Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

/, Литература, Блесок бр. 74/Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

Заклучни согледби за поезијата на Јан Ондруш

(одломка од словачката научна монографија со наслов:
Модели на метафорична слика во поезијата на Јан Ондруш
/
Metaphorical models of figurativeness in the poetry of Ján Ondruš)

Јан Ондруш има трајно и незаменливо место во корпусот на словачката поезија во втората половина на дваесеттиот век. Неговите песни ја движеа домашната творечка атмосфера и водеа кон промени. Движењето на поезијата за која станува збор, сепак, во своите екстремни положби не можеше да се реализира без иманентниот суштински губиток во сопствената поетика. Како легитимна реакција на прагматичното стеснување на функцијата на поезијата и како одбранбена реакција против нивелизацијата на творештвото, поезијата на Ондруш се поврзува со востоличувањето на „новата свест во словачката литература во шеесеттите години на дваесеттиот век“. Поетските резултати на Ј. Ондруш се видливи во доменот на „сложените“ отклонувања во словачката поезија во споредба со нејзините дотогашни форми кои долгорочно повлијаеја врз целосниот карактер на понатамошното домашно пеење. Јан Ондруш беше убеден дека никогаш не смее да ѝ послужи на политиката или на јавните препораки на конкретното време. Мора да остане слободен, независно од тоа што во неговата почетничка фаза може да се забележи извесен степен на „имплицитна ангажираност“, кога во својата песна ги вклучува германските војници (Prehĺtanie vlasu – Prvý mesiac, Nemecká prehliadka 1944, s. 29) и Освиенцим (Šialený mesiac, Osvienčimský oheň, Osvienčimský popol, s. 65, 67, / Prvý mesiac, s. 26, 27). Во секој случај, „во дебитантската збирка на Јан Ондруш – Луда месечина (Šialený mesiac) наоѓаме, трагајќи по реликвиите на схематизмот, само две песни за Освиенцим, но дури и таму многу тешко би можеле да бараме извесен конформизам со духот на времето (претпоставувам само во стиховите и значи / животот остана); туку станува збор првенствено за медитација врз животот и смртта, која не е употреблива за политички цели“1F. Сетне е тоа точно и поради тоа што „на авторот му беа за време на тоталитаристичкиот режим оневозможени некои права, а тоа го разбирав како обезбедувачки заштитнички штит, бидејќи смислата на неговата поезија беше секогаш остро противтоталитаристичка, на крајот на краиштата – авторот го изразуваше него со помош на високо шифрирани слики“2F.
Секако, творештвото на Ондруш не може да се дефинира или да се вреднува набрзина и само врз основа на тоа што од него ни се нуди на прв поглед, врз основа на тоа што нему можеме да му забележиме или пак што не можеме од него да извлечеме. Ликот на оваа поезија е сложен, пред сè противречен, динамично конфликтен, каква што знае обично да биде поезијата што буди диспарантни констелации. Евокациското движење во песната на Ондруш дозволува мулти-интерпретации со што се надминува и најсмелиот хоризонт на читателските очекувања. Ондрушовското поетско творештво во неговите многустрани и неурамнотежени форми во кои спаѓаат не само надворешните знаковни облици, туку и суштинските гестови и држења, карактерот на неговото лирско јас, неговиот живот во заедницата со себеси, со нештата и со луѓето – овозможува противречни интерпретации. Сè во него се прелева, се враќа, моќно се насочува кон другата страна на својата граница. Творештвото на Јан Ондруш е тешко разбирливо, во своето јадро често и непосредно е сосема недостапно. Си земаме слобода да тврдиме дека доминантна црта на неговата подоцнежна поезија е слободниот тек на зборовите што го донесува чувството на доверба во рамките на способноста на духот. Самата поезија на Ондруш претставува спонтано исполнување на неговиот творечки манифест: многу асоцијации, нови синтагми, невозможни метафори, судир на емоции, но и јасна творечка свест. Јан Ондруш знае дека еден од најубавите поетски патишта е „да бараш надвор, да наоѓаш внатре“. Единството на Ондрушовската песна, сепак, не се заснова врз идентитетот или врз афинитетот на поетскиот и логичкиот принцип, туку попрво се заснова врз обединувањето на состојбите на напнатост, врз балансирањето на изразот, држењето, асоцијациите, сликите, секвенциите, поентирачки мисли и метафорите. Не е тоа обединување на различните елементи во една хомогена група на еднаквости, туку е обединување со помош на прерушување, исклучување, поедноставување, редукција, заемна опозиција на изразот и на држењата, обединување со помош на примената на субстрактивниот процес. Овде, значи, станува збор попрво за специфично единство на драматичниот процес што е заснован врз автентичноста и инконгруентноста, врз полизначноста на своите компоненти.
Трагите што ги остави Јан Ондруш во словачката поезија во втората половина на дваесеттиот век се длабоки и мошне видливи. Неговата проникливост е голема и вредна за следење. Пред преферирањето на кој било дел од неговото творештво како модел за анализа и за интерпретација, би требало да се направи глобална проекција на неговите стихови, при што би требало да се сумаризираат и сублимираат досегашните гледишта и погледи на неговата внатрешна еволуција, неговите трансформации, како и неговите диференцијации на личните, специфично означени поетски модели. Се чини дека вниманието се преместуваше од светот на поетот кон неговата поетска техника. Таква беше целосната насоченост, иако се појавија и неколку исклучоци што заслужуваат внимание. Јан Ондруш е поет за кого најважен извор за поезијата е неповторливото внатрешно искуство. Неговата поезија „претставува парадоксално радикална пресметка со традиционалниот лирски сентимент и со културно високиот естетизиран долоризам, онаков каков што од модерната на преминот во дваесеттиот век континуално го култивираше поетскиот симболизам и пост-симболизам“3F. Ондруш создаде свој свет во кој слободно се движи, но и ни дозволува да наѕреме во него. Тој свет е однадвор тежок за дешифрирање, затоа што е премногу индивидуално обоен. Затоа она што поетот го поврзува со читателот е блискоста на чувството. Авторскиот субјект – „јас“ се ограничува не само наспроти читателската јавност, туку и наспроти многуте облици на своето „јас“. Поновото авторско „јас“ (преработените текстови) стои во опозиција со поранешното авторско „јас“, но во исто време резултативниот облик на поновото „јас“ не може да постои без поранешното „јас“. Авторското „јас“ ја гради својата претстава на идеално преживување, на идеална егзистенција. Идеален во случајов значи наполнет односно полн, докажан, слободен начин на живот, но кај Јан Ондруш е битно, за таквото идеално битие, и тоа што тоа идеално битие е понекогаш завршено, ограничено, нурнато самото во себе. Иако самиот животот му донесува на субјектот на Ј. Ондруш ситуации врз кои тој ги „одгледува одбранбените инстинкти“, преживеалицата е недоволна и му поставува пречки на патот што му ја раскрстува мисијата за конечното спознавање на слободата. Таквото битие авторот не го бара за себе како човек, туку за себе како поет – тоа е битие во кое изборот се пројавува во јазикот. Ондруш со помош на „апсолутизираната“ слобода го избира она што сака да го прикаже, а воедно и начинот за тоа како ќе го прикаже. Тој врши избор од редот на елементите, кои се насочени кон неговата индивидуалност. Таквите елементи мора постојано да ги открива, затоа што нему му е потребно да поседува хоризонт на невидливи нешта и во нештата, кои се сосема видливи.

#b
1. MIKULA, V.: K niektorým reziduám schematizmu v postschematickom období slovenskej poézie. In: BraSlav 2. Zborník z medzinárodnej slavistickej konferencie. Bratislava, FF UK 2003, s. 298.
2. KOVALČÍK, V.: Pohľad na Kľak. In: Literika, 1, č. 3-4, 1996, s. 127-128.
3. MATEJOV, F.: Askéza textu (Skica k lektúre poézie J. Ondruša). In: Krížu je člověk ľahký. Bratislava, 1997, s. 29-30.

2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|