Фирма / Жена во просторот (извадок)

/, Литература, Блесок бр. 122/Фирма / Жена во просторот (извадок)

Фирма / Жена во просторот (извадок)

Фирма 1
Фирма 2
Фирма 3


Мора да го забрзаме рокот за испорака, викаше со лицето залепено за мониторот. Продолжив да одам кон мојата работна станица. Во отворениот простор беше прегласно, тастатури и разговори. Аголот за кафе-пауза беше празен. Кога стигнав до моето место и седнав пред компјутерот сандачето ми беше преполно со нови меилови. Се сетив дека никогаш не се почнува од меиловите. Еднаш прочитав во една статија во весник за тоа. „Десет правила за поголема продуктивност на работа“. Правило број еден: никогаш не го започнувај денот со одговарање меилови. Ја отворив тетратката и вртев низ страниците додека не стигнам до последната на која сум пишувала, онаа со листата на задачи. Имаше долга листа теми за неделните состаноци. Започнав да се подготвувам за состанокот. Ја отворив соодветната датотека. Еден од соседите во блиската работна станица непрекинато удираше по тастатурата. Нервозно чукаше. Сè уште можев да се фокусирам, игнорирајќи ја целата врева. И јас брзо чукав, а неговите прсти во позадина удираа сè посилно и посилно, скоро без здив.

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Мора да дишеш помеѓу задачите, сите тие списоци најпосле ќе те заковаат за подот од канцеларијата, син под од линолеум како од осумдесеттите, како тој во основите училишта, во салите за фискултура, се сеќавам колку сакав да правам скок во височина и поставував нов рекорд секоја недела. Среќа канцеларијата има надворешни прозори, воздухот е од клима уредите но светлото е природно. Жена во работниот простор што откако започна зимата не може да стане рано наутро, не поради студот, тоа не е оправдување, и не поради ништо такво или нешто слично, многу добро знаеш дека е поради отсуството. Како наоѓаат време за љубов во ваков хаос, да ти се сврти во глава од утринските гужви во лентите од спротивниот правец. Жена во работниот простор. Крвавиш? Мислам дека крвавиш и тоа вон циклусните денови. Кај тебе секогаш сè е навремено, иако со време нештата стануваат полепливи, поисполнети со живот, повеќе не ја исфрлаш од матката туку веќе некое време ти излегува од ирисите, и секојпат кога нешто ќе погледнеш ти прокапува, рониш солени солзи од крв пред двојните екрани на работната станица. Жена во работниот простор, се сеќаваш ли како еднаш, не многу одамна, сакаше состаноци и долги постапки, да гледаш како нештата се потврдуваат, и твоите проекти оживуваат

ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Се обидов да изнесам жена од работниот простор и да зборувам со неа додека и јас не сум на работа.

Не можев.

Фирма 2

Некаде околу полноќ главата ми падна на перница и се сетив на рибата. Не можев да се сетам дали сум ѝ дала храна или не. Станав од кревет и ја извадив од аквариумот. Веднаш ја префрлив во длабока пластична кутија. Отидов да го измијам аквариумот кој беше многу нечист. Можеби рибата се разболела. Додека го миев аквариумот, ми се слизна низ прсти и се скрши во мијалникот. Го оставив така. Ставив малку храна во пластичната кутија, нејзиниот нов дом, и заплива. Изгледаше задоволно, секогаш оддаваше таков впечаток. Се грижам за неа како и за сите други нешта. Си створив навика да ја хранам во понеделниците и четвртоците. Проблемот е што понекогаш е тешко да се сетиш кога е понеделник, а кога четврток. Кога е време за рибата. Секогаш збркувам дати и распореди. Како и со циклусот. Отсекогаш ми бил редовен и сум знаела како да го препознам кога ќе дојде. Атомски нервен слом, без болка. Еднаш си симнав некоја апликација што ми кажува кога ќе добијам. Внесувам какви симптоми имам претходно, за време на, и по циклусот. И кога сум имала секс, ако сум имала, и со кого. Фирмата ми го даде мобилниот. А и ми ги покрива месечните телефонски сметки. Понекогаш прават промена на телефон. Не само на мојот, туку на сите. Скоро секогаш е поради ажурирање. Друг пат, ако телефонот е украден или скршен, се согласуваат да земат друг. Секако, со делумно учество на вработениот што ми се одбива од платата. Многу броеви се изгубија или избришаа поради ажурирањата. Или спротивното, беа дуплирани или триплирани. Најчесто не го забележувам ова во реално време. Главниот проблем остануваат датумите. Апликацијата за циклуси се синхронизира со последното ажурирање но понекогаш не е баш точно. Во вакви случаи целосно го губам редот со циклусот.

АвторТехила Хакими
ПреводТеа Дуза
ПреводМајан Еитан
2018-11-30T13:14:03+00:00 ноември 29th, 2018|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 122|