Времето на козите (извадок од романот)

/, Литература, Блесок бр. 143/Времето на козите (извадок од романот)

Времето на козите (извадок од романот)

Татко ми мирно ги очекуваше зборовите на попишувачот кој го предупреди дека мора да се даваат вистинити податоци; во спротивно, се одговара според законот… По овие зборови, нас децата сосем нè обзеде стравот. Се припивме во прегратката на мајка ми. Шефот го виде тоа и го прекина својот потчинет:
– Во ова семејство добро ги знаат законите. Помини на прашањата.
Ова повторно нè смири, но сега татко ми добиваше загрижен израз. Попишувачот ни се стори некако збунет. Шефот го прекори:
– Започни веќе еднаш со прашањата, нè чека голема работа, има многу кози во Козар маало.
– Заедничката несреќа е помала несреќа! – изусти тивко мајка ми, повеќе за себе, но во тие мигови ние децата ја впивавме и самата тишина, па ги примивме и нејзините сигнали.
Службеникот ги стави очилата и со повишен тон го постави првото прашање:
– Име на семејството?
Татко ми, место одговор, запраша:
– На кое семејство мислите?
Шефот веднаш упадна:
– Внимавај, несмаснику, ова се листи за попис на луѓе, а не на кози, колку пати ќе ти повторувам.
Татко ми скришум се насмевна. Само ние децата можевме да ја забележиме неговата насмевка. Помисливме дека настаните земаат среќен тек.
Службеникот збунето гледаше во листот. Никако да се снајде со овие преостанати листови од последниот попис на луѓето, што требаше да се приспособат кон пописот на козите. На неговата збунетост уште повеќе влијаеше строгиот поглед на шефот. Најпосле, смирен, продолжи да го испрашува татко ми:
– Колку кози имате?
– Три!
– Име и презиме, татково име?
Завладеа смеа. И ние децата се смеевме. Некој од нас рече:
– Нашите кози имаат само имиња!
Шефот не можеше да се воздржи:
– Се разбира, козите имаат само имиња. Така е кога во комисијата ќе ви доделат неписмени кадри.
Шефот, бесен, сам продолжи да прашува, без да гледа во прашањата, зашто сигурно не беше воопшто писмен. Тој впрочем во комисијата беше да шефува, а не да чита и да пишува. Но тој ги знаеше напамет сите прашања, толку пати повторувани, па продолжи да прашува, божем читајќи:
– Имиња на козите?
– Белка, Сталинка и Грда – одговори татко ми.
Службеникот ги запишуваше имињата со гласно изговарање Беелкаа, Сталии…, но шефот веднаш го прекина и строго му се обрати на татко ми:
– Не разбирам како тоа Сталинка, па Грда, не разбирам.
Мајка ми веднаш се замеша:
– Белка, да ни биде вечно бел денот, ни дојде како Божји дар, Сталинка ни дојде кога го родив последново чедо. Ми изумреа повеќе деца. Кога ја купивме третата, таа беше убавица и за да не ја фати урок спасителката Сталинка, ја завикавме Грда. Со Грда сакавме да ја заштитиме Сталинка, а со Сталинка децата!
Шефот збунето ја гледаше мајка ми. Не знаеше како да продолжи со пописот, па рече:
– Луѓе мои, па во ова семејство сè се измешало. Каде се чуло видело коза да носи име на великиот ослободител на народите. Барем да беше јарец… Не, не, ни јарец, што зборувам. Па вие имате и слика на Сталин. Сталин е нашиот брат, што и да се случи. Има разни гласови. Сталин сите нè ослободи. Неговото име е свето за сите нас!
– И за нас козите се свети! – го пречека мајка.
– Разбирам, разбирам, ама сепак, козата си е коза!
Завладеа нов бран тишина. Нов бран страв. Се уплашивме сега татко ми да не одговара за навреда на Сталин. Имаше такви случаи. Уште кога братот партиец реши да ја викаме нашата коза Сталинка, таквата опасност постоеше. Постоеше сега опасност пописот да заврши кобно не само за козите туку и за семејството. Шефот се консултира со третиот член на комисијата кој постојано молчеше, па продолжи:
– Луѓе, вашата коза Сталинка не може да влезе во никакви пописни листи.
Како што се делеше бедата во разни порции, главно исти за мнозинското население, така се делеше и стравот. Колку погоре во хиерархијата на власта, и стравот беше поголем. Стравот на сиромасите како да можеше да се победи. Шефот сигурно сакаше да ја сподели дозата страв со третиот член, продолжи:
– Името Сталинка на козата може различно да се толкува. Списоците одат до погорните раководства, до федерација. За едно обично име можат да паднат многу глави. Дајте друго име, па сите да бидеме мирни. Нека се вика, нека се вика… како сакате, само не Сталинка…
Не можевме да го заборавиме денот, кога брат ми партиец пресуди, а татко ми малку се согласи козата да се вика Сталинка, макар што тој си остануваше верен на определбата да се ослободуваме од имиња на војсководци, светци, ослободители, да бараме имиња меѓу цветовите, природата. Ги свртевме погледите кон братот партиец, кој сè бараше нешто да рече, па на крајот енергично пресече:
– Пишете, место Сталинка, Слободанка, за нас Сталин значи слобода!
Шефот светна од задоволство, па рече:
– Ти, синко, далеку ќе дотераш ако стапиш во партијата!
– Јас сум веќе член! – потврди гордо брат ми.
Шефот сега сосем задоволен повторно му го препушти пописот на службеникот.
– Запиши Слободанка и внимавај повторно да не ги смешаш прашањата.
– Пол? – продолжи службеникот.
– Се разбира, женски! – го прекори пак шефот.
– Па може да има прч! – рече првпат нешто во одбрана службеникот.
– Кај прчовите одиме со козите кај козарот Чанга, преку дрвениот мост, – рече едниот од помалите браќа. Службеникот повторно западна во поранешната збунетост. Шефот строго го гледаше, бараше да продолжи.
– Националност?
Сега татко ми се насмеа. Ние децата живнавме.
Братот партиец, охрабрен од претходната пофалба на шефот, прв одговори:
– Балканска!
– Балканскаа! – запишуваше шефот.
– Немаат козите националност. Козите имаат раса. Прашај за раса! – го предупреди шефот со шепот.
– Националноста не важи, туку расата, од која раса се козите?
– Санска – одговори татко ми.
Службеникот повторно забразди:
– Вероисповед?
Шефот пак пламна:
– Козите, бре магаре, немаат вера!
Мајка ми прошепоте:
– Имаат, имаат вера козите, понекогаш повеќе од луѓето.
– Возраст на козите? – продолжи службеникот.
– Непозната!
– Боја на кожата, посебни белези?
Белка е сосема бела, Сталинка, односно Слободанка, е бела со кафеав врат и Грда е бела, со црни дамки.
Службеникот заврши со прашањата.
– Ја свршивме некако работава! – рече најпосле задоволно шефот откако пивна последен пат од ракијата, па на заминување дофрли:
– Ќе одеше побргу, да немавме толку неписмени во нашите редови…

АвторЛуан Старова
2022-05-13T19:52:23+00:00 април 30th, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 143|