Кратко повлекување од одговорност
Ти ветив дека нема да ја обелоденувам историјата
но како што гледаш те влечев за нос.
Брзам да кажам –
разбирам како е можна интимноста
во напредната возраст,
кога сладострастието
не се меша со нежност
за познатото,
а вие се знаете одамна.
Ќе се прикрадат
еден-два рецидива
од неслучени маневри навреме:
шарањето со очи,
јавниот цинизам во изразите
сега поскоро опишуваат можност
животот да ви се повтори.
И токму тука секој има што да раскаже,
да пројави милосрдие.
Така на пример таа те храни,
затоа што умее да готви
и те храни, зашто немаш пари
и те храни, зашто сама
нема од кого да се храни.
Твојот стомак
и бездруго скончал,
натапкан со руска класика.
Храната е нејзиниот мир,
можноста да се смири
покрај некој
што е тука.
А за тебе што?
Кинегонда?
Коњ во гондола
и во сенат,
коњ во кревет?
Гонг за коњи,
припнати во јаслите.
Здодевната слика
на младиот дух и волја.
Но таа веќе ја прежалила
розовата ти плот,
шарена од тојаги
и сега за тебе е доцна
да ги распоруваш утробите
на насилниците
влезени во сродство.
Заветени сте на благородност.
Вашите неделни средби
ми наликуваат на служба,
вашите неделни средби
се прекрасен знак на разрушението.
И тука нема владеење,
нели разбираш –
бесмислено е
да живееш некаде,
каде што власта не е позната.
А вие се знаете одамна.