За границата на духовниот распад

/, Литература, Блесок бр. 148/За границата на духовниот распад

За границата на духовниот распад

Цивилизациските грешки се секогаш смислени. Барем оние што се плод на политичките и општествените турбуленции. Случајноста е ирационално оправдување кое исто така е многу тешко да се исцеди од човекот што се отуѓил од човештвото. Димковска вели дека: „човештвото е лесно за сакање“. Тука се поставува прашањето: зошто човештвото пострадало од човекот, од неговиот атом, од она што тоа постојано го раѓа и го донесува на светот за убави нешта, а не за зло и несреќа? Оваа дилема е длабока и е прилично зависна од понатамошниот развој на човековата мисла, но поетесата има еден многу мудар одговор во оваа антологиска песна:

 

„полесно е да се сака човештвото
кога човекот крај тебе не е за сакање,
а ти треба да ја исполниш заповедта
да го возљубиш како себеси својот ближен
и не знаеш кој ти е поближен:
човекот или човештвото?“

(Човекот или човештвото)

 

Лидија Димковска говори со јазикот на жртвата, на унесреќената човечка душа, нејзините стихови го опеваат човечкиот крик под стегот и доминацијата на другиот човек, таа зборува за злото кое веќе нема митски предзнак, туку дека станало врзно ткиво на репресијата и автократијата, говори за една цивилизациска тага на дваесет и првиот век кој сè повеќе мириса на лага, подлост и деструкција.

„Гранична состојба“ е поетска збирка која ќе остане во аналите на македонската, а и светската книжевност како големо стиховно дело со длабока мудрост. Ангажманот на Лидија Димковска во оваа книга има повеќе аспекти, а слоевитоста на стиховите заслужува една поширока семантичка анализа. Говорејќи за неправедноста и деструкцијата како главни механизми на злото на човекот против човештвото, оваа стихозбирка ги отвора најкруцијалните прашања за неговото постоење.

АвторСашо Огненовски
2023-01-09T10:35:12+00:00 декември 30th, 2022|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 148|