Времето на козите (извадок од романот)

/, Литература, Блесок бр. 143/Времето на козите (извадок од романот)

Времето на козите (извадок од романот)

Козар маало беше во грч очекувајќи ја смртната пресуда на козите. Улиците останаа пусти, децата тажни, козите се криеја по подрумите. Зацарува стравот, како пред војна. Луѓето прибираа намирници, немаше многу, ама колку да има за црни дни.
Без козите гладот ни беше сигурен. Кога се дозна дека партијата подготвува специјални мерки против козите, имаше опасност меѓу луѓето да започнат старите, веќе речиси заборавени караници.
Стравот се всели во сите наши детства. Макар што кај сиромашните семејства стравот влегува од едната, а излегува од другата врата, нас речиси однапред нè поразуваше помислата дека некој може да ни ги одземе, да ни ги убие козите. Така стравот остануваше долго во сите луѓе што имаа кози. Со денови не ги носевме козите на пасење. Се цедеа од нив и последните капки млеко. Градот бргу опусте, исчезна некогашната бела врева. Започна големото исчекување.
– Попис, попис, попис! – се огласи едно утро низ Козар маало, низ градот.
Веста стигна и до нашето семејство.
– Каков попис сега, пустината, па не заврши ли пописот есеноска? – се прашуваше мајка ми гласно оставајќи го плеталото крај себе, на чардакот, седната до татко ми кој прелистуваше некаква стара книга. Тој бавно ја оставаше книгата, ги извади очилата и пред да стигне да ги коментира мајчините зборови, на чардакот забрзано влезе брат ми партиец и оддалеку извика:
– Попис, попис на сите кози, наредба од високото партиско раководство. Власта мора бргу да го организира.
Татко ми важеше за мошне информиран човек. Речиси цела ноќ слушаше домашни и странски радиостаници, западни и источни. Слушаше понекогаш до утрини кога ја составуваше својата варијанта на вистината. Беше смирен човек, не паѓаше лесно во стапиците на вознесот, на оптимизмот. Беше толку добро информиран, што не можеше никогаш да биде оптимист. Само лошо информираните се оптимисти, често ни велеше. Немаше, освен со Чанга и со домашните, со кого да споделува мисли. Тоа како да го надоместуваше со гласовите на радиото. Често гласно ги коментираше значајните вести, небаре влегува во разговор со отсутните говорници.
Татко ми, впрочем како придојденик во градот, без рода и блиски, ако се исклучат козите, тие туѓи организми во семејството кои со времето толку соживеаја и станаа дел од него имајќи го на ум брат ми партиец, сметаше дека не е толку мудро да се мешаме во политиката на домородците, зашто и кога ќе имаме право на некоја работа, тешко сите да ни поверуваат. А кога постариот брат влегуваше во политиката, главен советник, амортизер на неговите занеси, радикални замисли, засилени реакции, избрзувања, илузии, беше татко ми…
Веста на најстариот брат за пописот го собра сето семејство на чардакот.
– Попис на козите – ја прекина мајка ми прва тишината – не ќе е на арно!
– Тие сакаат да видат колку кози имаме па ножот! – рече еден од постарите браќа.
Ние, помладите, откако дознавме тие денови за пописот на козите, ги имавме постојано готови солзите да се истркалаат по образите. Татко ми во мигот ништо не рече, но неговиот поглед што спокојно зрачеше од неговите сини очи и овој пат нè смируваше, макар што веќе смртта тропаше на вратите од куќите во Козар маало.
Фатија да нè обземаат севозможни мисли, претчувства. Козите речиси беа сраснати со нашите животи.
Никогаш на овие предели на Балканот човекот не беше се зближил, не беше сраснал толку со некое животно. Инстинктот на самоодржувањето и на козите и на луѓето беше слеан во заедничка отпорна сила што не можеше да се уништи.
Татко ми, во други времиња, од старите книги, собирани од сите страни на Балканот и од другите земји, ни пренесуваше дека речиси сите народи на Балканот својот живот им го должат на козите. Тој еднаш беше му рекол на Чанга дека ако се пишува историјата на козите на Балканот, тоа ќе биде една од најдобрите истории на балканските народи…
Во Козар маало се ширеа, се множеа, се менуваа вестите за пописот на козите. Повеќе никој не знаеше за каков попис се работи. Но едно утро сè се разјасни, кога почнаа да влегуваат пописните комисии во куќите што имаа кози. А кога почна пописот, во Козар маало се всели гробна тишина како на закоп што никогаш не завршува…
Мајка ми уште в мугри беше на нога. Си имаше ред, создаван со години. Во градините прво ќе ја поздравеа новите цутови на нејзините цвеќиња, па блесокот на бојата на некој новоузреан плод и на крајот, трите кози.
Пописната комисија ја сретна мајка ми кога ги навадуваше цвеќињата во градината со вода од бунарот. Бргу ги воведе на чардакот.
Ние децата бевме одамна будни, неспани. Мајка ми, првин, ги послужи членовите на комисијата со слатко од дудинки и студена вода. Потем слезе и татко ми, од својата работна соба. Се поздрави. Дојдовме и ние децата, откај козите мислејќи дека добро сме ги сокриле и сме оставиле доволно лисје.
Комисијата беше составена од три члена. Не ни беше тешко да го откриеме шефот – кој обично носеше кожено палто и по правило, имаше мустаќи. Луѓе со кожени палта и со мустаќи обично беа од полицијата, од власта или од партијата. Нивни беа и законот и правдата. Еден нивни збор можеше да го измени животот на секое семејство. Нашите застрашени детски очи беа управени кон човекот со долго црно кожено палто и со долги мустаќи, кои му даваа строг израз, дури и кога на лицето ќе се појавеше здржана насмевка. За да ги оттргне од себе нашите приковани погледи и за да ја смали напнатоста, со неприродна благост, прв ни се обрати:
– Што сте се уплашиле толку, деца? Попис, обичен попис. Место на луѓе – на кози. Што има тука за плашење? Државата сака да знае со што располага.
Овие неочекувани зборови на шефот на комисијата нè ослободија од грчот. Најмалото братче, бришејќи ги солзите, прво запраша:
– Чичко, вие нели нема да ги утепате нашите козички?
– Се разбира, дете мое, ние не убиваме кози.
– Не, не, само ќе извршиме мал попис! – заврши шефот и го погледна вториот член на комисијата. Тој, набрзина, од излитената кожена чанта извади неколку разнобојни пописни листови и еден поголем жолт тефтер. Ние лесно ги препознавме истите хартии од последниот попис на семејството, па тоа брзо нè смири.
Мајка ми уште еднаш ги послужи со слатко членовите на комисијата, а шефот пивна и од ракијата од дудинки.
Татко ми замислено гледаше низ големиот прозорец на чардакот; погледот како да му одминуваше со текот на реката. Вакви чувства секогаш го обземаа при селидбите во младоста. Но сега од овој балкански кафез тешко можеше да се излезе, можеше човек да се префрли само во друг кафез, а тоа речиси ќе беше исто како во овој кафез. Ги предвидуваше скорешните настани, а ние живеевме од миговите на повремените утешни зборови.
Тишината ја наруши строгиот глас на вториот член на комисијата.
– А сега да ве запознаеме со пописот. Постои главна книга – го покажа жолтиот тефтер – и постојат пописни листи за секоја коза.
Смирени од зборовите на шефот, сега вториот член на комисијата со својот строг глас повторно нè враќаше во стравот.

АвторЛуан Старова
2022-05-13T19:52:23+00:00 април 30th, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 143|