Мал прозорец

Мал прозорец

*****
Сабота


Сабота

Сабота, врело. Се обидувам да мирувам, оти целзиусите полека ми се вселуваат во главата и ништо не ми се прави. Лежам и штракам низ овој чуден виртуелен простор и ете:саде аналитичари, сезнајковци, мудреци, затапени толкувачи на економските текови и геополитичките состојби, сочни плукачи, зачудени, фрапирани и разочарани инвеститори во иднината која никако да дојде, визионери во филмот “Знаев јас дека вака ќе биде. Од кога зборев.” Интересни новинарски физиономии. Учители загрнати со сонцето на вергина, скарани со елементарната писменост. Менувачи по сите основи. Носители на неисполнети амбиции. Сепознавачи на причини и последици. Озабени линчувачи. Злобни и со зачудувачки некултурен вординг интелектуалци. Инстант поврзувачи на ликови и настани. Прифаќачи на нештата со невиден мерак, како да не им се случуваат и ним. Експресни етикетирачи. Дочекувачи на нож. Растурачи. Алапачи. Заканувачи. Колначи. Мразачи. Осудувачи. Пресудувачи. Презирувачи. Нездогледувачи. Вртикапи. Сеачи на магла. Губители на меморија, веќе со сериозна амнезија. Секојдневни епизоди од една иста мачна сапуница, во која веќе не се знае кој на кого што му е по идеја, но јасно се препознава кој на кого што му е по намера. Во целава рашомонијада, само едно нешто не се здогледува: Подоброто започнува од дома. Од секого од нас. Поправи се себеси, ќе го поправиш и светот, кутар човеку.

АвторЕлизабета Секирарска
2023-10-01T12:33:40+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 151|