Усогласување со времето

/, Литература, Блесок бр. 151/Усогласување со времето

Усогласување со времето

*

Уметноста често реагира на дискурсот на темата, кој го препознава како митско лепило на заедницата. Сатирата на алпскиот живот, или попрво неговата позлатена иконографија, која е жанр со долга традиција, од неодамна почна да игра на добро препознатливата карта – судирот помеѓу локалното и глобалното. Локалноста – еден вид оригинална алпска душа – на крајот на XX век се најде фатена во пороците на глобалните поместувања. Сатиричниот јазик го преиспитува маршот на глобализацијата, а пред сè – прагматичните реакции на локалните луѓе. Швајцарскиот драматург Маркус Кобели ја претставува дилемата речиси трезно во црната комедија Peep Show. Протагонистите во драмата, семејството Холцер, се возбудени од идејата на туристите да им понудат престој на нивната фарма, со цел воајерски да ѕирнат во оригиналниот алпски живот. И да им наплатат за тоа, се разбира. А што би можело – според општото мислење – подобро да го отслика планинскиот живот од една селска драма, и тоа – кој друг ако не Хајди? Бизнисот почнува, се плаќаат сметките, костумите се направени, автобусите пристигнуваат. Сè додека протагонистите, гротескно глупави наивци кои би требало да се играат себеси во идилични улоги, на крајот не ги загубат нервите. Го напуштаат имотот, конечно соочени со фактот дека нивниот планински идентитет, или попрво илузијата за него, исчезнал. Сепак, туристичката индустрија продолжува да работи. Од сега натаму, улогите на Дедото, Хајди, Питер, Клара, и другите херои ќе ги играат трагачите по засолниште кои се сместени во селото; и онака не е важно, сеедно е каков вид илузија се нуди во кичестата селска соба. Единствено што е важно е да биде опкружена со слатка и мирна аура.
Глобализацијата е централен, општествено релевантен дел во дејствието на филмската пародија на Ники Лист. Одново, светскиот тренд се отелотворува во туризмот и неговите непретпоставени можности за развој. Херои во Тирол е неверојатно весела бајка, која вешто се поигрува со идеите за живеење во планинско село. Како и секоја бајка, и оваа има добри херои од една, и лоши од друга страна. Протагонистот од лошата страна е градоначалникот, вистински локален Кум. Неговата визија е преобразување на селото во туристички рај, каде ќе се наплаќа на секој чекор – во долари, јени, евра, што и да е. Градоначалникот има изненадувачки далекусежни идеи и е, конечно, амбициозен човек. Нема да ги продава само алпскиот воздух, прекрасните глетки и разновидните планински илузии; тој ќе се прошири во сексуален туризам и храбро ќе ги предизвика конкурентите од Тајланд. Неговиот антагонист, Макс Адлер – или Орел, ако сакате – е потполно инаков тип на херој. Откако многу патувал по сиот свет, се враќа во своето родно село за да го заштити од профитерската братија. Неговиот проект е еколошки: алпското село треба да остане оаза на недопрена Природа, неговите жители – без оглед на потеклото – ќе живеат опуштен и радосен живот. Адлер е оној кој ќе создаде еден вид комуна, каде сексот, дрогите и чистиот планински воздух ќе бидат во совршена хармонија. Судирот на визиите е придружен со немилосрдната борба за младата невеста, локалната Хајди. Секако, на крајот Хајди ја добива Макс; со него, таа ќе шета по недопрените падини и ќе ползи преку камените карпи. А ако успее мини еколошкиот проект на херојот, тој и неговата млада жена ќе бидат оние кои на сите хипици низ светот ќе им испратат покана за најдобрата природно израсната марихуана, еколошки кревети под покрив од лисја и сите други нешта кои им се блиски на луѓето и на Природата.
Ако со филмот Наследници Јохана Шпири е во ретроспектива раскринкана како евтин мито-манијак и малограѓанка од XIX век, Кобели и Лист им задаваат силен удар на своите алпски современици. И се обидуваат да бидат колку што е можно тематски. Драмата и филмот ја претставуваат глобализацијата како поплава на ментални алибија кои им се достапни на сите. Локалноста – еден вид оригинална алпска мелодија – е само пазарна поволност. Во својата силна желба да ги искаже тековните проблеми, сатирата на прв поглед може да биде многу прецизна во осветлувањето на симптомите на своето време. Тематското раздвојување на јавноста во два табора станува основна подлошка за заплетот. Туристичката индустрија, како еден вид отелотворување на глобализацискиот дух, станува централна точка околу која се случува главното дејствие; ликовите се опседнати со визијата на иднината – или како ветување или како смртна закана. Нивните гласови се гледишни точки во жестоката јавна расправа. Во погоре-споменатата сатира, глобализацијата е нешто кое ги принудува гледачите да се соочат со преиспитување на својот сопствен став во врска со општиот феномен. Јавната дебата, тркалезната маса за консензусно прифатената тема, е потврдена и зајакната. Во случаите на Кобели и Лист, јазикот на уметноста е вклучен во една релевантна интелектуална дебата; со својот капацитет да ги изрази значењата, тој функционира како јасно препознатлив дел од дебатата. Сепак, освен разоткривањето на лажните претставувања на актерите во сегашноста, интелектуалната дебата е секогаш зачинета со футурологија – ако сака да биде конструктивна и да одговори на прашањата кои ја мачат само-определената публика во локалната заедница. Заедницата е секогаш исплашена од непознатото, од иднината, територија која девствено почива во меандрите на непостоењето, а наскоро ќе влезе во вистинскиот живот. За предвидувањето на иднината да не биде само ексцентричност туку и легитимен производ на умот, мора да се сосредоточи врз идејата која го отелотворува точниот општествен проект кој Судбината го има складирано за непознатата иднина. Сегашноста и иднината создаваат круг во кој ќе се постават критичките општествени дискусии. Правилата се јасни, се знае кога одредено гледиште – и ултра-црвено и крајно конзервативно – е дел од договорената полемика, а кога не е. Кога било критицизмот, било потврдувањето се дел од општествената реалност а кога е над идеите кои таа реалност ја создаваат.
Уметноста, се разбира, секогаш ја префрла доминантната тема од интелектуалната дебата во реалниот живот, во сферата на сетилата. Очигледно, туризмот е многу популарен синоним за глобализација; на пример, тој е средишна тема на Холебековиот роман Платформа. Тука, туѓата култура е само егзотична сценографија која треба да ја разбуди мртвата сексуална страст, да го искористи огромниот потенцијал на финансиските пазари. Сепак, за разлика од алпските пародичари, Холебек е пред сè заинтересиран за една интимна приказна. Интелектуалната дебата – и уметноста која со неа кокетира – е секогаш фокусирана врз општите услови на егзистенцијата, околу објективно зададените маргини врз кое секое човечко суштество се сопнува. Тоа е нејзиниот фокус. Општествено ангажираната уметност е онаа која можеме да ја цитираме во нашите коментари за општествената стварност без никакво чувство на вина. Бидејќи нејзините тези за современото општество се цврсти и кристално јасни. Тие копнежливо ги чекаат критички настроените интелектуалци, кои тезите ќе ги сметаат за мудрост. И можеби ќе пролијат солза или две при повторното препознавање на острото расудување во ирационалниот уметнички чин.

*

Сепак, не смее да нè залаже истакнувањето на глобализацијата во најновите умствени производи на алпската сатира. Возбудата од планетарната иднина е пред сè насочена кон старата тема – критиката на локалниот идентитет или на она од кое се состои една посебна колективна свесност. Кобели и Лист го смачкуваат „домашниот менталитет“, во неможност да се соочат со претпоставената чума на глобализацијата. Причината за оваа неможност се чини дека е иста со онаа од времето на Јохана Шпири. Она што лежи зад надуваната алпска иконографија е празното зјапање, грубост без топлина, накусо – осаменоста. За Кобели и Лист, оваа состојба на нештата е еден вид основа, почетна точка за критичниот креативен процес. Тие се обидуваат да ја докажат тезата за шупливоста на Алпинците низ еден феномен кој е многу поширок од локалните опсесии, а чиј статус е законот на судбината. Глобализацијата е територија каде цврсто вкоренетите ментални модели се покажуваат како апсурдни. Планинците мораат да се соочат со индустријата на туризмот; мораат да влезат во светот на глобалните појави, да си поигруваат со засладени слики и мирно да ја бројат готовината. Тие се еден вид животни за опит, во една бескрајна лабораторија. Во оддалечените алпски региони, туризмот е тема која совршено се вклопува во расправата за локалната заедница и глобализацијата. Тој е воспоставен со сиот неопходен критицизам и скептицизмот кон едноставните решенија. Овој тип на уметничка пракса е секогаш во ексклузивен дослух со тековниот период, затоа што говори за општо прифатената централна дилема. Ерата на глобализација, всушност, ќе има силно влијание врз структурата на локалните идентитети, и ниедна личност која верува во своето расудување не би требала да се сомнева во тоа. А прашањето кој или што е локалниот идентитет се јавува на почетокот и на крајот на кое било сериозно размислување за глобализацијата.
Дали само уметноста, која се јавува во одредено време и го отсликува, е назначена да зборува за централните дилеми на своето време? Алпскиот свет одгледал прилично голем број бескрупулозни духови, кои безмилосно го вивисецирале локалниот менталитет и неговите самобендисани проекти. Дали нивните портрети на општеството се само случајности, или искажуваат нешто кое, во добата на униформизација на планетата, може да се смета за возбудлив одговор на сегашноста? На пример, што мисли воинот меѓу воини Томас Бернхард за глобализацијата? Ако му се обратиме за одговор, за едно Да или Не, ако во неговото дело побараме навестувања за јасно искажани мислења, нема далеку да стигнеме. Прозата на Бернхард не содржи рецепт за иднината; неговото писмо е извештај за сегашноста, ослободен од какви било предвидувања. На крајот на милениумот, мислењето веќе нема да биде возможно. Навистина, Бернхард не бил пророк, а сепак неговото вивисецирање на под-алпскиот менталитет е вџашувачко.

АвторМитја Чандер
2023-10-01T12:33:46+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 151|