Што е поезија? -извадок

/, Литература, Блесок бр. 105/Што е поезија? -извадок

Што е поезија? -извадок

Што е поезија? (извадок)


Поезијата, кога навистина е таква, е вистина; и прозата, ако е добра, е вистина: но тие се различни вистини. Вистината на поезијата е реалистично да ја обои човечката душа: вистината на прозата е да даде вистинска слика за животот. Двата вида знаење се различни и доаѓаат на различни начини, им доаѓаат, најчесто, на различни луѓе. Големите поети, како што често се вели, не знаат ништо за животот. Она што го знаат потекнува од набљудувањето на самите себе: во себе наоѓаат еден висок, деликатен и чувствителен примерок на човековата природа, врз кој законите на емоциите се напишани со големи букви, така што може да се читаат без многу проучување. Другото знаење што го имаат луѓето, како она што им доаѓа за светот преку надворешното искуство, не им е неопходно како поети: но за романисерот, таквото знаење е најважно; тој мора да ги опишува надворешните работи, не внатрешната личност; дејства и настани, а не чувства; и не оди да се вброи меѓу оние кои, како што мадам Брисо рече за Роланд, го познаваат човекот, но не и луѓето.
Сето ова не е пречка да се комбинираат двата елемента, поезија и наратив или настан, во истото дело, и тоа да се нарече било роман или поема; но на ист начин може да се искомбинираат и црвената и белата на истите човечки црти или на истото платно. Има еден вид композиција каде што е потребно соединување на поезијата и настаните, секој во својот највисок вид, а тоа е драмската. Дури и таму, двата елемента може совршено да се одвојат, и може да ги има со најразличен квалитет во најразличен сооднос. Настаните во една драмска песна може да бидат површни и неефективни, иако изразувањето на страстите и ликот може да бидат од највисок вид, како што е случај со прекрасната „Торквато Тасо“ на Гете, или, пак, приказната самата по себе може добро да се обмисли за ефект, како што е случај со некои од најлошите изданија на Минерва прес: може дури и да биде, иако споменатите не се такви, кохерентна и веројатна серија настани, иако тешко да се најде некое чувство што не е погрешно претставено или на сосема обичен начин. Комбинацијата на двете возвишености е она што го прави Шекспира толку широко прифатен, при што секој читател наоѓа кај него нешто што е соодветно за неговиот сензибилитет. За повеќемина, тој е одличен како раскажувач; за малкумина, како поет.

Со тоа што ја ограничивме поезијата на прикажување на состојби на чувства и не го сметаме за поезија тоа што не прикажува ништо друго освен надворешни објекти, можеби ќе бидеме обвинети дека сме го направиле тоа што ветивме да го избегнеме – дека не најдовме, туку направивме, дефиниција спротивна на употребата на јазикот, зашто постои општа согласност дека има и поезија што се нарекува дескриптивна. Го отфрламе тоа обвинение. Тоа што постои описна поезија не значи дека описот не е поезија, исто како што тоа што постои дидактичка песна не значи дека науката е поезија. Но еден предмет што може да се опише, или вистина што може да го пополни местото во еден научен трактат, може исто така да претставува прилика за создавање поезија, што решивме да ја наречеме описна или дидактичка. Поезијата не се состои од самиот предмет, ниту, пак, од самата научна вистина, туку од состојба на умот во која може да се размислува за едното или за другото. Самото претставување на димензиите и боите на надворешните предмети не е поезија, исто како што геометриски план за подлогата на Св. Петар или Вестминстерската опатија не е сликарство. Описната поезија несомнено се состои во опис, но во опис на нештата онака како што изгледаат, не какви што се; и ги слика, не нивните голи и природни облици, туку како изгледаат облечени во боите на имагинацијата активирана од чувствата. Ако еден поет опишува лав, тој не го опишува на ист начин како што би го опишал еден биолог, ниту пак како што би го опишал еден патник, чија цел е да ја прикаже целата вистина и ништо освен вистината. Тој го опишува со помош на слики, односно, со тоа што ќе ги сугерира највидливите сличности и разлики што можат да се појават во умот што размислува за лавот, во состојба на стравопочит, воодушевеност или терор, каков што предизвикува самата глетка или каков што треба да предизвика. Ова е навидум опис на лав, но всушност е опис на состојбата на возбуда на гледачот. Лавот може да се опише погрешно, или со претерување, а поезијата да биде дотолку подобра: но, ако човечката емоција не се наслика прецизно и вистинито, поезијата е лоша поезија; т.е. воопшто не е поезија, туку неуспех.

Досега, нашиот напредок кон јасен поглед на основите на поезија нè донесе многу блиску до последните два обида: до дефиниција на поезијата што сме ја виделе во печатот, и двете понудени од поети и мислители. Едната е од Ебенизер Елиот, автор на „Песните за законот за жито“ и други песни со уште поголем квалитет. „Поезијата,“ вели тој, е „пламена вистина“. Другата ја дава еден автор во списанието Блеквуд и сметаме дека доаѓа уште поблиску до поентата. Ја дефинира поезијата како „мислите човекови допрени од чувствата“. И во двете дефиниции се доаѓа приближно до она што го бараме. Секоја вистина што може да ја изрече едно човечко суштество, секоја помисла, дури и секој надворешен впечаток, што може да влезе во неговата свест, може да стане поезија, кога ќе се покаже преку некој емотивен медиум; кога ќе се обои со радост, или тага, или сочувство, или страст, или восхитеност, или почит, или стравопочит, или дури и омраза и ужас; а ако не се обои со овие работи, тогаш ништо, без оглед колку е интересно, не е поезија. Но со овие две дефиниции не може да се направи разлика меѓу поезија и елоквентност. Елоквентноста, како и поезијата, е емотивна вистина; елоквентноста, како и поезијата, е мисли обоени со чувства. Сепак, и обичното сфаќање и филозофската критика препознаваат разлика меѓу двете: има многу од тоа што секој би го нарекол елоквентност, а кое никој не би помислил да го класифицира како поезија. Некогаш ќе се постави прашањето дали некој одреден автор е поет; а оние кои даваат негативен одговор обично велат дека, иако не е поет, тој е многу елоквентен автор. Разликувањето меѓу поезијата и елоквентноста ни се чини еднакво важно како и разликувањето меѓу поезијата и прозата, или меѓу поезијата и описот, иако сè уште е далеку од тоа да се објасни подобро од другите.

Поезијата и елоквентноста се слични во тоа што се израз или искажување на чувство: но, ако ни се прости антитезата, може да кажеме дека елоквентноста се слуша; поезијата се прислушнува. Елоквентноста подразбира публика. Посебноста на поезијата ни се чини дека се наоѓа во длабоката потсвест на слушателот. Поезијата е чувство што се исповеда на самото себе во моменти на осама и се отелотворува во симболи кои се најблиски репрезентации на чувството во точниот облик во кој постои во поетовиот ум. Елоквентноста е чувство што се истура во други умови, го бара нивното разбирање, или се обидува да влијае врз нивното верување, или да ги поттикне на страст или на дејство.

АвторЏон Стјуарт Мил
2018-12-19T12:18:08+00:00 јануари 17th, 2016|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 105|