Тркалезни форми

Тркалезни форми

Жетва
Македонска свадба
Галичките чардаци
Големите мајстори
Прво писмо
Петто писмо
Харакири
Бајачка
Тркалезни форми


(Погреб на Тибет)

Свештениците и роднините
го изнесуваат покојникот
сè понагоре, угоре, пругоре:
кај што сонцето и мразот
спијат во иста постела
и пак не се досегаат.

По нив одат мршарите
со лесни и одмерени чекори,
како на закажана свеченост;
танко штракаат со клуновите,
тажно таламбасат со крилјата
и го чекаат својот ред.

Потоа го земаат мртовецот
и стрвно го јадат – го закопуваат
и гробот му го носат на небото
кај што сè е широко и чисто.

Чисто е веќе и на земјата:
ветрот им ги брише солзите
на свештениците и роднините
кои седат настрана и гледаат
со каква вештина големите мајстори
ја довршуваат нивната работа.

АвторПетре М. Андреевски
2023-06-08T11:47:37+00:00 јуни 6th, 2023|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 150|