Слово горко, слово жалосно

/, Литература, Блесок бр. 67-68/Слово горко, слово жалосно

Слово горко, слово жалосно

Сега читајте, вака се случи тоа:
Значи, Арсениј заминал; народот го гледал дури можело да се гледа и плачел, го цепел небото. Дали плачел за него, или плачел за себе, оставам сами да одлучите. Седмиот ден Арсениј скршнал од Виа Егнација и стигнал на Света Гора. Не верувам дека тоа го направил по своја волја, затоа што со него биле дванаесет пратеници на султанот кои жив требало да го спроведат во Цариград. Најверојатно тоа било некаков план подготвен од некого однапред, а двете писма што ги најдов во ќелијата вб манстирот Зограф по смртта, зборуваат дека тој бил свесен оти нема да се врати жив во Охрид. Додека старецот го палеше кандилото во ќелијата, јас, без да ме забележи, се разбира, ги зедов писмата скриени во еден процеп во карпата. Станува збор за оставката од местото Охридски архиепископ, и за отстранувањето од Пелагониската епархија, каде што по симнувањето од охридскиот трон требало да се повлече и да живее. Второто писмо го напишал пред да тргне кон Цариград, но може и на Света Гора, што значи дека знаел што ќе се случи со него по пат, или токму во манастирот Зограф. Иако на крајот од двете оставки напишани со неговиот чист краснопис пишува дека дава доброволна и непринудена оставка, буквите сами зборуваат за нешто сосема друго; сите се малку накосени наназад, како некој да го туркал перото да пишува побрзо. Еве вака: „Со оваа доброволна и непринудена оставка, јас, долупотпишаниот Арсениј, изјавувам дека немам сила да ги средам и поправам потребите на Охридската архиепископија, кои се јавија“ … го чкртнал „јавија“ и допишал „се случија“, па продолжил „една по друга пред нас и во наши дни, и дадоа многу поводи злодејците да ја нападнат архиепископијата и да им наштетат и навредуваат потчинетите митрополии и нивната бедна раја, и бидејќи не може поинаку да се извлече од таквите раце мојот христијански род, освен преку уништувањето на Архиепископијата, се откажувам од Охридската архиепископија, освен од мојата поранешна Пелагониска епархија, која ќе ја имам додека сум жив за да се прехранам и да ги покријам другите нужди. При таква согласност со светите собраќа архиереи се направи оваа доброволна и непринудена оставка, која треба да се стави во светиот кодекс на Великата христова црква, и преку тоа пред блажениот ерусалимски патријарх Партениј“. Под писмото стои датата,16 јануари 1767 година.
Ако внимателно се чита ова што е напишано, веднаш ќе се забележи дека во писмото двапати, на почетокот и на крајот, Арсениј ги повторува истите зборови: доброволно и непринудено. Кој барал двапати да биде напишано токму тоа, и токму така, во неговото последно писмо како прв човек на Охридската архиепископија, која по осумстотини години некој одеднаш решава да ја укине? И зошто подоцна не е укината ниту една друга архиепископија доброволно и непринудено?
Второто писмо е оставката на Арсениј од неговата Пелагониска епархија, каде што планирал да живее, ако се врати од Цариград: „Со оваа доброволна оставка изјавувам дека не можам да заминам таму поради недоверливите потези на големците, па затоа доброволно и непринудено се откажувам од мојата Пелагониска епархија во име на високопреосвештениот мегленски митрополит, возљубениот ми брат Натанаил, како достоен и способен да ја управува таа епархија. И затоа искрено молам сесветиот и чесен господар, и сесветите архиереи на Светиот синод да се согласат со ова мое самоволно решение и да го назначат неговото високопреосвештенство за таа митрополија, но не друго лице. Како доказ и поткрепа за тоа ја давам оваа доброволна оставка, поткрепена со своерачен потпис и печат“. До печатот стои датата, 24 јуни 1767 година, а веднаш под неа забелешката дека писмото го пишува бившиот пелагонски владика Арсениј.
Осум дена подоцна тој е веќе мртов.
Сега читајте, вака се случи тоа:
Јас го отрув Арсениј. Три дена пред да пристигнат бев испратен од Цариград во манастирот Зограф. Ми беше кажано да се преправам во монах-испосник, и јас да го примам, да му ја покажам ќелијата и да му бидам на услуга секогаш кога ќе треба. Тој не смееше да стигне до султанот, затоа што ќе се дознаеше вистината за укинувањето на Охридската архиепископија. За таа услуга, за чајот со кукуда, бев добро платен од ромејскиот патријарх Јеремија, кој веќе беше договорен нејзиното место да го заземе Пеќката патријаршија. Дента кога Арсениј умре, јас заминав со еден ќумурџиски кораб во Цариград, а на мое место донесоа старец од манастирот Хиландар. Тоа е истиот старец што ме пречека десетина години подоцна за да ми ја покажа ќелијата на патријархот Арсениј во манастирот Зограф.
Сега, по толку години, гледајќи ги овие писма на Арсениј, знам дека за нас, против нас, не ни треба никој, освен ние. И затоа наскоро пак ќе дојде оној ќумурџиски кораб за да каже што да се направи за да не постои веќе ништо. И ќе направите. И пак ќе им верувате на оние што зборуваат во туѓо име, а оној што зборува во туѓо име, тој секогаш лаже. Сепак, вистината еден ден мора да излезе на видело. Еве, како оваа кутивка што ја ставам во гробот на мојата единствена ќерка Џола. Останав сам, а бевме големо, богато семејство; бев ктитор на три цркви во Охрид, а сега пајаците плетат пајажина во нашата куќа; утката пее под стреата а јас умирам слушајќи ги брановите на езерото. Ах, слово горко, слово жалосно!
Сега молчете, вака се случи тоа:
Јас сум Малечко беј; еден од четворицата трговци што го предадоа Арсениј. Мене чесниот патрик не ме спомна во црквата Свети Климентова, а постоев и јас, и горко, и жалосно.

2018-08-21T17:21:05+00:00 октомври 12th, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 67-68|