Виртуозитетот на вистината

/, Литература, Блесок бр. 31/Виртуозитетот на вистината

Виртуозитетот на вистината

Не, не велам дека треба да стапи на сила краен релативизам или краен субјективизам, велам дека сакам да бидам свесен за тоа дека вистината вон јазичките ентитети, речениците не постои, дека:
„Да се каже дека светот е таму надвор, дека не е наша творба, значи да се каже согласно здравиот разум, дека повеќето нешта во просторот и времето се последици на причини коишто не вклучуваат човекови ментални состојби. Да се дека каже вистината не е таму надвор значи едноставно дека таму каде што нема реченици нема вистина, дека речениците се елементи на човековите јазици, и дека човековите јазици се човекови творби. Вистината не може да биде таму надвор – не може да постои независно од човековиот ум – бидејќи речениците не можат да постојат на тој начин, или да бидат таму надвор. Светот е таму надвор, но описите на светот не се. Само описите на светот може да бидат вистинити или лажни. Светот сам по себе – неприпомогнат од опишувачките активности на човековите суштества не може“.7F
Наместо навраќајќи се во обид да лоцираме извор, вруток на постоечкото, нам ни требаат мноштво притоки на размисли во истата река, кои нема да ја зголемуваат моќта на логоцентризмот, туку ќе бидат различни јазички вистини, мноштво на јазички вистини кои ќе сочинуваат една возобновена река длабока и богата со живот, а не мртва, статична и исполнета со различен токсимисловен отпад на индустријата на свеста…
Ми беше приговорено дека нема никаква директна корелација или врска помеѓу теоријата и праксата. Морам да забележам дека во сферата на социјалното дејствување на поединецот ова не држи, а токму ова е сè поочигледно во сферите на политичко-социјалната пракса. Теоријата е онаа која ја дава рамката и насоката на размисла, како и равенката со која се определуваат параметрите, т.е. границите на бараното дејство од страна на поединецот. Ако ние побараме од некој човек според „инструкцијата“ (читај: „равенка“ – која во случајов дава рамка со параметри на промислување) за разликување на парните од непарните броеви, да ги испише сите непарни броеви до сто и еден, зошто тој продолжува да брои и понатаму, сто и три, сто и пет итн?
Исто така е и со сите дискурси, тие ја даваат рамката во која бараат одреден начин на дејствување и однесување на поединецот, како и зацртана цел која треба да се постигне, но секогаш поединецот продолжува со вметнување на (навидум нови)8F вредносни елементи вон зададената рамка.9F
Она што не смее да се заборави е дека токму таа рамка е виновна за зачнување на еден процес на дејанија кои, секако кога-тогаш, би излегле вон зацртаната рамка. Овој спој, од страна на поединецот кој дејствува, на меѓувредносната бездна е дел од логичкиот процес на размисла кој е темел на поимното размислување, дел од оној тренинг каде обучениот веќе не се наоѓа на тренинг полигонот и од него се очекува врз основа на стекнатиот тренинг да се снајде во некаква нова ситуација. Остануваме со констатацијата на состојбата која укажува дека она што се обидува да се пренесе како теориска рамка на определено индивидуално познавателно доживување, секогаш успева да му се измолкне на восприемачот, и тоа токму со својата специфичност на контингентен и неповторлив индивидуален познавателен чин.
Јас не велам дека треба да се воспостави контрола врз валидноста на раз/мислите на индивидуите и нивниот начин на промислување на светот, јас зборувам за потребата од лоцирање и разликување на внатре-јазичките лингвистичко-социјални конструкти на стварноста кои произведуваат насилие без оглед во која форма на теориски дискурси тие се јавуваат.
Секој јазички проект е проект кој подлежи на потенцијални дополнувања на лексиката и поместувања на значењата кои се од асинхрон карактер, и кои ќе предизвикаат дополнителни непредвидени дополнувања на значењата. Ние не можеме да го утврдиме точниот момент на настанување на јазикот и потеклото на идејата за негова функционална употреба, ниту успехот на една ваква идеја.
Јазикот како код изобилува со јазички вируси10F кои се подложни и транспарентни на постојана јазичка мутација, односно секогаш му се измолкнува на обидот да биде скротен и при секоја доформација која го дополнува останува отворен и подложен на нова мутација.
Обучениот откако ја проширил и дополнил вредносната рамка на дејствување, започнува да обучува други, но не престанува да ја проширува сопствената рамка иако сега обучува.
Дали може поединецот да има крајна свест за теоретската рамка во која дејствува? Нема и не може да има!

Потребна е свесност за тоа кој ја создава рамката, дали таа е завет од некоја виша инстанца која ни вели реализирај ме, или е лингвистичко-социјален конструкт кој не е ништо повеќе вреден од останатите лингвистичко-социјални конструкти и е само мој личен производ. Значи јас сум целосно одговорен и немам никаков друг критериум со кој би можел да судам за нечија животна приказна или проект освен тоа дали тој вклучува насилство во неговата реализација или не. Сè со што се посегнува по нечиј туѓ интегритет (телесен, интелектуален, емотивен…) по пат на насилство и наметнување е крајно нехумано.
„Човекот е слободен да биде слободен“ (Нелсон Мандела), јас би рекол; човекот е доослободен11F да стане свесен за својата виртуелна слобода, а потоа да стане свесен за својата виртуелна позиција во светот на дискурсите кој е исто така виртуелен. Најважно од сè е да ја сфатиме виртуелноста на дискурсите за вистината.
Сè е можно и сите се во право, но не затоа што вистината им дава легитимитет и е на нивна страна подржувајќи ги да си играат месии или апостоли на вистината.
„Таму каде што има насилство нема политика, односно нема политички живот и, во крајна линија, нема човек“. 12F
Играта „дофати ја вистината и поседувај ја“, треба да се замени со играта „сфати ја вистината како поле за игра и преобликувај ја“, или „прифати ја празнината и свесно со смисла исполнувај ја“…

#b
7. Види; Ричард Рорти, Контингентност, иронија и солидарност (Скопје: Темплум, 2001) стр.22. Каде што зборува за вистината единствено како јазички ентитет, не како нешто вон јазикот, како иманентно на светот кој и самиот поседува јазик и со кој нам ни се обраќа.
8. Според Витгенштајновиот указ за фамилијарна сличност, тие не се нови, и оттаму тие се „навидум“ нови вредности.
9. Користејќи ја равенката за тренинг и дејственост од вредносната рамка во која е обучуван поединецот.
10. Под „јазички вирус“ подразбирам збор, поим или термин воопшто, кој веќе подележел на еден процес на непредвидено дополнување на значењето, и кој и понатаму подлежи на истиот непрекинлив процес.
11. Во смисла на неискористениот капацитет на севкупното човечко знаење и хоризонтите кои тоа ги отвора во една прагматистичка рамка на промислување.
12. Ставено во контекст на Аристотеловото разбирање на политиката, како ненасилен начин да се опстои во заедништво со другите, постојано во дијалог и договор без примена на насилни средства и методи. Секаде каде што има насилие нема човечко однесување, има само претполитичка состојба, дивеење. Види: Бранислав Саркањац, Македонски Катахрезис (Скопје: 359º, 2001) стр.137.

АвторЈорданчо Секуловски
2018-08-21T17:21:43+00:00 март 1st, 2003|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 31|