Време на лаги (Табу I)

/, Литература, Блесок бр. 150/Време на лаги (Табу I)

Време на лаги (Табу I)

* * *

Систематичноста на Викторовиот чин – зашто тој истовремено и се застрелал и се обесил – сведочеше за потполната верба во ништожноста. Тоа било повеќе од разочарување, многу повеќе од конечно откажување. Не престанува да ме чуди педантеријата во изведбата на страшниот чин. Причините можат да бидат различни, но едно е сигурно: тој човек не се двоумел. Не поднесувал случајност. Не бил колеблив самоубиец. Не бил од оние кои со последниот крик откриваат дека се премислиле и посакуваат да повикаат „Помош!“, но за тоа повеќе немаат време. Не бил ни беден театрален излагач на сопственото страдање кој ја режира можноста за спас во последен миг.
„Кој всушност бил Виктор Тауск?“ е прашање на кое се обидуваме да одговориме мојот пријател Твртко и јас. Него го интересира животот. Сака да открие:
„За што живеел тој човек?“
Го интересираат неговите мотиви, придвижувачките сили кои влијаеле на неговите постапки, животните заплети. Моето поаѓалиште е инакво. Мене, за почеток, ме интересира неговата смрт. Се прашувам едноставно:
„Чуму? Чуму баш така?“

* * *

Сигмунд Фројд се возел со воз, од Дубровник, како што самиот вели, „со некој непознат човек“ кон „одредиште во Херцеговина“, и патем тој и неговиот случаен сопатник – многу млад, но исклучително култивиран и, би можело да се рече, веќе прилично добро образуван младич – го скратувале времето со разговор за Италија и прекрасните медитерански гратчиња кои неодминливо треба да се посетат. Му препорачал на странецот да отиде во Орвието и таму да ги погледне фреските. Ама чекај, како ли се викаше авторот на фреските? Уметниковото име на Сигмунд му било на врвот на јазикот, и сешто му паѓало на ум – и Ботичели и Болтрафио – но никако да се досети на вистинското име. Како што тоа обично се случува, разговорот течел понатаму, но него и понатаму го мачело она на кое не можел да се сети, и колку повеќе го напнувал мозокот, текот на асоцијации сè повеќе го заведувал на крив пат.
Малку после разговорот за Италија, почнал разговор за обичаите на босанските муслимани. Фројд на младичот му раскажал како некој колега, лекар со пракса во тие краишта, му ги опишал овдешните луѓе кои, за европски стандарди, имаат многу необичен пристап кон докторскиот авторитет; на лицето им е напишана апсолутна резигнација и согласување со судбината, иако на својот лекар му укажуваат потполна доверба. Верата во касметот, она што и како им го одредила судбината, не ги спречува при одлуката да го посетат докторот. Ако на роднините на болниот им кажете дека повеќе ништо не може да се преземе, ќе одговорат:
„Ех, господине, што да Ви кажам? Да можел уште малку да поживее, Вие сигурно ќе го спасевте!“

* * *

Негде на пат од Далмација кон Херцеговина, 1898 година, се случила таа, би се рекло потполно неважна, средба помеѓу Фројд и еден сосем обичен, иако пристоен и маркантен младич кој одлично зборувал германски. Младичот бил до таа мера фасциниран со авторитативната појава на својот сопатник што не успевал во разговорот да го наметне дури ни она што подобро од него го знаел, а ја познавал психологијата на тукашните луѓе како самиот себеси, зашто, иако со еврејско потекло и роден во Словачка, целото свое детство го минал во Сараево. Бил тоа младиот Виктор.

* * *

„Тоа си го измислила. Признај“, вели Твртко.

* * *

Во следниот податок не треба да се сомнева: Фројд истата таа година во Месечник за психијатрија и неврологија го објавил написот „За психичките механизми на заборавот“. Попатната, површна средба со еден младич, при тоа и потполн странец, останала забележена само затоа што славниот психоаналитичар решил да ги истражи причините на честите заборавања на имињата кои инаку добро ги знаеме, при што обидот да се потсетиме по правило нè заплеткува во мрежа на сè поголема и поголема забуна. Во тој напис Фројд го запишал сложениот механизам на блокирање на дел од информациите на меѓата помеѓу свесното и несвесното, и врз основа на сопственото искуство се обидел да ги расчлени сите токови на асоцијации врзани за имињата на луѓето и местата споменати во разговорот со случајниот сопатник. Ги разбил зборовите како Сињорели (зашто тоа било името на заборавениот мајстор на фреско-сликарството) на италијанското Сињор и го споил со германското Хер од германскиот превод на онаа реченица во која роднината на Босанецот на умирање слегнува со рамениците и му ја простува на лекарот немоќта со резигнирана забелешка – Што да се прави, драг господине! Спасот и така е во рацете на Господинот Татко, Алах, или кој веќе, помислил Фројд заедно со Босанецот од анегдотата.
Да, треба уште да се спомене дека германското Herr со звукот се споило со Хер од почетокот на зборот Херцеговина. На таа бизарна асоцијативна низа, големиот психоаналитичар ја додал и играта со првиот слог „бо“ од Босна, кој се појавува и на почетокот на имињата на уметниците кои му паѓале на памет додека безуспешно се обидувал да се сети на името на Сињорели. Во Фројдовиот механизам на заборавот се создала тајна врска помеѓу привидно неспоивото: Босна, Ботичели и Болтрафио создале волшебно тројство, а Фројд повторно се фатил за лингвистичкиот нож. Отсекол дел од уште едно име: од Бол-трафио останало само „трафио“, при што таткото на психоанализата дополнително, додека го реконструирал настанот, го пробола стрела на самообвинувачка болка – се сетил дека таа 1898 година, токму на денот кога се подготвувал за пат кон Босна, примил вест дека негов пациент извршил самоубиство. Дознал за тој настан во местото кое се викало Трафои. Лекарот длабоко во себе посакал да ја потисне мислата на неуспехот на терапијата која тој негов пациент, кој бил човек со бурни и неразрешливи сексуални пориви, наместо да го излечи, го повлекла во смрт. Запишал:
„Несвесно заборавав едно, додека свесно се обидував да заборавам друго. Додека мојата одбојност кон сеќавањето беше насочена кон содржината на една идеја, мојата немоќ да се присетам се појави во потполно поинаков контекст.“

* * *

„Тешко дека Фројд во блискиот соработник Тауск би го препознал младичот од возот, но Виктор таква средба сигурно би помнел. Би му кажал на Фројд. Би го потсетил.“
„Сигурен ли си дека би го потсетил?“ му противречам на Твртко.

* * *

На крајот од текстот за механизмите на заборавот, Фројд заклучил дека, иако понекогаш забораваме имиња од едноставни причини, понекогаш ги забораваме и од причини кои се мотивирани од потсвесно потиснување.
Во односот на Виктор и Сигмунд многу нешто останало неразјаснето; нешто било потиснато во темнината на потсвеста, а нешто е засекогаш избришано, и тоа не само од Фројдовото сеќавање туку и од она подолгото, историско паметење. Првата „вистинска“ средба меѓу нив двајца се случила многу подоцна – во есента 1908 година – и тоа такаречи по забуна, на начин кој би бил необичен дури и како детаљ од роман. Во обете верзии на првата средба помеѓу Виктор и Сигмунд, онаа можната и онаа со писма документирана, има точно толку случајност колку што ја има во идејата за касметот, или малку помалку – онолку случајност колку што собира во еден кус и скептичен блесок во окото на европски интелектуалец. Додека ѝ се потсмева на резигнацијата со која источникот ја прифаќа и најтешката судбина, западњакот не успева до крај да ја прикрие фасцинацијата. Иако не е во состојба да ја прифати идејата за касметот, тоа одушевување кон туѓата, застрашувачка идеја за спокојното прифаќање на судбината, дури и кога е втемелено врз делумно неразбирање, остава неизбришлива трага во западниот интелектуалец, особено кај оној кој, како Виктор Тауск, од раната доба бил изложен на фронтални судири на различни верски и културни наследства, но и на чудовишни споеви на неспоиви традиции кои кулминираат со атеизам.
Интервенцијата во текот на судбината, а во крајна консеквенција и самоубиството е една од таквите интервенции, за луѓето каков што бил Тауск станува нужност и природно решение, единствен рационален избор на човекот кој не сака да биде машина за наведување. Иако целиот живот го поминал во борба против разновидни облици на манипулација: од манипулација со чувства и наметнување систем на вредности во традиционалното семејно воспитание, преку хипокризијата на љубовните и пријателските односи, манипулацијата со патриотизмот и идеите во науката, до средбата со сè подобро организираниот механизам за наведување на масите во колективното лудило на политиката – Виктор ненадејно сфаќа дека не успеал да биде среќен, а уште помалку слободен.
Лу Саломе, Таусковата краткотрајна, но страсна љубовница, всушност заедничка љубов на Виктор и Сигмунд, го прима Фројдовото писмо со веста дека Виктор се убил. Фројд ја известува предоцна, дури неколку месеци после Викторовиот погреб. Ѝ пишува од емоционална дистанца која не покажува премногу чувства на блискост со мртвиот пријател, можеби едвај со мала добро скриена машка љубомора потсмирена со сознанието дека Виктор, „животното на страста“, е конечно мртов:
Кутриот Тауск, чие пријателство во еден период беше многу силно, извршил самоубиство на многу радикален начин. Се врати уморен, со мисла за стравотиите на војната, можеше да се види како во Виена се обидува да закрепне во неповолно егзистенцијални околности кои беа предизвикани од враќањето на трупите од боиштето. Се обиде во својот живот да воведе нова жена, требаше со неа да се венча за осум дена… но решил поинаку. Потресни се неговите проштални писма упатени до свршеницата, до првата жена и до мене; сведочат за неговата потполна луцидност, не обвинуваат никого, освен што упатуваат на неговата сопствена недоволност и на фрустрирачкиот живот, и поради тоа не фрлаат светло врз самиот чин.

* * *

Баш како војната за сè да била виновна – или помалку самата војна, а повеќе повоеното губење на илузиите! Барем така му се чинело на Фројд, а можеби тоа бил најлесниот начин во јавноста да се протолкува Викторовиот трагичен случај.
Фројд донекаде бил во право, иако Виктор знаеше како да излезе на крај со воените трауми – како со туѓите, така и со сопствените. Како лекар од фронтот – немаше време да размислува. Неговиот интелект, со сите мозочни капацитети насочен кон помагање на унесреќените, немаше време за емоционални испади. Треморот на шокираните од топовскиот трескот и крајната нервна напнатост која со тие кутри ја делеше – беше само тема за психолошка анализа и, неколку години подоцна, за академска расправа. Да беше било поинаку, можеби Виктор ќе се убиел веќе во август 1915-та, или на некој друг начин ќе се обидел да побегне од воениот апсурд. Во секој случај – се врати со нарушено здравје, но жив од боиштето. Во Белград, на 3 март 1917-та, на Деветтиот семинар на офицери од медицинската струка конечно доби прилика да ги изложи забелешките за психологијата на дезертерите. Со двојно знаење: на доктор по право и на лекар од првата линија на боиштето, не без гордост на откривач, се потруди да ги дефинира типовите воени бегалци. Сепак, додека смирено пред медицинарите и воените стручњаци го разлагаше проблемот на дезертерството, длабоко во себе ја потиснуваше непријатноста и страшното чувство дека против своја волја бил принуден и понатаму е принуден да учествува во неморална работа, дека зел учество и дека и понатаму зема учество во апсурдната суровост која не може да ја спречи, прво, затоа што не е во позиција да реагира, второ, затоа што беше опасно осамен во своите ставови, и трето, поради тоа што не поседуваше соодветна моќ на убедување. Виктор располагаше со знаење, памет и интуиција; беше привлечен, дури и убав маж, пленеше внимание и на многу начини предизвикуваше љубомора, но – за разлика од својот голем урнек Фројд – тој немаше харизма. Доколку Виктор по некоја случајност не беше лекар, туку пророк, ќе беше како Касандра – никој немаше да му верува. Најтешкиот миг во врска со војната не се случи во воениот виор, туку на суд кога беше еден во поротата која требаше да пресуди дали некои млади, исплашени луѓе кои на глупав начин се обиделе да ја ескивираат воената должност се криви или не. А однапред се знаеше дека – какви било аргументи да се изнесат – психолошки, правни, лекарски, или едноставно човечки – тие кутрите ќе завршат пред стрелечки вод. Беше надгласан, а најлошото од сè се случи кога Виктор околностите го доведоа во прилика со скалпел да засече во мозокот на погубен воен дезертер. Човекот во чиј мозок засече беше бил негов пациент. Викторовиот скалпел го допре просторот на апсолутната бесмисленост, и како сета оностраност да се сведе на тој апсурд поткрепен со гротескниот, изопачен, потполно залуден чин на академска љубопитност. Тајната која при сецирањето на мозок на дезертерот пред него се отвори, секако, не беше одредлива со параметрите на науката. Повеќе наликуваше на Пандорината кутија.

АвторСибила Петлевски
2023-06-08T11:46:59+00:00 јуни 6th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 150|