Враќање на изгонетиот

/, Блесок бр. 13/Враќање на изгонетиот

Враќање на изгонетиот

Враќање на изгонетиот
Градот на последни нешта
Куќата на Витгенштајн
Студија на Фројд
Во чест на Свети Кирил
Јазикот на ангели

Превод од англиски: Богомил Ѓузел

Беше тоа на Итака, се разбира, кога пак
помислив на орлите и смртта на коњот.
Тој ден
во Македонија, ладна од спокој,
пешачев по клисурата
Матка со Богомил, чие име значи „блажен

на Бога“, и син му Борјан. Мислевме
да го видиме пак манастирот Свети
Андреј, чија
присутност изнурнува од ѕидовите на
малото
црквиче и чии крилја ангелски стрчат
угоре во свечена

засеченост, фрлена од скудната
светлина што копнее
по југот. Но наместо тоа, го најдовме
тој коњ спрострен
на прагот од заклученото светилиште,
поцрнет од смртта
и пласнат врз каменот. Срцето, изгледа,
му пукнало

од преработеност. Сразени од нужда,
мувите пируваа
во вителот воздух. Штукнат од мртвото
око и подуениот
јазик, му го чув, се колнам, сетниот
здив уплав. Тој
ден, во Таџикистан, близу иранската
граница, насетив

слаб притисок на крилцата а
пилотскиот прозорец
ми експлодира и потем сè беше штама,
освен оној
ладен виор што ни дувна од киргиската
степа.
Јас умрев тој ден, иако ја
задржав контролата од

ранетиот млазен авион и си го „вратив“екипажот
со слетување. Но не се вратив себеси.
Тој ден,
на Итака, бевме тројца
голи на затскриена плажа. Мир
совршен, кога песот Вук, со мозок
смешан од хемиски реакции,

скокна по стадо овци и
речиси од карпа. А Гаја, уште
бебенце, ја искасаа рој оси и престана
да дише –
за момент. Ако некогаш сте
тргнале со брич кон вратот
од ќерка си за да ѝ спасите живот, може
ќе дознаете како … Ужасот

се обликува во слика. Оној ден во
клисурата Матка, кога
не влеговме во црната уста од
црквичето и не ја видовме фреската
Агонија во градината, се спуштивме
по мразна патека
и сретнавме шумар со моторна пила. Тоа
да ти бил неговиот

коњ што тој го преработил до смрт. Му
беше жал, верно, но
беше решил да му ја расече мршата и да
му ги одвлече останките
кон врвот за месото да им стане храна
на орлите што живееја
онаму горе. Тоа, рече, е правиот начин
на умирање. И

така можеби и е: како сите ние да сме
храна за орли. Кога
животот си го преобразуваш, доаѓа
леснотија што е скоро јасна.
Сладок Исусе, штом
кацнуваш и крилјата ти удираат врз
образот
а канџите ти се чипчат за кутрото ти
срце. Што имаш ти

освен мудрост, прогонство? Штом се
чини дните што мислевме
дека ни се ветени биле денови за кои ни
било веќе судено
да бидат минати, сал тогаш. Земјен духу,
нè штрекнува црно сонце
и полетавме: празни, цели. Твојот живот
е во твои раце.

село Ксиони, Итака, Грција

АвторП.Х. Лиота
2018-08-21T17:22:05+00:00 март 1st, 2000|Categories: Поезија, Блесок бр. 13|