Жртвен јарец

/, Поезија/Жртвен јарец

Жртвен јарец

Жртвен јарец
Славејот пак меѓу нас
Крајот како нов почеток
Потсетник
Свидетел
Во потрага по генот
Орелот на прометеј
Остров на копно

Кавказ и за мене е кафез.
Иако не сум прикован за карпана
јас морам по цел ден да му го колвам џигерот
па ноќе, јасно, сум сосема папсан.

Дур нему џигерот му се обновува и расте
јас сонувам за бескрајните пространства
што некогаш ги летав слободен
пред боговите да ми ја дадат гаднава работа.

А тие ни сами веќе не знаат што сакаат.
Ми велат – колви го, но не премногу за да не пцојса;
нека го боли, но понекогаш и заскоткај го
за да ждригне она што мисли…

Но јас не го разбирам ни она што го збори!
– Како тоа, кога си му утробата,
кога знаеш што јаде и што пие?
Научи му го јазикот на клетките!

хм, божем богови, а ништо не разбираат.
Дур јас го колвам, без ништо да му можам,
глувци и стаорци им ги јадат дур и жртвите
што луѓето уште им ги пренесуваат

а не пак летнината и зимнината.
Јас, пак, сум толку наколкан што не можам да летам
(а да јадам џигер замразив за довек!)
Тие, кутрите, мислат – Прометеј е само џигерот.

АвторБогомил Ѓузел
2018-08-21T17:22:17+00:00 март 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 01, Поезија|