Што и да допрам,
ме допира времето.
Како и стрпливоста, грижливоста,
неподносливата блискост.
Меките нешта стануваат
карактери, а карактерите творби.
Само творби.
Во мојот бележник одненадеж
се будам како еластична рака,
поточно – движење. Се будам
во течност. Како
мелодија што одекнува во
соба на заспани младенци.
Лебдам и постојам секогаш
во бегство. Оти сум воздишка.
Помисли само колку е добра
природата кога ме менува како
пари. Кога во секое
мое зрно гледа доследност,
верност. Токму така:
доследност и верност.