Допирот на пијанистот

/, Литература, Блесок бр. 70/Допирот на пијанистот

Допирот на пијанистот

Седеа на долгиот шанк, односно девојките седеа а Глен стоеше покрај нив, ретко вклучувајќи се во разговорот, иако беше тукушто сретнат странец од кој се очекува да го забавува друштвото. По малку ковчестата пејачка, која не беше ниту жива ниту мртва, но многу повеќе жива отколку вистинска и многу повеќе во допир со смртта отколку мртва, ги помрдна ушите на Глен со нејзината магична музика и пеење, и тоа беше првпат на Глен многу повеќе да му се допадне човечки глас од музика на инструменти. Но, ако неговите уши беа потонати во овој несекојдневен глас кој го слушаше, тој самиот потонуваше во очите на Хана, во темните очи секој пат кога ќе им се сретнеа погледите: во тие моменти, едноставно не можеше да престане да се губи себеси во нејзините очи на начин кој би бил непријатен за која било друга девојка освен за неа, која не го чувствуваше наметлив; напротив, нејзе ѝ се допаѓаше неговото чудно присуство и кон него ја чувствуваше истата блискост која тој ја чувствуваше кон неа. За време на живата дискусија, таа постојано нежно му го допираше горниот дел од раката, кога сакаше нешто да потенцира, или коленото, кога се смееше и сакаше да каже дека тоа е само шега, но во еден миг нивните дланки случајно се сретнаа на начин што ја прекина конверзацијата и настана тишина, тишина на која ѝ беше потребно исполнување со извинување или смеа.
Некаде во времето, кога доцната вечер се прекрши во ноќ, кога бендот ги свиреше своите последни ноти и кога зеленооката Лејла ја пееше својата последна песна, тие двајца дојдоа толку близу додека зборуваа и страсно дебатираа, што лицата им беа толку блиску, речиси до точка на допирање. И кога тој миг им беше в рака, кога скоро се досегнаа еден со друг, таа се насмеа и го наведна лицето, стана од столот, ги соблече своите чевли и започна да се движи низ брановите на музиката.
Like a star I fell,
At all times I fell,
In an image of myself,
Forgetting my own self.
Stars get close and closer one of another,
and far and further one from the other,,
I get close and far from you,
’cause stars don’t touch each other,
Во која било друга прилика, таа ќе го привлечеше вниманието на останатите, ако не за друго тогаш поради танцувањето, но таа се движеше толку нежно, како пеперутка која лета над тревник од билки лесно гален од бавен ветар, каде не може да се направи разлика помеѓу сечилото на тревата и ветрот, ниту помеѓу цветот и летечкото суштество. Додека сите гости ја гледаа сцената како хипнотизирани од магичниот глас на пејачката, времето како да сопре: чашите на половина пат до жедните усни, чадот од цигарата на половина пат до далечниот таван, и истиот Глен, кој не знаеше каде е подот а каде неговите стапала, целото негово битие обземено од нејзиниот танц и целиот нејзин танц отелотворен во зениците од неговите очи. Како свеќа која догорува бавно на крајот, така и пламенот на танцот на Хана бавно се гаснеше со песната, која го чувствуваше нејзиното танцувачко тело, и кога блесокот на гласот занеми, друг блесна, и започна да гори помеѓу нив, па тргнаа надвор од Славеј.
Облаците кои пред многу часови најавија бура не ги изневерија нивните ветувања: распарани се отворија и пуштија толку многу дожд, колку што човештвото излеало солзи во целата своја историја. Дебелите капки паѓаа толку густо што една капка го фаќаше опашот на другата, така што и не можеше да ги разликуваш една од друга: таму каде завршуваше една, започнуваше друга. Глен и Хана без брзање се движеа гушнати нив водената завеса и додека неговиот чевел нежно газеше од една до друга баричка, нејзиното мало босо стапало речиси лебдеше на површината. Таа застана за момент, ја покри наводнетата глава со шалот, погледна во него и смеејќи се нежно му рече: „Дали ќе ми ја придржиш раката?“. Тој не се двоумеше и во мигот кога нејзината рака се спушти во неговата, нивното темпо се хармонизираше и тоа беше како небото да се спушти кон земјата или како земјата да порасна кон небото. Којзнае колку време помина, додека одеа така прегрнати, кога ниту еден од нив не го водеше темпото, но тоа повеќе не беше важно бидејќи времето немаше улога во оваа песна која ги подигна над површината на многуте барички, над светлината од градските светилки и низ студенилото од натопениот воздух.
Пристигнаа во нејзиниот стан, мало, пријатно приземно апартманче, додека бурата надвор го достигнуваше својот врв, како снежна лавина која започнува од ништо и на крај преминува во незапирлива сила. Таа инсистираше нему да му го остави својот комфорен кревет, а за себе да ја земе софата, за што тој протестираше некое време, но потоа ја прифати малку непријатната ситуација. Чукањето на дождовните капки на прозорецот го задушуваше гласното срцебиење на Глен, кога таа го замоли да се заврти за да може да се пресоблече, оставајќи ги на себе само хулахопките и покривајќи се со бела кошула. Лежеа така некое време, зборувајќи смешни глупости за да го избегнат директниот контакт, и тогаш тој, не можејќи да одолее, ја праша: „Зошто не дојдеш да легнеш до мене, ти ветувам нека да те допрам… освен ако ти не сакаш мене“, додаде полусериозно и таа одговори „Подобро не, бидејќи не можам да ветам дека нема да те допрам; ако дојдам до тебе, ќе морам да те бакнам“. Тој беше збунет од нејзиниот одговор, не знаејќи што точно значеше тоа, па праша „А зошто да не ме бакнеш ако сакаш?“ – „Бидејќи тоа би било како да допираш океан…“ одговори таа и додека одговараше – го боцна.
Тој се поткрена потпрен на својот лакот, бидејќи го сакаше она од кое таа се плашеше, најдлабокото море, каде можеш да се изгубиш, каде ќе го нема ниту него, ниту неа, каде ќе нема апсолутно ништо, и навалувајќи се преку оградата од креветот кон софата посака да ја бакне, но таа се повлече зад својата долга коса. Ја погали нежно и го изговори нејзиното име тивко, но неговиот повик едноставно не звучеше како нејзиното име, бидејќи во првиот слог тој го потроши целото свое битие, а со останатиот целото нејзино. За неа тој повик беше како куршум среде опера, како прекин на нешто што не смее да биде прекинато и затоа ја грабна неговата рака со лицето потпрено на неа, длабок здив и јачење на мечка, сведоци на нејзината болка, која преку нејзиниот здив се хранеше самата себе. Погледна во него со големите, сјајни очи, во кои тој се пронајде себеси како се дави без одбрана, која ние луѓето обично ја користиме за да се заштитиме од другите да ни се приближат. Со раката ја погали темната кожа на нејзиниот образ, нежно, дури понежно и од лист на листопадно дрво кога паѓа врз површината на мирно езеро и таа ненадејно, како клас на летно ветре, лежерно се откина. На нејзиното „Те молам…“ кое беше изговорено како барање на невозможното, на нејзиното „… не“ тој се повлече од нејзината прегратка и тоа повлекување за него беше како паѓање, паѓање кое траеше сè додека таа не седна до него, каде без допир само го набљудуваше; тој не беше во состојба да одговори на ниту еден друг начин освен со обид повторно да ја прегрне. Изнемоштена во неговите раце, се криеше покриена со својата густа коса и кога тој со прстите бавно го откри нејзиното лице, му се чинеше како да гледа раѓање на ѕвезда. Ја бакна в чело, само в чело, бидејќи знаеше дека украдениот бакнеж не е вистински бакнеж и тогаш тој беше оној кој се повлече, немоќен да се справи со толку многу убавина, во тој миг би плачел како бебе доколку болката не беше измешана со задоволство, така што солзите се сушеа во мигот кога ќе се родеа на границата на неговото око.
Хана се врати на софата и едвај се покри со чаршавот, додека тој само падна на грб и ги затвори очите, па двајцата можеби и заспаа, по одредено време, можеби сепак беа полузаспани, кога на ноќта ѝ доаѓаше крајот, таа се разбуди со него до себе и праша: „Сè уште си тука?“ – „Којзнае каде сум, и самиот не знам каде е горе или доле, каде сум јас а каде си ти…“ и пред да заврши, тој занеми, бидејќи вртејќи се кон неа ја виде најпрекрасната слика во својот живот: таа, легната на страна, со главата потпрена на раката и косата слободно падната низ нејзиното длабоко меланхолично лице, додека првите утрински искри се тркалаа низ густата магла и дождовните капки, постепено осветлувајќи ја собата со златна белина која се прелеваше врз девојката; таа сјаеше пред неговите очи, па се нароси од сцената на спознанието, додека надоаѓаше дневната светлина, кога магијата повеќе не е возможна. Глен не можеше да се снајде, очајно мораше да дојде блиску до неа, да ѝ ја милува раката, која таа не ја повлече, туку напротив, ја навали својата глава на неговото пулсирачко срце, со усните внимателно скриени од неговите, кои во моментот, а и долго време потоа не можеа да вкусат ништо друго освен неа. Тој се обидуваше, но во обидот самиот беше испробуван, во обидот да допре до неа, самиот беше допрен од недопирлив допир, по кој ниеден друг допир не можеше да достигне.
Зората конечно ја порази беспомошната ноќ и сонцето ја осветли собата, софата, креветот, него, неа, иако без достигнување на таа празнина која дојде до светлина на средината и која направи тој да се изгуби себеси: истата од која таа толку се плашеше, доколку се беа бакнале, истиот недопирлив океан на крајот допре до него.
Тој ден, од кога светлината го избрка замагленото разденување, двајцата седеа на масата пиејќи кафе и пушејќи цигари и разговараа за сè освен за она што се случи – секако, како да се разговара за нешто за кое не би требало да се зборува? Се сретнаа во миг од нивните животи во кој самото време и место беа потиснати, но и покрај тоа што поништуваш сè, времето прави сè што е поништено да се врати, незапирливо чукајќи дури пожестоко на вратата. Пред да си замине, ја зеде уште еднаш во прегратки, ја прегрна како да нема да ја види никогаш повеќе, и тогаш го направија она што сите вистински љубовници го прават: се разделија.
На пат кон дома не обрнуваше внимание каде оди, па по некое време и кога ќе посака повторно да стапи во контакт со неа, да не може да пронајде каде ја оставил. Многу пати Глен се враќаше до таа концертна сала, и бескрајно талкаше во блиските улички барајќи начин да се врати до неа, но секој пат завршуваше во Славеј, каде седнуваше на истиот стол, лизгајќи го другиот стол, каде таа седеше, чувствувајќи го нејзиното присуство со сопствената рака додека прстите ја допираа другата страна, чувствувајќи го мирисот кој таа го остави врз него како рана, што ниедна дрога или лек не може да ја излекува. Лејла го гледаше со нејзините тажни очи, кои беа попразни од недогледноста на просторот и истовремено пополни од која било полна месечина, па тој почувствува дека таа може да ја разбере неговата болка, пеејќи:
Ajourd’hui c’est le jour que tu pars, et je pars avec toi,
en partence touchent le point ou le toucher ne touche pas,
ne peux pas toucher, si on veux que il touche vraiment:
ne me touche pas, mais caresse-moi avec un touche vrai.

Превод: Александра Димитрова

АвторМирт Комел
2018-08-21T17:21:03+00:00 февруари 14th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 70|