Над влезната порта
венче од детски солзи
му пркоси на законот на гравитацијата
среде бело венче
ѕвони бело ѕвонче
бели коњи со распавтани бели сни
и занданите имаат облик
– бела ѕвезда бело насмеана
со опашка од бела роза
бели галежи
на бела свила од првата ноќ
до последната бела виделина
бел садник од рози во срцето
– осаменоста ја скорива љубовта
гнетот го скорива гневот
бело варосани ѕидови
во нив светлината жртва заѕидана
врела голтка запрена среде суво грло
и смртта тука имала бела боја
и многу сакала да гушка
листиња од црвени рози.