ЗЕМЈА
Ги слушам мајчините повици од градината.
Ја гледам подгрбавена во црнината додека ги полева билките.
Потем, погледот го насочувам кон моите нозе.
Потколениците и листовите со црвени точки,
многу комарци и мравки.
Го спуштам погледот кон своите стапала.
Тие се, можеби јас би сакал така,
соединети со земјата.
Ја сеќавам енергијата, топлината на земјата,
ама и таа е црна.
Пак го кревам погледот кон мајка ми.
Сега е исправена ама пак е мала.
Налетите на ветрот си играат со нејзините црни прамени.
Ми приоѓа, ми кажува дека про’ртил кромидот,
се насмевнувам.
Следниот миг со голем напор и вресок
скокам и ја заривам главата во црната земја.
Уживам додека устата ми се полни со неа,
а мајка ми во црнина лелека.