МАРАТОН
Возрасниот маж
бега од сегашноста
сѐ побргу и побргу
сака сѐ помлади и помлади жени
за да ги најде во нивните очи
сенките од долготрајните немири
за да ја види сопствената младост
косите сѐ повеќе му стануваат сребрени
дишењето сѐ пократко
а несигурен чекорот
често се сопнува
Се обидував некогаш да го задржам
во сегашноста
да ја ублажам болката од неговиот пад
но тој беше премногу длабоко во минатото
и предалеку во иднината
возрасниот маж бега сѐ побргу и побргу
патот му е засекогаш
паралелен на мојот