Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

/, Литература, Блесок бр. 74/Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

Од тие причини е неспорен фактот дека „наспроти сите категории, во безвременската иритирачкост на песната, Ондруш се сместува себеси во редот на големите модернисти на дваесеттиот век, бидејќи е способен да ги апсорбира двата конфликти – и оној модернистичкиот (конфликтот меѓу светот и субјектот) и оној постмодернистичкиот (конфликтот – „меѓу јас и јас“) – тој е постмодернист во смисла на оној истиот екстремен модернист, во смисла на оној кој успеал да го распне модернистичкиот проект (ако воопшто некогаш постоел таков проект) сè до неговата критична точка, а тоа значи дека го притиснал него дури и на маргините, но го оставил сè уште да стои, речиси уништен, но не целосно“14F. Целата поезија на Јан Ондруш ја обединува лирската субјективност, која се карактеризира првенствено и со длабоко преживување на мотивот и на неговиот емоционален набој. Ондруш е исклучително емотивен и сензибилен, но не и сентиментален. Станува збор за исклучителна творечка индивидуа која има сенс за важните процеси, за она што треба да дојде. Неговата песна е конструирана толку кохерентно што ниту една слика не може да се одвои од нејзината градба, а притоа да не се наруши нејзината цврста поетска архитектоника. Но пред сè и над сè, песната на Ондруш се карактеризира со богат внатрешен живот, кој пак содржи богата поетска асоцијативност во која колку повеќе се нурнуваме толку таа подлабоко се раширува и се појавува како безгранична во својата длабоко емоционална полифонија.
Поетот е силно загледан во себе, во суштина немирно размислува, војува со сè она што ја смалува и ја загрозува вредноста на хуманиот простор на човечкиот свет. Можеби и затоа во оваа поезија не ја пронаоѓаме експлицитната тема на доброто и злото. Таа е совладана на едно повисоко ниво на кое антагонизмите го создаваат процесот на преосмислување и усовршување. Ондрушовската сликотворност сака да ја потенцира самата човечка егзистенција, сака да ја најде внатрешната сила што ги поврзува нештата, што не ги разделува, што не ги атомизира. Поединечните метафори кај Ондруш би го загубиле своето значење, кога не би биле во заемна врска со останатите метафори. Тоа значење, иако има ограничена важност, претставува исечок, одломка од тоталитарноста на светот. Затоа и метафорите кај Ондруш создаваат т. н. „метафоричка мрежа“, која функционира како целина и ја создава мега-сликата за светот. Светот е составен од мали сликички, често само од малечки одблесоци, но тие функционално се надополнуваат во целосната слика на положбата на нештата. Со тоа се поврзува и проблемот на полисемантичноста на Ондрушовската метафора и целосно – проблемот на рецепирањето на неговата поезија. Токму поради тоа е валидно и тврдењето на Андреа Бокникова која за Ондруш тврди дека е „поет од редот на маговите, од редот на имагинативните лиричари – во Словачка можеби најоригиналниот – кој секогаш ќе потсетува дека не е важна убавината на метафората, туку длабоката структура на сликата“15F. Тоа е проблемот кој мора читателот да го разоткрие сам за да му биде читањето на неговата поезија исполнето и за да го прими за свој оној свет што поетот го создал во своите песни. Тоа е така бидејќи песната на Ондруш го принудува читателот на соработка, го стимулира, го тера да создава свои лични претстави, да креира сопствени интерпретации на набљудуваните слики што му ги нуди и што активно ги префрла во неговиот внатрешен свет, во неговиот образ на битието.
Се разбира дека нашиот пристап кон поезијата на Јан Ондруш, што ја означивме за поезија на исклучителни и особени вредности, не го претставува ни оддалеку единствениот можен пристап. Оваа поезија ни се понуди нам самата од себе како една од најинтересните, а воедно и како резултат на најзначајните преломи во словачката поезија во втората половина на дваесеттиот век. А, впрочем, веќе одамна е и познато дека само значајните преломи донесуваат трајни резултати.

Одломката е првично објавена на словачки јазик во: TANESKI, Zvonko: Metaforické modely obraznosti v poézii Jána Ondruša. Nitra: LOGOS E. H, 2008, s. 159-169.

#b
14. SAETERBAKKEN, S.: Exorcista – Básnické „ja“ v Ondrušových dielach. In: Krížu je člověk ľahký (Zborník statí k 65. Narozeninám básnika Jána Ondruša). Bratislava: Študňa 1997, s. 401.
15. BOKNÍKOVÁ, A.: Za mágom Jánom Ondrušom. In: Pravda, 16.11.2000, s. 8.

2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|