За границата на духовниот распад

/, Литература, Блесок бр. 148/За границата на духовниот распад

За границата на духовниот распад

„Гранична состојба“ е поетска збирка која, пред сè, предупредува насочувајќи ги нашите погледи кон средиштето на отворените рани на светот. Овие стихови, остри како сечива, ни ги отвораат актуелните политички и социјални крвавења, ни ги предочуваат сите недоумици и несреќни одлуки, нè опсипуваат со глетки од историските страдања, кои, за жал, не донеле никаков наук и на ововременските воени и политички лудила.

Оваа антологиска поетска книга се занимава со три исклучително важни теми поделени во три дела, а тоа се: времето, распадот и човештвото/човекот. Димковска во сите три дела прави една онтолошка анализа на човековото постоење, но без непотребната трансценденталност, туку сега и овде, со острина на стихот која наликува на големата Вислава Шимборска. Нејзините стихови не само што предупредуваат, тие отвораат полемики и навраќаат реки од дилеми. Многу е интересно што во своето стихување, оваа сјајна поетеса навлегува во една филозофска расправа, но со верс полн со динамика и дејствие, така што длабочината на сите нејзини стихови е токму во нивната поттекстна визуализација.

Последните две поетски збирки на Лидија Димковска, вклучително и оваа, поставуваат едно многу полемично прашање: Колку е поезијата на оваа значајна македонска поетеса ангажирана? Стиховната координата на „Гранична состојба“ зборува за длабоката поврзаност на песните на оваа поетеса со глобалните хуманистички движења во светот. Оваа поетска збирка е еден вид повелба низ која се проникнуваат сите круцијални начини на распаѓање на човековата цивилизација, се чини дека токму оваа поетска збирка заокружува еден нејзин длабок интелектуален порив механизмите на распаѓањето на човековиот хабитус, а со тоа и на целото негово опкружување, да се разобличат, да се согледа болниот апсурд кој нè одвлекува од логиката и следството, а со тоа и нè остава сами, а самотијата е легло на отуѓеноста. Димковска многу храбро и решително се повикува на историските грешки и кобни недоследности, на умислените деструкции чии сеќавања тешко се бришат за да ја предупреди и елитата, а и оние во најдолните слоеви на тоа дека политичката мимикрија зад лажниот хуманизам е, всушност, најголемата рак-рана на цивилизацијата. Многупати ги споменуваме цивилизацијата и хуманистичкиот контекст, а оваа храбра и одлучна поетеса својот ангажман го поставува на врвот од својата книжевна мисла. Со трите дела на оваа антологиска поетска збирка Лидија Димковска заокружува уште еден циклус од своето поетско творештво во кое крикот се движи по истата тектоника како и насмевката, а и радоста на себе ја натоварила тагата. Да, таа многу директно предупредува на распадот на светот за да нѐ потсети на една многу важна работа која низ многу тенки нишки ја провлекува низ целата своја поетска гама: љубовта.

 

„Во крајчето на свеста
знае: ни убавината не го спаси, а и поетите залудно
сакаа да го сменат. И одеднаш сеќава меѓу коските и кожата
љубовен повтеж: да може барем еднаш да се љуби со слободата.“

(„Светот што се распаѓа“)

 

Конечно, дилемата што ја отвора оваа поетска збирка е длабоко сензитивна и крајно филозофска. Не само во оваа поетска збирка, Димковска тоа го разглобува и во другите свои поетски дела, а тоа е: „човекот или човештвото“, а не „човекот и човештвото“. Тоа нè наведува да останеме, сепак, на помислата дека последната поетска збирка „Гранична состојба“, и во естетска, а и во филозофска смисла кон другите, а и кон идните нејзини поетски збирки се однесува како координата доближувајќи и еден друг аспект, а тоа е „човековата отуѓеност“. Секој порив за доминација го отуѓува човек од човека, секоја несфатена доминација раѓа дистопија и дефинитивно го делегитимира човекот како рефлексивно битие, а со тоа и целото негово опкружување го прави неупотребливо. Распадот е, на некој начин, и вест за ново воздигнување. Оваа поетеса во своите песни зборува и за извесна надеж во која како што вели Орвел: „оној што го контролира минатото, ја контролира иднината, додека оној што ја контролира сегашноста, го контролира минатото“. Имено, вечните рефлексивни осцилации на човекот меѓу вчера и утре се патоказ за бидувањето на она исто така вечно несфатливо „денес“. Оваа антологиска поетска збирка, пребарувајќи низ „минатото неопределено време“ и разглобувајќи го „човештвото на човекот“, ни покажува „Патоказ“ по кој не мора да одиме, но би требало на некој начин да го сместиме во нашите потајни мисли за она што е очигледно да не биде засенето:

 

„Времето е повторно пред нашата ера
и твоите предци гаѓаат со железни копја,
старото го преплавува ново, новото е старо.
Да излезеш сакаш, но стрелка нема,
и еден погрешен чекор и веќе си еони назад.
Од Златната маска полетува пчела.“

(Патоказ)

АвторСашо Огненовски
2023-01-09T10:35:12+00:00 декември 30th, 2022|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 148|