Фирма / Жена во просторот (извадок)

/, Проза, Блесок бр. 122/Фирма / Жена во просторот (извадок)

Фирма / Жена во просторот (извадок)

Фирма 1
Фирма 2
Фирма 3


ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Се досадуваш? Што мислиш сега. Забележав дека имаш 37 непрочитани меилови во сандачето. А има и задачи на белата табла, со твојот ракопис, и се обиде да ги напишеш читко бидејќи постојано чукаш, а ракописот станува нејасен, а и песните, повеќе не знаеш како се пишува во тетратка или на хартија, само чукаш. Мислам дека некој ти влегува во соба, ти зборува, имаш забележано? Ја става раката врз твојата маса, се потпира, сега се доближува до твојот екран, го гледа, ти зборуваш за некоја датотека или скица која е отворена на екранот, тешко ми е да разберам за што точно зборуваш, сега неговиот прст ти го допира екранот, остава трага, не си тип на личност на која тоа ѝ пречи, сега нешто те прашува, прашува за нешто што е исклучиво твоја одговорност, поставува многу едноставно прашање, твоите усни веќе би требало да одговорат, сега е време да зборуваш будејќи тој престана со зборувањето, а жена во работниот простор, сега молчи веќе пет секунди, знам, бидејќи толку време е приближно доволно за да кажеш: Жена во работниот простор

Фирма 3

Откако извршниот директор заврши со говорот, започна зборувањето, повеќе од вообичаеното. Шепотења во аголот за кафе-пауза. Се зборуваше и во собата за состаноци. Такви разговори што вообичаено се водат пред или по состанок. Дрдорење. Никој не знае уште колку ќе трае, имаше многу претпоставки, последните беа дека има уште шест месеци до банкрот. Некои се сомневаат едни во други, но потајно, не на глас. Луѓето си бараат други можности за работа. Во меѓувреме, мнозинството останува. Разговорите како тој со извршниот директор или некои други генерални менаџери ги оставија нештата напнати, а луѓето сконцентрирани или, поточно, под стрес. Иницијативата успеа да собере ризичен капитал од домашни и странски инвеститори уште во раната фаза, во фазата на концепт. Сега, парите полека се трошат во работа и инвестиции. Иницијативата исто така успешно привлече големо внимание од јавноста што одеше во корист, во наша корист. Има голем интерес однадвор. Имаше уште од самиот почеток, но никогаш доволно за големиот пробив. Во меѓувреме, еден по еден, инвеститорите започнаа да ни го вртат грбот, да ги затвораат фондовите. Она што е сигурно е дека во моментов сме на скоро 180 степени од каде што започнавме. Директорот доби потврда од израелскиот магнат и главниот инвеститор во лифт, на излегување од нивниот прв состанок. Сега, израелскиот магнат е еден од најголемите инвеститори на инцијативата. На почетокот, се сретнал со извршниот директор во неговите канцеларии. Но, состанокот се прекинал на средина. Магнатот морал порано да излезе и возило веќе го чекало на паркингот. За да ги искористи и последните минути од состанокот, директорот се симнал со лифтот заедно со магнатот. Кога вратите од лифтот се отвориле на паркингот, магнатот му рекол дека ќе инвестира во иницијативата. И тоа значајна сума, нешто околу 100 милиони долари.

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР, на кого мислиш? на тебе, повторно и повторно. Гледам дека зјапаш. Го препознавам погледот. Два месеца поминаа. Некој може да пројде оттука и веднаш да види дека само постоиш. Не се помрднуваш. Барем прави некаков клик клик клик со маусот, организирај си ги папките во меилот и во компјутерот, папката со документи, организирај сè во потпапки, ќе ти одземе половина ден, можеби и повеќе. Барем нема да седиш така и да живееш во свој свет. Време е да заземеш контрола врз изгубената задача, онаа што секогаш ја оставаш за крајот на денот, крајот на неделата, крајот на крајот. Онаа за која никогаш не даваш извештај на неделните состаноци, ниту месечните состаноци, сигурно и на состаноците за годишно оценување на работниците ја избегнуваат истата задача, сите твои поранешни менаџери, на секое работно место. Кога ли ќе се одвикнеш од таа твоја навика, секогаш да задоволуваш. Џвакаш време додека не ти се сомеле сè помеѓу забите. Попладне е, не го слушаш титкањето? Ги викнаа да ги префрлат назад. Сега ти текнува да почнеш со работа, во тишинава, никој сега нема да одговара на меилови, климата е изгасена и само дишењето

 

превод од англиски: Теа Дуза

АвторТехила Хакими
ПреводТеа Дуза
ПреводМајан Еитан
2018-11-30T13:14:03+00:00 ноември 29th, 2018|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 122|