21F. Во оваа смисла треба да биде сфатено настојувањето на Мазев да и го врати ритуалното значење на уметноста во ова време на губење на идеалите, вербата, религијата. За него уметничкиот чин, бездруго, претставува религија на живеењето, инкарнација на трансцендентните возвишувања во опстојувањето.
Во 1968 година Петар Мазев направи една слика која во почетокот се викаше Светец, потоа Македонка. Таа беше јасно енформелска, на која апостериори, преку ноќ се појавија некои човечки обележја. Таа е клучна слика – со неа завршува апстракцијата, а почнува фигурацијата, ако зборуваме со тогашното значење на овие треминолошки определници. „Таа е навистина преодна слика. На некој начин е стерилизирана и во однос на енформелот и во однос на фигурацијата. Бев заситен од апстракцијата. Некоја внатрешна нужност ме тераше да ѝ се вратам на фигурацијата … Во тој период во мене се роди некоја амбиција. Го обоив платното црно и од тоа црнило почна да расте белото, да расте светлината. Врз неа се таложеше бојата на лицето и на рацете. Сакав да докажам дека можам да направам и студија и тоа на друг начин. Белата боја ми помогна да ја создадам светлината и да применам сосема поинаков третман од класичниот…“22F.

#b
14. Eko, Umberto, во: Kultura, informacija, komunikacija, Nolit, Beograd, 1973, pp 174-178.
15. Неделковска, Лилјана, во: Библиографски поглед на дел од творештвото на Петар Мазев, Библиографија, МСУ, Скопје, 2005, стр. 26-27.
16. Спиркоска, О(лга), во: Мазев: Уметноста се создава без скици, Нова Македонија, Скопје, 20.07.1970.
17. Исто.
18. Абаџиева Димитрова, Соња, во: Петар Мазев, Скопје, Музеј на современата уметност, 1990 (cat.exh.).
19. Ѓуровска, Софија, во: Опсесија со љубов, Разговор со повод: Петар Мазев, Нова Македонија, Скопје, 26.05.1990.
20. Абаџиева, Соња, во: необјавен разговор со Мазев на 23.06 1976.
21. Burnham, Jack, во: Umjetnost i tehnički napredak, vo: Plastični znak, Izdavački centar, Rijeka, 1982, 222.
22. Абаџиева Димитрова, Соња, во: Петар Мазев, цитирано дело, стр. 43-44.

2018-08-21T17:21:03+00:00 јуни 30th, 2010|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 71-73|