Нивните разговори

/, Проза, Блесок бр. 99/Нивните разговори

Нивните разговори

Писма
Врски
Илузии
Лаги
Свестувањa
Другарствa
Љубов:
Разделби
Болки
Вини

не знам како да го почнам ова… многу работи се случија откако загина. знам дека е идиотски да ти пишувам мејл. не знам ни што се случува со имејловите на луѓето што веќе не постојат, дали некој ги откажува, а и кој би го откажал твојот… не знам… тој ми рече дека е добро некако да ти се обратам… да се збогувам на некаков начин со тебе, да ти кажам што мислам, што чувствувам… идиотски е ептен, знам, не ми се смеј, зашто ако можеш да читаш мејлови, по некоја логика можеш и да видиш точно што се случува со нас… сепак, не ти пишувам за тоа.
ти пишувам за да ти признаам нешто. се сеќаваш оние три дена, нашето единствено заедничко патување, патувањето што ги смени животите на многумина. на тоа патување се заљубив во тебе. целото мое битие е во болка што не беа повеќе од три дена. што немав барем малку повеќе време со тебе. колку работи сакав да ти кажам… да знам за тебе… ти си единствената личност која вистински сум ја сакала. единствената личност која не сакав на некаков начин да ја направам мизерна. единствената што вистински ми значеше во животов. никогаш нема да можам да си простам што го направив токму спротивното… тебе, баш тебе успеав највеќе да те упропастам… кога ѝ кажав на цаци пред да загинеш, ми рече карма… карма било што се дознало… карма… затоа што сум правела сплетки, сега некој мене ми ги направил… во право беше… ѝ го кажав тоа и нејзе по мејл… едвај се натерав себеси да ѝ пишам… сè уште ми нема одговорено… не ни очекувам… тој ми рече дека морам да побарам да ми простат на сите на коишто мислам дека сум им згрешила… не заслужувам да ме погледнат… карма… ѝ пишав: карма е тоа што умре единствената личност што ја сакав, го убив единственото нешто што не сакав да го повредам…
вечерта кога дојдов кај тебе сакав да ти признаам, наместо тоа што го направив… не можев да зборувам… не можев да ти кажам ништо… телото ми се тресеше од болка, од умор, од апчињата што ги испив… знаев дека повеќе ќе искомплицирам, дека уште толку ќе те повредам. кога ти ги видов очите, толку исплашени и полни со светлина, единствените добри очи што некогаш сум ги видела, знаев дека ќе те повредам засекогаш ако знаеш дека сум испила две шишенца апчиња заради тебе… затоа избегав. не требаше да ме спасат… требаше да умрам заедно со тебе на улицата… зошто не ме удри мене? тој ми вика дека не смеам вака да размислувам. дека мора да сфатам дека секој живот е вреден за живеење. какви глупости, а?
боже колку е глупаво ова… тој е тука за да ме излечи од моето лудило, а ме тера да зборувам со мртви луѓе по мејл. ќе ми одговориш ли? ќе ми пишеш ли мејл? ќе дознаам ли некогаш дали ме сакаше? дали вреди сево ова? треба ли да се убијам сепак? кажи ми кога ќе ми пишуваш од таму некаде, зошто, зошто да не се убијам? зошто? можеби за да ја чувствувам болкава… можеби треба да ја чувствувам оваа болка за да се искупам за тоа што те повредив…
… се надевам дека никој ти го нема пасвордот. тој е дефинитивно полуд од мене. нели?
во случај стварно да го читаш ова од некаде… се надевам дека не ме мразиш…

те сакам. засекогаш,
М.

АвторФросина Стојковска
2018-08-21T17:20:42+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 99|