Време на лаги (Табу I)

/, Литература, Блесок бр. 150/Време на лаги (Табу I)

Време на лаги (Табу I)

Во последниот стадиум на болеста, Наталија А. мислеше дека докторот станал дел од машинеријата која управува со нејзините мисли, однесувањето, менструалниот циклус, со сите физиолошки активности и со сексуалните желби. Тврдеше дека се работи за забранета машина направена во Берлин и дека таа е избрана, со уште неколкумина луѓе, како опитно глувче за експериментално испитување на таа машина. Кога дозна за докторовото самоубиство, донекаде го ублажи мислењето за него, ѝ стана одеднаш жал, сè ѝ се разбистри. Втрча во зградата на полициската управа и пружи парче хартија на кое пишуваше дека бара аудиенција кај господинот шеф на полицијата во врска со смртта на доктор Виктор Тауск, нејзиниот лекар. Пред неа излезе службеник кој се претстави како инспектор и ѝ понуди да седне. Таа сосем добро читаше од усни, и во принцип можеше да зборува, но не сакаше и веќе долго се разбираше исклучиво со пишување. Во полицијата првпат после многу години ја отвори устата. Од една зачудувачка, до болка грда гримаса која ѝ го зафати целото лице, успеа да произведе глас. Беше тоа еднакво на чудо. Како да попуштил синџирот со кој ѝ бил врзан јазикот, таа прозборе во буица од грлести тонови:
„Го убиле. Тоа е нивно дело. Зашто не сакашe да колаборира. Го убиле подло, така да личи на самоубиство. Јас сè за тоа знам. Мене прашајте ме. Тој во суштина беше добар човек“, рече возбудено. Необичниот начин на кој таа ги артикулираше зборовите полицискиот службеник му го припиша на фактот дека Наталија, како странец, се чинеше Словенка, не знае доволно добро германски.
„Морале. Тие морале да го… Кога повеќе не можел да го поднесе товарот на совеста, кога видел каде води сето тоа, мислам, тоа управување со луѓе, таа машинерија на смртта…“ – извади шамиче и ги избриша солзите – „тогаш сакал да се извлече од сè. Но тоа повеќе не било изводливо: премногу знаел и тие морале да го. Да, јас тоа можам да го посведочам… морале да го… зашто и мене се обидоа да ми го направат истото. Прво ми го одзедоа слухот, и гласот, и месечниот циклус, потоа почнаа да ми шепотат да се убијам… по цела ноќ, цел ден, со години. Со години ми трубеа директно в мозок: Наталија, ти сега мораш да земеш нож. Наталија, оди во кујната и земи нож. Да земеш нож. Да земеш нож, да земеш нож…“
Гласот ѝ стануваше сè попродорен. Викна: „Нооож“, го дофати моливот на масата и почна со сета сила да си го боде горниот дел од дланката. Беа потребни дури двајца полицајци за да ја совладаат и да ја изнесат надвор. На улица навидум се смири, се согласи да ја придружат до дома, а потоа нагло се оттргна од нивните раце и безглаво потрча во правец на пазарот, каде што се загуби во толпата.
Шизофрената машина која ја тераше Наталија во трк како кучка која трча во круг по сопствениот опаш не му припаѓаше само на нејзиното лудило. Беше заедничка сопственост на имагинацијата на една посебна класа луѓе кои општеството ги беше напикало на работ од заедницата како психотичари и опасни лудаци. Она што беше посебно во врска со таа измислена машинерија го натера Виктор Тауск да застане во истражувањето за да размисли за можен логички одговор: технологијата на машината и основниот принцип со помош на кој функционираше беа слични, речиси идентични во сите описи на неговите и туѓите пациенти, независно од нивната возраст, образовниот статус или полот. Го прибележа следното:
„Шизофрената машина за наведување е апарат со мистична природа. Пациентите се во можност да пружат само магловити назнаки за неговата конструкција. Се состои од кутии, рачки, лостови за управување, копчиња, жици, батерии и слични делови. Пациентите се трудат да ја откријат конструкцијата на тој апарат со помош на техничките знаења кои ги поседуваат, а се чини дека со сè поголемата популаризација на науката, доаѓаат во прилика да ги искористат познатите технолошки принципи за да го објаснат начинот на кој машината функционира. Како и да е, сите досегашни откритија на човечкиот род како да не се доволни за да се опишат зачудувачките перформанси на таа машинерија за која сите пациенти тврдат дека ги прогонува.“
Машината произведува слики споредливи со магичната лантерна или кинематографот, во еден план, баш како да се проектирани. Пациентите велат дека им всадува во умот и по потреба им намалува мисли и чувства преку бранови или зрачење со мистериозно потекло кое тие, со своето ограничено знаење на физиката, не се во состојба да го објаснат. Обично говорат за „сугестивен апарат“ чија конструкција не знаат точно да ја опишат, но затоа сите до еден ја именуваат истата темелна функција на машината: пренос на мисли и чувства од една страна и нивно „вшмукување“ од друга страна, при што се споменува еден или повеќе иследници кои управуваат со машината. Апаратот на нивното лудило произведува моторички телесни феномени, влијае на ерекцијата и на исфрлањето сперма, поради што пациентите тврдат дека е наменета за исцедување на нивната сила, намерно заморување и слабеење. Притоа спомнуваат различни бранови преку кои сугестијата се пренесува: воздушни, електрични, магнетни, радиобранови и некои други облици на бранови за кои читале, или за кои во свое време сè уште не можеле да дознаат зашто се откриени дури после нивната смрт. Феномените кои во нив машината за наведување на мислите ги побудува понекогаш и ним самите им се недофатливи и туѓи, како и да не се работи за нивното сопствено тело, како границите на нивниот човечки идентитет да напукнале и оставиле на површината да исплива грозен, механички туѓинец, странец кој сето време спиел во нив и чекал прилика да ја преземе власта.
Баш како и кај останатите шизофреничари со кои Виктор се занимаваше, и Наталиниот идентитет беше нестабилен, до крајност пропустлив; можеше да се меси како тесто направено од брашно смелено од трици од сите можни животни сензации, настани и попатни средби, и дека, баш затоа Виктор мислеше дека постои слаба, теориска шанса тој како психотерапевт да ѝ помогне да ја воспостави нормалната човечка способност за одвојување на внатрешниот свет од надворешната стварност, па макар ѝ „позајмил“ малку од својата сила, малку од своето „јас“. Фројд со тоа никогаш не би се сложил. Виктор, кој чувствуваше отпор кон фигурата на Великиот Учител, никогаш не ја загуби почитта кон него; Сигмундовиот татковски авторитет ги надминуваше дури и разочарувањето и силната повреденост која Тауск ги почувствува кога Фројд студено одби лично да го анализира, и едноставно ѝ го додели на неискусната Хелен Дојч, која на „кругот на посветените“ му припаѓаше едвај неполни две години. Како кругот на следбениците на Великиот Учител инцестуозно да се истроши во сеансите на меѓусебно анализирање, и наместо да се збогатува со размена на идеи, ја празнеше креативната енергија и го губеше ефектот во едноставниот механизам на воспоставување и уривање авторитети, во баналниот сплет на професионалната љубомора и личната несигурност, на болната, нездравата потреба туѓата внатрешност рутински да се отвори и сопствената храбро да се понуди на отворање, како една од оние први конзерви супа од домат кои тогаш сè уште не се отвораа со клуч, туку се пробиваа со нож. На ножот секогаш остануваше малку крваво-црвена содржина; како на оној обичниот, така и на оној психоаналитичкиот, наменет за отворање души. Крваво црвената содржина која со столетија била конзервирана во нашите потполно уморни души повеќе не се прелева преку работ и не остава траг врз острицата која нè ранила: технологијата ни донесе клучеви за разни нешта.
Како страшно се лажат оние кои мислат дека начинот на кој ние луѓето се спознаваме самите себе е девствено чист и независен од напредокот на технологијата. Тоа што резултатите до кои доаѓаме при сецирањето на сопствените тела, мозоци и чувства во сите времиња се подеднакво поразителни, заправо безнадежно тажни – тоа ништо навистина не менува – технологијата ѝ помага на човечката потреба за самозалажување да дојде до израз, да се усоврши, забележа Тауск. Конечното спознавање на човековото место во семирот ќе биде во потполност ускладено со новата технологија на смртта. Таа ќе ни помогне да не ја гледаме крвта. Којзнае, можеби во последната војна од нашата иднина ќе се умира од оружје кое не убива, од машина за наведување мисли, пишуваше во неговите белешки кон случајот на Наталија А.

АвторСибила Петлевски
2023-06-08T11:46:59+00:00 јуни 6th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 150|