Усогласување со времето

/, Литература, Блесок бр. 151/Усогласување со времето

Усогласување со времето

Се разбира, човек не може да ги занемари неговите славни навреди за алпската република Австрија. Од самата помисла на оваа осакатена, разурната и дегенерирана Австрија ми се блуе, е типична реченица од крајот на неговиот последен роман Истребување. Добро се познати грубите зборови кои ги има изречено за својата земја. Бернхард ги смета своите сонародници за тврдоглави национал-социјалисти и клерици. Всушност, би било тешко да се наброи сето она кое многумина го нарекуваат опоганување на гнездото. Сепак, книжевноста на Бернхард е далеку посилна критика на под-алпскиот менталитет отколку сите скандали и борби околу неговата коректност. Во деценијата по смртта на авторот, скандалите беа помалку или повеќе заборавени. Во своите дела Бернхард аристократски им се одмазди на оние елити кои требало да ги симболизираат цивилизираните слоеви на општеството. Навистина фасцинантен во својот екстатичен бес, кој во еден бескраен монолог загризува во избраното парче општествено месо – дел од општеството кој бил цел на неговата безмилосна острица. Бернхард бил навистина безмилосен во изборот на материјалот за своите дела. Не го признавал авторитетот кој од Историјата им бил даден на избраните смртници за нивните доблести; никој нема право да се поистовети себеси со општествената улога и да почне да верува во реалноста на својата постапка. Зашто, Големата игра на историските промени не е управувана во согласност со некој јасен план кој доделува високи положби. Длабоко во Бернхард беснее законот на хаосот. Во почетокот на втората деценија на XX век, период полн со илузии, Бернхардовиот сонародник Роберт Музил запаѓа во слично слепило: Значи, вака изгледа светската историја одблизу: не можеш ништо да видиш. Бернхард го изнесува сведоштвото за она кое го воспримил низ својата минлива и неопходно ограничена свесност.
Погоре споменатиот романескнен тестамент Истребување е детален извештај за современоста. Во него ги следиме моќниот тек на свеста на некој Муро кој, како црна овца во едно богато благородничко семејство, се сели во Рим. Сепак, и покрај чувството на одбивност за нивниот начин на живот и нивните размислувања, тој никогаш потполно не ги прекинува врските со нив; конечно, долги години прима значителна сума од имотот во Волфсег, со што живее прилично луксузен живот во Рим. Целото Истребување е монументална анализа на најблиското семејство на нараторот. Острината на нарацијата е акцентирана со временскиот распон: го следиме текот на мислата на нараторот од моментот кога добива телеграма за ненадејната смрт на своите родители и брат му, па сè до нивниот погреб. Секој единечен член на семејството – таткото, мајката, братот и двете сестри – се детално проучени, а нивните карактери и меѓусебните односи се педантно опишани. Неговите судови за делата и менталното ниво на роднините се поразувачки; Муро вели: Ми стана навика постојано да мислам и говорам: мајка ми е одвратна, моите сестри уште повеќе, а згора на тоа и глупави; татко ми е слабак, брат ми е кутра будалетинка, а сите се прости. Главното обвинување на нараторот, кое впрочем виси во воздухот и не може да се набрка дури ни од трагичниот настан – всушност, тој дури и го заострува – е јаловото преправање дека семејството, поради традицијата, игра некоја важна општествена улога. Благородничкото семејство наследно го поседува скиптарот на културата, светлото на цивилизацијата, есенцијата на нацијата, инспирацијата на судбината и што уште не. За прогонетиот наратор, Волфсег е куклен театар чии лицемерни претстави тој не сака да ги гледа. Духот кој виси над имотот е обременет со строгост и опасна меланхолија. Ова горко мртвило виси над местото од кое, според нараторот, е можно со еден бегол поглед да се опфати сиот регион од Тиролските до Ниските Алпи. Во целата Австрија не постои ниедно слично место. Погледот без попречувачките човечки фигури, набојот на избледените карпи, единствениот легитимен патос на изгонетиот.

*

Нараторот Бернхард е скептичен за идеите кои, според некоја повисока логика, би требало да овозможат фокус врз општеството. Неговата позиција е свесно маргинална: од неговата осамена набљудувачница, целата општествена структура се чини гротескна, а неговата горка смеа извира од сознанието дека луѓето постојано се преправаат дека се аристократи, уметници, ловџии или свештеници, без да бидат во можност да се соочат со својата сопствена самотија и со смртноста која во неа почива. Бернхардовото обвинување не содржи објективна претпоставка; неговата форма е хаотичен набој. Ова плукање е потполно индивидуализиран глас, длабоко свесен за фактот дека го создава она што го кажува за жртвите на своето ментално убиство. За него, презголемувањето е креативен и егзистенцијален стил. Сè е презголемено, но без презголемување не возможно да се изрази што било. Кога ќе го повишиш гласот, тоа е веќе презголемување. Зошто инаку би го повишувал? Кога и некој да рече што било, тоа е презголемување. Дури и кога ќе речат дека не сакаат да презголемуваат, тоа е презголемување. Бернхард не претпоставува дека му е доделена привилегираната положба на дијагностичар, кој во еден единствен збор фрла клетва врз родната земја. Неговите напади не се доволно систематични, нивната опсесивност содржи премногу парадокси за еден нормален ум. На пример, додека во еден момент во Истребување ги воспева доблестите на плебсот, на друго место во истиот роман здравите, розови лица на селаните му се чинат крајно глупави. Бернхард е дрвосечач кој сече онаму каде што секирата ќе му падне, но најрадо онаму каде што насетува голема количина преправање, што е идеална почва за ’ртење на гротеската.
Овој жесток бес, оваа анализа на гротескните форми на човечкото постоење, укажува на она кое му лежи на срце – самотијата која, без оглед колку и да е славена, не е скапоцена привилегија на умот, туку казна. Само будала советува на самотија, зашто да се биде сам, потполно сам, не значи ништо друго освен да се биде потполно луд. Оттаму неговата опсесија со родната средина. Прозата на Бернхард – и покрај сите искри на горчлив бес – е пред сè извештај за ужасната самотија на поединецот и на заедницата во целина. Извештајот за големите раздалечини кои ги оддалечуваат луѓето, без оглед дали овој факт го одбегнуваат со научените начини на вегетирање или едноставно истапуваат од колективната игра. А излезот – а ова е важно искуство во креативноста на Бернхард – никогаш не е конечен. Тој е преокупиран со општествениот контекст, но како писател не е заинтересиран ниту за социјалната правда, ниту за степенот на писменост, ниту за движењето на капиталот. Во својата еретичка природа, наративниот фокус на Бернхард е сосредоточен врз исцртувањето на сеприсутната осаменост, на симнувањето на нејзината маска. Осаменоста не може да се измери според објективни стандарди. Затоа книжевниот говор, низ еден радикално субјективен став, си го отвора патот до самите темели на општествената структура, до најдлабоките стравови, кои одново и одново го обновуваат театарот на масите.
Сегашноста е дете на големите визии кои се префрлени во земниот живот. Од вертикалата на небото, утопијата се симнува кон хоризонталата на земјата. И покрај општата верба во една идилична иднина, прифатена и од интелектуалците, сомнежите за илузиите на небото биле отсекогаш присутни. Ветеното братство меѓу луѓето често се покажало како вешт трик на алчните владетели. Денес, на така-наречениот критички настроен интелектуалец му е тешко да поверува дека колективните проекти имаат смисла, а неговите сомнежи содржат некоја нараснувачка тактика за самоодбрана. Во она во кое жителите на Алпите го препознаваат својот позитивен идентитет, алпската сатира како маневар на современиот критицизам не препознава ништо друго освен лицемерие на слаби и шупливи луѓе. Овде започнува дебатата за менталната физиономија на алпските народи, за нивните претпазливости и тензии. Сè ќе биде расчленето, и се чини со право.
Што лежи зад сиот овој опсесивен контекст наречен „другиот“, „соседот“ или, ако сакате, „некој од другата страна на бодликавата жица“? Бернхард и оние како него би можеле одново да се приклучат кон ова себе-испитување. Во често закостената типолошка вежба. Уметноста е брод кој во иднината го криумчари чувството на човековиот немир, ехо кое всушност нè загрижува: ехо на единечното човечко постоење. Без оглед колку е изабено, искинато и искрпено. Бернхард се населува во самото срце на алпската осаменост и создава толку прецизен извештај за неа бидејќи го остава зад себе светот на општите категории и се поместува во сферата на индивидуалното. Ова е она што уметноста може да го стори, и кое – на интимните олтари – често го става над какво било интелектуално расудување. Бернхард опсесивно кружел околу алпскиот интелект, но неговата анализа е постојана во својата подреденост на законите на книжевната автономија; за своето време и место тој раскажува на еден посебен книжевен јазик. За луѓето како Бернхард, книжевноста станува татковина од каде ни праќаат сигнали и ги разоткриваат маските на разните козметички зафати. Правејќи го тоа, постојано го опседнуваат она кое лежи во самото срце на шупливоста.
Уметноста ни се обраќа поради временското растојание; таа никогаш не е соодветен дел од своето доба, самата нејзина природа поседува анархистична нечувствителност кон менталните операции кои се случуваат во општествената сегашност. Нејзината експлозивност е затскриена, а сепак може да еруптира долго време откако била зачната. Уметноста е премин меѓу времињата, канал за тајни пораки. Како децата од Обединетата Планета би ја решиле загатката на Бернхард? Да не се впуштаме во шамански прорекувања. Бернхард има многу што да каже во сегашноста, и дефинитивно е многу добро разбран од Алпинците. Иако толку силно се обидувал да го отфрли својот алпски менталитет, Бернхард е неговиот трнлив цвет. Црната кутија на алпската свесност. Карпестото небо е избришано, потполно самотно. Ниту спектакуларните „Хајдиленд“ шоуа, ниту придружните критички дебати сериозно ќе ја разнишаат структурата на односите кои долго време го одредуваат местото на неприлагодените индивидуалци во алпските заедници. Можеби Алпинецот порано или подоцна ќе биде истребен, но – мерено со аршинот на човечкиот живот – таа смрт ќе биде бавна. Земјопоседниците под Алпите ќе се спротиставуваат уште долго време, загрижени за секоја педа земја, прецизни во броењето на почестите кои им се укажуваат. И уште долго време сето ова ќе биде гротескна маска за осаменоста, симболизирана преку архетипската слика на самотната планина. Планината, која за Бернхард не е нежен рај, туку распаѓачка а сепак единствена вистинита реалност.

АвторМитја Чандер
2023-10-01T12:33:46+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 151|