Слепа точка

Слепа точка

Пердуви светкаат во ходникот. Реков, во од се изгубени, сребрени крилја; а кревките телца во баричките треперат. Се движам следена од сосема излишни мисли, кои од пакост ме мачат. Фокусниот круг од солзи на твоите лепливи образи остава скоравени бразди на малодушност. Внимателно го предадов секој врзоп зборови како жртвување. Кога очите ќе зјапнат пред ројот од твоите бесмислици, единственото што преостанува е пркосот. Со мака против фантомските музи. Се движам во круг на затестена магла, сосема излишна.

Животот е вистинит само во двојна експозиција: на крајот на ходникот има градина, отсечена со порта; во далечината има расфрлани камења, а во ходникот блескаат расфрлани пердуви. Снегот меѓу прстите е како млеко во цицката на кучката, што ѕирка од зад аголот на железната порта. Ако гледаш во прстите или во брадавиците на кучката – тоа е изгубено – не е ни изгубено затоа што свеста секогаш се одмотува, секогаш наназад; може да ѝ се верува само на меморијата. Потребно е што поскоро да се изгребат мрежницата. Реков изгребат, не замижат. Не знам дали не ме слушаш или не ме слушаш. Дали имаш клуч? Всушност, нема ни брава. Некој само би го скинал јажето. Ти пукнал капилар кај слепоочницата. Отворајќи ја капијата го отстрануваш стврднатиот снег. Можеби се лезии, грутки во каротидата.

Ја следам жилавата опашка на стаорец по скалите. На дното има дупка што води до подрумот. Ѕидовите во градината се надојдена мрежа од ползавици и плевел. Зад секој прозорец, завесите се стуткани во заканувачки лик. Мене ми изгледаат како урокливи очи. Над подрумот има кат со заѕидани прозорци. Едно постаро куче ја демне опашката на тој стаорец како ручек. Во рацете држиш замрзната штека. Дали имаш клуч? Бравата не се топи.

Гледам во студената градина со влажен поглед. Одозгора се слуша кошмарен рефрен; со пастелни чела и образи, чудовиштата од зад завесите фрлаат сенки. Залудно ја туркаш лимената врата од визбата. Твоите чекори се јалови. Во овој мрачен час, во виорот на скапаниот здивот – бесцелно. Твојата несмасна изненаденост од животот ретко е добредојдена.

Не можам да помогнам никому од нас. Реков, нема спас оти сè е веќе готово. Чувствуваш ли дека се движиме во јамката на заборавот? Вишок луѓе. Заедно успеваме да ја отвориме вратата. Внатре, темнината ги пресекува рамениците со испрекинати одгласи. Низ ходникот те води силна, непозната струја.

Не мораше ни да го криеш. Завиткан во сенката на ѕидот. Кога првпат го држев во раце, тело му се грчеше, болно и целосно туѓо. Реков, тој беше дете на ѕвер. Престани да плачеш. Ја удавивме неговата болест. Престани да плачеш сега кога го напушти, татко. Тој е нашата слепа точка. Толку е мал што не мораше да го криеш. Плитка дупка ќе биде доволна додека почвата не се одмрзне.

АвторЛамија Милишиќ
2023-03-17T05:13:15+00:00 март 12th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 149|