Време на моментот

Време на моментот

За националниот театар
Не-професионалците на сцена
Модели
Кој го уби театарскиот критичар
Идеалниот актер

Не верувам дека некој некогаш ќе ме прогласи за најумен како во приказната за царството во кое една година се родило лошо жито, па од лебот направен од него сите луѓе можеле да полудат, другата година се родило добро жито, ама само за еден човек. Тој од царот бил избран за најумен во државата и имал една единствена задача, да ги потсетува останатите жители на царството дека се луди.
Во ниту еден случај не би поверувал дека јас можам да бидам избраниот што ќе се движи меѓу лугето и воедно да ги распрашува каква им е раколтата или ќе наоѓа замерка фрлено на неплодна почва.
Тешко и срамно е човек да се чувствува најумен во државата, дури и во таква што државната каса ја полни само од извоз на банани. Замислете си да имате задача – постојано да го убедувате народот дека е луд – простете, прост или едноставно неумен.
Сепак, ваквите констатации не ме спречуваат во намерата понекогаш да прошетам меѓу луѓето и со некој од нив да поразговарам за она што мене најповеќе ме интересира. Значи да поразговараме за театарот.
Токму пред некој ден на една прошетка прашав симпатична актерка зошто се запишала на постдипломски студии, т.е. зошто сака да биде доктор по театрологија? Одговорот ми го даде нејзината убава насмевка и полузатворените очи низ кои сјајеше небесна синевина. Помалку збунет не беше ниту младиот артист, на кого исто онака од ракав му го истурив прашањето: Зошто сакаш да докторираш на театрологија?
Во истите тие денови, можеби и на истата прошетка, еден новинар ми рече: Знам театарски критичар што би сакал да стане доктор по театрологија, ама не ги исполнува условите. Многу има пишувано за театарот, а театрологијата по сè изгледа не е тоа.
Тоа ми беше доволно да сфатам дека или ние немаме театарски критичари или се квази или сè знаат, па повеќе не им е потребна едукација. Со чест на два-тројца, (едниот, од дадениот број, е веќе во пензија и е без обврска да пишува) ние немаме театарски критичари.
Овде се поставува прашањето, зошто?
Прво: оти ја изгубиле својата неутралност, па од критичари станале театарџии.
Второ: оти немаат услови да бидат критичари, т.е. немаат медиум. Погледнете колку весници, телевизиски и радио станици, има во Македонија, а колку од нив објавуваат театарски рецензии.
Трето: оти си нашле поубава, поперспективна работа.
Четврто: оти едноставно некој ги отепал. Пукал во нив.
Таму некаде на Запад, можеби во Америка, некои театарски критичари велат: Критичарот не треба да се чувствува дел од театарската заедница. Тој треба да стои понастрана од театарџиите. Неговата критика треба да се пише со чисти раце, всушност, треба да биде девствена. Критичарот треба да биде сличен со луѓето што стојат пред магазините и на купувачите не им кажуваат која роба е добра или лоша, туку ги известуваат каде каква роба и со каква вредност се продава.
Критичарите треба да ја пренесуваат љубовта кон театарот на публиката, ама не претставувајќи се како театарџии, туку како творци што имаат независна страна, т.е. како луѓе кои со публиката се движат по ист брег од реката. Критичарот во театарскиот свет треба да има автохтоно дело во кое публиката целосно ќе верува.
Кога еднаш ми се јави по телефон една новинарка што се бави со театарот и ме покани да учествувам во нејзината ТВ емисија, веднаш прифатив оти мислев дека ќе разговараме за театарот, девствено што знам. Ама кога добив информации, нешто слични имам добивано и за други театарски критичари, т.е. дека се во пријателски врски со некои театарски паши кај нас, се шетаат со нив по земјата и странство и при тоа се чувствуваат театарџии, сфатив дека од емисијата нема да има ништо, оти новинарката, што би рекол Душко Ковачевиќ, е привидно жива. Едноставно некој пукал во неа, ја отепал како критичар, како и сите други критичари во Македонија.
Ете затоа немаме критика во Македонија. Премногу спокојните театарџии, така наречени театарски паши, самопрогласени за најумни во театарски свет, секојдневно убиваат по еден добар критичар.
До кога?

АвторТрајче Кацаров
2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 26|