МАРК ШАГАЛ
Помеѓу црвената коза и модриот петел
стои куќата на сонот и заедно со ’ржта се ниша.
Глетката бавно се менува и таму каде што светел
некогаш фенер стои столб на кој е впишан
знакот чија смисла им е достапна само
на оние што љубат. Стаклата се сини
и оној што ќе погледне сега низ џамот
ќе помисли дека е сред мала зима. Се чини
како куќата да прави шеги со земјината тежа:
масата и столовите пловат или лежат
меко, како да се направени од срцето на лебот.
Помеѓу сетоа тоа, како во стара песна,
се случува чудо: во нестварност лесна
заспаните љубовници летаат кон небото.