ЧУДОВИШТА
Топли и мазни, убави и свирепи,
чудовиштата в самрак излегуваат од аглите.
Како старо кадифе им светка крзното,
како порцелан им е белката во очите.
Блескаат како некакви отровни мониста
канџи и стргунки, нокти и песјаци.
Се нишаат и се грчат, се виткаат и ползат
милни и опасни, чудовишта на самракот.
Ги напуштаат своите легла во собата
кај што го преспале денот незабележани.
Се одделуваат од предметите бавно и нејасно
нивните движења, нивните густи преплети.
Ги затемнуваат огледалата, лазат преку книгите,
оживуваат подмолно од шарите на килимот.
Тие се секаде наоколу, ужасни и привлечни,
и детето ги подава во восхит рацете кон нив.