БИБЛИОТЕКА II
Библиотеката-лаѓа веќе одамна е тесна,
безбројните книги станале претежок товар.
Сирените ја смениле својата песна,
се перчат на клуновите, а на лаѓите им здодеало да пловат,
туку само се нишкаат.
Светилничарите во своите кули
не водат сметка за должноста, ги ишкаат
галебите, мрзоволни се, по цело попладне дремат.
И во рамнините книгите веќе не личат на препечени тули
од кои се градело она здание во Вавилон.
Некогашните градители одамна ги снема
а нивното знаење, се чини, се заборавило.
Големите прирачници за пловидба, од Хомер до Мелвил,
излегле од употреба и морињата сега
станале зглотени од треви,
замки од кои нема каде да се бега.
Синдбад, морепловецот, а и оној итрец од Итака,
се засолнале на сигурно, си нашле друга работа – „ И така,
велат, денес во морињата само ситни риби се прпелкаат.“
Спие, изморена, магнетната стрелка
во компасот, каде и да се сврти
не е север. Мелстром, славниот вител,
ги сомлел, одамна, своите жртви
и нема веќе кому да му го меле умот.
Филозофите, како стаорци, го напуштиле бродот
и кон цврста почва се свртеле сите.
Поетите, несигурни во одот,
се засолнуваат од ветрот, од настинка се пазат.
Морската шир, толкупати опеана,
не привлекува со тајната, не води кон непознатото.
Штом ќе дојдат до брегот, сите се вртат назад.
Се чини како да го згрешиле патот.
А сѐ повеќе и повеќе се товарат книги.
Низ морето се лелеат горчливите лиги
на Бехемот и Левијатан, така се велело во стариот свет.
Всушност, лаѓата стои на суво, повеќе служи како меана,
а низ морето пловат пластика, нафтени дамки, смет.