Хаикот на танчарката

/, Литература, Блесок бр. 63/Хаикот на танчарката

Хаикот на танчарката

* * *

Убави се утрата во Ласта, зашто таа својот здив во нив го издишува.

* * *

Текле Хајман, младичот, веќе не е толку млад. Мудри се неговите очи, и мојот народ расте во Ласта. Таа не ме љуби. Минаа десетици месечини, а таа не ме љуби. Печатот на Јасус Моа е посилен одошто можев да помислам.

* * *

Стори нешто, Текле Хајман, љубов моја!

* * *

Време е на пат да се оди! Коњот под мене и хоризонтот пред мене. Јекуно Амлак ме вика. Време е нешто да се стори.

* * *

Јас знаев дека Текле ќе постигне сè. Онака како што бев намислил. Онака како што е исправно. Ласта расте и словото Негово поголема моќ има. Сега е време да се удри. Еднаш и конечно. Време е Јекуно Амлак, Принцот од Амхара, да тргне по своето.
Еднаш и конечно.

* * *

Оваа земја мириса на неа. И по толку месеци. Јас го знам својот пат. Го бодинам коњот за да ѝ го чујам гласот појасно, во тупотот на копитата да ја сретнам.

* * *

Јасус Моа реши да тргнеме. Моите луѓе се храбри, татко, и ние ќе го земеме она што ни припаѓа.

* * *

– Веќе не си толку млад, Текле.
– Времето е исцелител на болката, Учителу, но телото не може да му се спротивстави.
– Разбрав дека се зголемила моќта твоја, Текле, и дека знаеш што треба да се стори.
– Ќе се обидам да го убедам, Учителу.
– Зарем уште ја љубиш, Текле?
Моите очи се слепи без неа.
Молчењето негово е неговата болка. И времето само ја засилува.

* * *

– Од мојот народ ќе бидеш дел, Текле Хајман, ако успееме да ја оствариме Вистината.
– Секако, Принцу од Амхара, секако…

* * *

Соништа од крв ме посетуваат, и него го нема за наутро да ми осамне. Во болка се будам и во болка издишувам. Дали моите солзи ги чувствува?

* * *

Силни дождови со денови ме следат, но патот е сè покус зашто кон неа итам.

* * *

– Разбрав дека во Дебре си бил, Текле?
– Бев, Господару.
– Што ми носиш од таму, Текле?
– Од Великиот Јасус слово.
– Не сакам да чујам.
– Вашата волја е заповед за мене, Господару.

* * *

Тука е. Дојде. Сега е подобро. Сега сништата не ме плашат. Знам чија крв ќе падне.

* * *

– И побројни од ова ќе бидеме, зашто наша е Вистината! Бидете силни, воини мои, и наше ќе биде сето Кралство! Словото Негово ќе го внесеме и онаму каде што владее оној што не верува!
Оган и меч, и нашите развиорени знамиња. Сега ништо нема да нè спречи. Бројна е војската моја, од силни мажи скроена, на силни коњи качени, со меч и копје наоружани. Нема пречка што не ќе ја минеме, зашто наша е Вистината!

* * *

Земјата татни од неговата моќ. Време е да се удри. Еднаш и конечно.

* * *

Доаѓаат, слушам. Спокојно да се пречекаат и до последен да бидат сотрени. Мое е ова кралство, со векови е мое. Нема орди. Никогаш и не требало да се појават. Некој ме излажал. Лажливиот казнет ќе биде, но прво спокојно и стамено да се пречекаат. До последен.

* * *

Таа ме љуби. Тоа е мојата вистина, тоа е моето оправдание. Таа ме љуби.

* * *

Зарем само еден јавач Лалибела праќа против оваа војска?!

* * *

– Славен да си во вечни времиња, Принцу од Амхара!
– Кој си ти?
– На Великиот Текле ученик верен и Ваш слуга покорен, Господару!
– Каде е војската на Лалибела?
– Ваша е таа војска, како и оваа зад Вас. Лалибела е мртов.
Зарем толку лесно до Вистината стигнавме?

* * *

Векови ќе ми требаат за злосторот покајание да најдам, но таа е крај мене и патот е широк. Само еден хаик зедов за неа, но како кралство да сум ѝ дал ме гледа.

* * *

Срцето мое пее крај тебе, Текле Хајман, љубен мој. Вечерва на овој хаик јас ќе бидам твоја, и секоја ноќ и секој ден потоа, додека има сонце на небото и воздух во моите гради.

* * *

Крај голема река ќе кренам шатор и оние што за злосторството мое не знаат ќе дојдат словото Негово да го научат. Со овие раце ќе ги облекувам, секому ќе ткајам додека не се искупам за љубовта моја.

(Скопје, 1997 – 28 април 1999)

Од „Песочен часовник“, Магор 2002.

2018-08-21T17:21:09+00:00 декември 29th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 63|