Симон Шемов

/Симон Шемов
Симон Шемов 2023-09-13T15:15:24+00:00

Project Description

Симон Шемов

 

Роден е во Кавадарци, Република Македонија, во 1941 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности вo Белград (Србија), во 1964 г. Постдипломски студии посетувал на Академијата за ликовни уметности „Слејд“ при Лондонскиот универзитетски колеџ, В. Британија, во 1971/72 (Slade School of Fine Arts, London University College). Од 1970 до 1981 г. предавал сликарство и цртеж на Архитектонскиот факултет, Скопје, а од 1981 г. предава сликарство, цртање, акт, рачна изработка на хартија (медиум целулоза) во својство на доцент, вонреден и редовен професор на Факултетот за ликовни уметности (сликарски оддел) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во периодот 1993 – 1995 бил декан на Факултетот. Во школската 1991/92 година, на Универзитетот на Северна Каролина, Гринзборо, САД (University of Nort Carolina, Greensboro) предавал по предметот Експериментална рачна изработка на хартија, во рамките на Фулбрајтовата програма.

Ликовни дисциплини што ги владее: освен цртежот, сликарството и творештвото со рачно изработената хартија (медиум целулоза), тој практикува: графика, мозаик, инсталација и ликовни интервенции.

Како гостин професор одржал поединечни предавања на: Институтот „Арт“ во Чикаго; на универзитетите во: Бостон, Ајова, Темпи, Санта Клара во САД (Art Institute Chicago; The Universities: Boston, Iowa, Tempe, Santa Clara – USA), Универзитетот за уметност „Мусашино“ во Токио, Јапонија (Musashino University, Tokyo – Japan), како и на Факултетот за ликовни уметности во Велико Трново – Бугарија.

Од 1993 до 1998 година го водел проектот „Типови целулозни влакна од билно потекло од Македонија“, за Министерството за наука на Р Македонија. Од 2000 до 2003 година работел како автор и координатор на проектите на програмите на УНЕСКО и Темпус. Проектот „Медиум целулоза“ при програмата Темпус е реализирана во соработка со Германија (Академијата за ликовни уметности, Нирнберг) и Италија (Интернационалната графичка школа, Венеција).

Добитник е на многу национални и интернационални награди за достигања во ликовната уметност.

Самостојни изложби и боени интервенции:

1964   Работнички универзитет, Скопје

1967   Коларчев народен универзитет, Белград, Србија

Работнички универзитет, Скопје

1968   Уметничка галерија, Скопје

1969   Работнички универзитет, Струмица

Драмски театар (заедно со Д. Перчинков), Скопје

1972   New Line Gallery, Брадфорд, Велика Британија

Југословенски клуб, Лондон, Велика Британија

1973   New 57 Gallery, Единбург, Велика Британија

Скопје (ателје на Петар Мазев), прв хепенинг во Македонија (заедно со Н. Фидановски и Д. Бовен)

Планина Дешат, просторни интервенции заедно со Н. Фидановски

Скопје, интервенции „Расцутен булевар“ (заедно со Н. Фидановски)

1974   Скопје, интервенции на надвозникот – арматури на неизградената стоковна куќа „Мост“

1976   Музеј на современата уметност, Скопје

Дом на младите (заедно со Н. Фидановски), Скопје

1978   Градски музеј, Кавадарци

1981   Културно-информативен центар, Скопје

1982   Музеј на современата уметност (во соработка со Н. Фидановски), Скопје

1983   Прилеп (Варош), Боени интервенции (заедно со Н. Фиданоски)

1984   Месарница „Баце“, Скопје, интервенција „Во чест на Рембрант“

Музеј на современата уметност, Скопје, ретроспективна изложба

Дом на младите, Скопје, Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија

1985   Уметничка галерија „Скопје“, Скопје

Модерна галерија, Зрењанин, Југославија

Скопје (Водно), интервенција (просторно дејствување на боите)

МСУ, Скопје, интервенција „Ригеста палета“

1986   Музеј на современата уметност (во соработка со Н. Фидановски), Скопје

Дом на културата (во соработка со Н. Фидановски), Битола

Југословенски културен центар, Њујорк, САД

1990   Wetherspoon Gallery, Гринзборо, С. Каролина, САД

Музеј на современата уметност, Скопје, графики (донација од С. Шемов на Стоматолошката клиника – Скопје)

1994   Отворено ателје на Томе Аџиевски, Скопје

1995   Музеј на современата уметност, Скопје (ретроспективна изложба)

2000   Dome of Milenium, Лондон, Велика Британија

Галерија „Аеро“, Скопје

Објект ателјеа, ФЛУ, Скопје, „Куќата на сонцето“

2001   Нирнберг, Германија

2002   Порденоне, Италија

2003   Уметничка галерија „Скопје“ – Даут-пашин амам, Скопје, „Света шума“

Уметничка галерија, Битола (заедно со Борис Шемов)

2011   Изложбен простор „АЕГ“, Нирнберг, Германија

Кавадарци, Штип, Прилеп

2012 Скопје, Национална галерија, Мала станица, Симон Шемов и Ханс Херпих

2013 Матица ексклузив, Скопје

2023 Скопје, Национална галерија, Даут-пашин амам, „Од сингуларност до универзум“

 

Групни изложби

Има реализирано над 230 групни изложби во речиси сите поважни светски ликовни центри, на сите континенти.

 

Живее и работи во Скопје

е-пошта: ssemovb@yahoo.com


КЛУЧНИ БИОГРАФСКИ ТОЧКИ

 

1959 – 1964, Студии на Ликовната академија во Белград

Фигуративна ориентација – во овој период работи главно автопортрети, репродуцирање и реинтерпретации на старите мајстори, како „Мали дворски дами“ на Веласкез, „Појадок на трева“ на Моне и многу други. Голема инспирација црпи од фрескоживописот и иконите од византиското сликарство на македонско тло.

 

1964 – 1967, Ран постакадемски период

Во овој период изработува цртежи и слики на пасторални теми со нагласување на летна атмосфера, жешки лета, голи ридови, трња, желки, роеви инсекти.

Заедно со Петар Мазев, учествува во реализација на монументалната слика „Човек, оган, железо“.

 

1967 – 1969, Цртежот како примарен интерес; пантеизмот станува важна „религија“

Цртежот му е главен интерес во овој период, најчесто изработуван со туш во комбинација со темпера. Инспириран е од јапонската уметност. Во сликарската тематика преовладува темата пантеизам како заедништво на човекот со природата. Продолжува со теми со врела летна атмосфера – „Сонот на каменот“, „Оовски пушач“, „Ветерничаво небо“, „Презреани нерешки плодови“, „Прскалка за лозје“ (само една слика е со ладен, дождовно-планински амбиент – „Капки роса на трева и маховина“). Почнува да се интересира и за теми врзани со градската средина – „Машина за асфалт“, „Питач“, „Купувач на старо“, „Поправач на чадори“, „Циганка“ итн. Посебно го интересира социјалниот аспект на уличното секојдневие.

 

1969 – 1970, Пародично сликарство

Неколку дела го изразуваат пародискиот пристап во сликарството на Шемов. „О соле мио“ може да се протолкува како судир на авторот со кичот. „Св. Ѓорги и ламјата“ како демистификација на воспоставениот конзервативно-идиличен религиозен став кон нашиот фрескоиконичен живопис, со тенденција ова ликовно подрачје да го доближи до современите тенденции.

 

1970 – 1985, Играта како доминанта

Многугодишната работа врз циклусот „Детски игри“ преку цртежи, колажи, графики, слики. Шемов смета дека сликарството е како игра. Исто како и детската игра, тоа е игра со одредени правила која причинува големо задоволство и при изведбата ја исклучува користа. Од 1971 година (период кога е во Лондон), со темите „Додоле“, „Автопортрет“, „Деца претрчуваат преку река“, почнува со практикување на графичката техника ситопечат.

 

1973, Ликовни интервенции (самостојни, групни, со Никола Фидановски)

На планината Локув Симон Шемов започнува со практување на ликовни интервенции заедно со колегата Никола Фидановски. Во овие интервенции се забележува тенденцијата со боја да се интервенира врз стара и дотраена

предметност и да се разубави грдото со боја. Неубавото и трагичното го реинкарнирале и му го враќале „животот“, му го враќале изгубеното естетско значење.

Интервенциите опфаќале: хепенинг, ленд-арт, боди-арт.
– Хепенинг во дворот на ателјето на Петар Мазев (прв хепенинг во Македонија), 1973.

– Ленд-арт – „Просторно делување на боите“, Водно (самостојна акција со група студенти), 1985.
– „Ригаста палета“, МСУ, Скопје (заедно со Н. Фидановски), 1985.
– „Големата мајка“, Михајлово, планина Кожув (самостојна акција), 2010.

– „Перун“ и „Големата мајка“, Тераса на МСУ, Скопје, 2016.

– Боди-арт, во Дом на млади „25 Мај“ – Скопје заедно со Н. Фидановски, 1984.

– Ликовна интервенција „Расцутен булевар“ – интервенција со боени предмети врз стеблата на Булеварот ЈНА. Тоа е самофинансирана акција пред Нова година, независно од наредбата на градоначалникот да се штеди. Затоа, инсталацијата истиот ден е уништена, а авторите се повикани на одговорност.

 

1974/75, Интерес за пaравани/витрини

Изработува паравани – „витрини“, инспириран од Старата скопска чаршија, користејќи различни, односно спротивставени шест ликовни сегменти. Овој параван настанува под делумно влијание на ликовното движење поп-арт.

 

1982, Коцептуално-пародиски настани

Организира и самофинансира кампус со шатори за сместување на студенти и други учесници во ликовни интервенции, во екстериерот на Музејот на современата уметност, Скопје. Отворањето на реализираните интервенции беше проследено со јавно објавено измислено отворање (награди на најекстравагантно облечени гости, пливање во базен со боја итн.). Оваа објава со измислена содржина е реакција на конвенционалните отворања во кои бил попривлечен коктелот отколку изложените дела.

 

1984, Интервенции

– „Во чест на Рембрант“, ликовна интервенција во месарницата „Баце“ во Скопје (една од реакциите кон апсолутниот авторитет и неприкосновеност на државните изложбени институции).
– Ликовни интервенции врз арматурата на надвозникот до Даут-пашин амам како реакција на скопскиот урбанизам и еколошката непримерност на локацијата.

– Реализирани ликовни интервенции во Домот на млади „25 Мај“, на чие отворање е изложен првиот боди-арт проект (жива скулптура) во Македонија.

– Медиум целулоза, или создавање дела со рачно изработено целулозно влакно од билно потекло.

– Изработка на дела од хартија и суви ливадски билки – „мали чудотворности на ливадата“ и др. Со оваа пракса ги спојува неговите хобија планинарење, проучување и собирање на лековити билки, билки за чаеви и храна, со неговото ново ликовно изразување. Со ова природата директно се вселува во неговите објекти, со гранчиња, треви, цветови со нивните бои и со најавтентично присутната опојна арома на сувите цветови од мајчината душичка, ајдучката трева итн. На овој начин додава уште една компонента во ликовната уметност (во ликовното дело го вклучува сетилото за мирис), што дотогаш ретко кој ја практикувал.

 

1985 – 1987, Дела со ритуално-магиски тематики на рачно изработена хартија Циклуси „Магии“, „Ливади“, „Ангели“ – дела создадени од целулоза (рачно формирана), гранки од суви стебла и со вградени цветови и други билни додатоци во целулозата. Магиската тематика е црпена од македонското народно творештво, од приказните, од тајните изреки, од ставање под перница мартинка во пролет, од забрана за држење огледало ноќе и др. Шемов ги одбира белите магии, за исполнување на убави желби, за позитивно прорекување, за магии со добропосакуван призвук.

 

1987, Организира Ликовна колонија

Организира Ликовна колонија со употреба на индустриска целулоза, во фабриката „Комуна“ во Скопје, со цел афирмација на медиумот целулоза.

 

1988 – 2023, Тема „Сонце“

Темата „Сонце“ е константно присутна во творештвото на Шемов. Тој воочува дека знамињата на најголем број држави го имаат сончевиот симбол, а низ историјата во скоро секоја паганска религија сонцето се поистоветувало со некое божество. Најпосле, сонцето за сите нас претставува живот, па оттука и фасцинацијата со неговото значење и архетипска претставност. Во архетипот и знакот на сонцето се комбинираат мистични симболи и писма, приземјени ѕвездени слики и космички светлосни извори позајмени од народните приказни.

 

 

1991 – 2011, Циклус „Жена“

Циклусот „Жена“ е заснован врз македонскиот фолклор – убава мома, накитена невеста, мајка, како и од паганските традиции (Големата мајка).

1997, „Женско тројство“ – триптих од жени во македонска невестинска облека. Порталот над нив, со византиските столбови (позајмени од црквата „Св. Пантелејмон“ во с. Нерези, Скопско), означува возвишеност на женскиот принцип, она што секогаш се одбележувало на македонското тло, почнувајќи од праисторијата со теракотите на Големата мајка.

 

 

1999, „Помрачување на сонцето

Со ова дело, работено на Ликовната колонија Галичник, започнува поголемиот интерес на Симон Шемов кон космологијата, кој трае до денес.

 

2005 – 2009, „Перун“

„Перун“ како интерес за македонската паганска традиција.

 

1996/97, „Големата жена – Галичанка“

Ја завршува сликата со интензивен колорит „Големата жена – Галичанка“, како рефлексија на првпат видениот Галичник во 1960 година, со жешкото лето, јамболиите, чардаците и момите на чардаците.

 

2002/2003, „Света шума“

„Света шума“ е амбиентална поставка на мноштво висечки стебла осветлени одвнатре. Стеблата се формирани од рачно изработена хартија.

Во некои стари традиции, дрвото кое лебди во воздух, излезено со коренот од тлото, било симбол за справедлив човек. Некои дрвја имаат многупати поголема старост од човечката. За можниот говор на дрвото Шемов забележува во еден текст: „…многу нешта видело тоа старо дрво низ одот на времињата. Врз него единствено сонцето со својот часовник отчукувало и напластувало таинствени траги, белешки за времето надвор од нашето сознание; белешки за една друга паралелна стварност“.

 

2003, „Хартија за јадење“

Пародична инсталација составена од 36 форми со различна димензија. Форматите се изработени од класична, рачно формирана хартија и од пресувано овошје и зеленчук како симболи на сонца од различни простори, од различни временски периоди и религии. Портретите што јадат хартија и симболи и текстовите со рецепти за готвење ја минимизираат величественоста на симболите со кои (на врвот на знамето или на мечот и штитот) се одело во поход и се освојувало. Тие за Шемов се приземјени сонца кои не посегнуваат по божественост туку, едноставно, се во потрага по храна на еден многу суров и крволочен начин.

 

2004 – 2012, Работи на теми „Перун“, „Големата мајка“, „Жена“, „Писмо“, „Македонско сонце“, полиптих „Охрид“, „Охридски ангел“, „Сонцето на Плаошник“, „Гром“ и теми поврзани со космологијата – „Магнетна бура“, „Космичко зрачење“, „Големата космичка експлозија“.

 

2012 – 2023, Работи на темите „Пантеист“, „Ангелска галаксија“, „Мултиверзум“, „Големата експлозија“, „Темна енергија“, „Архитип на животот“ итн.

 

 

 

Related Articles