Дневната светлина на историјата

/, Блесок бр. 89/Дневната светлина на историјата

Дневната светлина на историјата

Бела ѕвезда бело насмеана
Дневната светлина на историјата
Сенките од Вердиевиот Реквием
Куферот на Ханичка Брајдова
Ѓолче од сестрински солзи
Нема дожд, ни по дождот сонце
Благосостојба на реверс

Уште пред да дојдеме овде
знаевме дека минатото е такво какво што било
a иднината треба да се оттргне од канџите на опасноста

Среде полјаната на скршени крилја
студеше јасникот како прекор од минатото
како во некоја од песните на Бертолд Брехт

Тука спомените имаат тапија на неизбришливост
– запишани се во погледите на жртвите
и се читаат без ламба, на дневната светлина на историјата

При раноутринското триење на очите
некои спомени стануваат музикални
како вечниот шумол на јасиките крај Лаба

Се навиткуваат во мислите
музичките кутии од детството
преполнети со нечујна музика

Натежнува тишината
понекогаш како прв поглед на вљубените
понекогаш како проштална воздишка во темнината

Тишината речиси секогаш
е стартна линија на враќањето во себе
обележена со ронки горчина и надеж, надеж.

2018-08-21T17:20:49+00:00 мај 9th, 2013|Categories: Поезија, Блесок бр. 89|