Од Гутенберг до ИнтеЛнет

/, Литература, Блесок бр. 24/Од Гутенберг до ИнтеЛнет

Од Гутенберг до ИнтеЛнет

Михаил Епштејн

Незадоволен од традиционалниот синтагматски строеж на текстот, овој познат руски професор по литература, семиотика и философија на Универзитетот Емори во САД, пролетта 1995 година, решава да ја наруши линеарно-временската логика на писмото. Им допушта на своите хипертекстуални мисли да се ослободат од двостраната логика на хартијата и да запловат по тродимензионалната бесконечност на електронскиот Net. Така, започнува „ткаењето“ на еден моќен хипертекстуален концепт.
Замислен како реплика на популарниот Интернет, како мрежа од интелектуални „изми“ кои не претставуваат збир од претходно напишани книги, туку бесконечно прелистувачко пространство во кое се влеваат различни философски концепции, Епштејновиот ИнтеЛнет прераснува во манифест на една нова наднационална и хуманистичка интелигенција. Неговиот отворен жив организам нема страници: тој е една меѓудисциплинарна банка од идеи, која не содржи печатени материјали, туку мисловни системи (myslesv/zi/thinklinks) карактеристични за една нова дисциплина – ИнтеЛнетика.
Според зборовите на Михаил Епштејн тој е „лабораторија на една нова виртуелна словесност/писменост“, енциклопедија на нови идеи и парадигми, чиј ризоматичен концепт го урива привидот на линеарноста, ги разнишува темелите на праволиниското читање. ИнтеЛнетот е ацентрична и нехиерархизирана структура, за која станува сосема неважна философијата на името, оти самиот тој е име за една философија која е дотолку поцелосна, доколку е пофрагментарна, философија која не познава реални субјекти, туку коегзистенција од умови. Но каква е нејзината историја?
Сè започнува во далечната 1984 година кога Михаил Епштејн решава да го реализира својот проект наречен Книга на книгите (Книга книг). Идејата не е моја, вели тој. Некој ми ја дошепнал – како што Сократ му дошепнувал на Платона, како што на Ниче му дошепнувал Заратустра, оти нечии туѓи, самостојни и независни гласови, живеат во нас, по сопствена волја, велеше рускиот философ Алексеј Лосев. Тие бараат мултидимензионална мрежа во која секоја точка, секој јазол ќе има потенцијал да се поврзе со безброј други јазли. Зарем ова не е оној номадски и ризоматичен начин на мислење за кој говореа Делез и Гатари6F, со нивните Илјада платоа? Зарем со него не влегуваме во третата ера на писменоста, за која расправаше и есејот на Умберто Еко? Зарем тоа не е ерата на хипертекстуалните CD-ROM-ови, благодарение на кои, ние, денес, непречено пловиме низ светот на информациите и поттикнати од „таинствениот шепот на туѓите гласови“ сознаваме други, алтернативни мислења?
За жал, во нашите глави сè уште растат дрвја, иако сме наполно свесни дека мозокот е повеќе трева одошто дрво, дека историјата на нашата мисла не е разгранета, ами ризоматична, дека поседува сопствени, коегзистивни линии кои ја негуваат номадската логика на мислењето. Се чини дека оваа концепција наместо нанапред, нè турка наназад кон Бахтиновата дијалошка логика. Но, пред да го констатираме тоа, ќе провериме дали нејзините одгласи, ги среќаваме во Епштајновата Книга на книгите?

Хиперреалност

Јасно е дека денешниов концепт на писменоста опфаќа мноштво медиуми. Тие се моќна сила. Ја надминуваат дури и пораката. Електронскиот медиум, на пример, создава можност за повеќенасочни поврзувања. Формира специфична надлинеарна мрежа од моќни ефемерни текстуални блокови, чија рамка е само компјутерскиот екран. Во таа условна „рамка“, читањето и пишувањето ги игнорираат законите на печатарскиот слог. Некогашната подвоеност меѓу пишуваната и визуелната комуникација, прераснува во взаемно преплетување. Компјутерите денес создаваат нова форма на писменост. „Да се биде во нив, значи – да се пишува…“, нè уверува Епштејн (1998; 109). Но, во тој интерсубјективен свет не учествуваат само субјектите, туку и сите актуализирани искази кои ни даваат право да ги отфрлиме прангите на онаа некрофилна филолошка лингвистика од која зазираше и Михаил Бахтин. Но, замислен, така, како дијалог на дискурсите, проектот на Михаил Епштејн нè увери дека во тродимензионалниот cyber-space, линковите потсетуваат на хоризонти кои поврзуваат два или повеќе дискурса. Нивната тенка површина крие едно преддискурсивно, или подобро кажано, предлинковно настанување кое & припаѓа на една многу важна „немост“, нешто предсистемско кое не влегува во поредокот на ниеден систем, па дури ни на електронскиот. Ја крие трагата, онаа „немост“, лишена од врската со конкретниот означеник, но сврзана со еден електронски текст кој е во постојано одложување, зашто, неговите знаци не упатуваат на реалноста, туку на некои други знаци – на други текстови чија реалност е, всушност, хиперреалноста.
Нашата цивилизација – онаа која ја замислија и создадоа, големини од рангот на Меклуан, Еко и Епштејн – прерасна во систем од корелативни знаци кои упатуваат едни на други и кои создаваат хиперреални поетики. Епштејновиот ИнтеЛнет, неговата Книга на книгите, се производ на една таква поетика, чија дијалошка замисла го следи принципот на отворена структура и недовршена интерпретација. Таа ги прави блиски со усното творештво кое може да се смета и за пра-хипертекстуално, но таа го менува и статусот на писателите и на читателите. Кризата на традиционалното авторство сите не направи анонимни. За среќа, со еден ваков концепт можеме да се ослободиме од прангите на единствениот идентитет и да се претвориме во „естетско расеано битие“ (Иглтон). Конечно, сега, во ерата на Епштејновата „нова фолклорна уметност“, можеме да станеме тие кои го организираат текстот, кои вршат дисеминација на текстуалните значења (како што векови наназад го правеа тоа рапсодите и народните пејачи, кои ги поврзуваа фрагментите на една творба во континуирана, бесконечна целина). Создадена е една нова – не надлична, ами меѓуличносна – конфигурација на литературно искуство. Таа нè уверува дека уметноста не е веќе производ на оригиналниот гениј – некаква индивидуална занаетчиска активност – туку збир од операции кои се изведуваат врз полето на означувачките пракси, кои ги вкрстуваат и сегашноста и минатото, и општествената и личната димензија. Ако досега културата беше производ од разновидни творечки настојувања, денес, наспроти сите обиди за политизација, технологизација, сциентизам, морализам, со проекти од типот на Епштејновата Книга на книгите, нашата култура прераснува во самодвижечка и самосоздавачка пракса, во објект на творечко создавање – во Транскултура каква што ја замисли Михаил Епштејн (http://www.russ.ru/ist_sovr/99-05-24/shklov.htm). Таков е и неговиот ИнтеЛнет: моќниот електронски сајт кој покрива мноштво дисциплини и поврзува повеќе медиуми.
„Човекот – беше рекол некогаш Јосиф Бродски – се претвори во шушкање на перце по хартија“. Но, за Михаил Епштејн, тој, денес, и без перце и без хартија, само „со молчеливото притискање на тастатурата“, преоѓа од другата страна на екранот, од онаа страна на вистината и на лагата (Епштејн: 1998; 109), во виртуелното пространство на неговиот ИнтеЛнет, кој не познава координати и кој ја слави плуралноста на дискурсите. Текстуалноста е единствениот услов за влегување во тој свет. Затоа, не треба да стравуваме: со Епштејновиот хипертекстуален, интерактивен и повеќегласен проект, веќе сме во новата ера на писменоста – во ерата на Пан-текстуалноста, која е флиудна и недетерминирана, но сепак литерарна, од центарот до периферијата.

Литература:
1. Eco, Umberto: „From Internet To Gutenberg“, Блесок16 (и во: Културен живот, Скопје, 3/2000, 22-33)
2. EKO, Umberto (1965): Otvoreno djelo, Veselin Maslesha, Sarajevo
3. EPSTEJN, Mihail: „Ot Interneta k InteLnetu“, http://www.russ.ru/netcult/20000616_epshtein.html
4. EPSTEJN, Mihail & SHKLOVSKJI, Evgenij: „Eti idei – iz vozduha. Kak rozdaetsjaKniga knig (Beseda Evgenija Shklovskogo s Mihailom Epstejnom)“, http://www.russ.ru/ist_sovr/99-05-24/shklov.htm
5. ЕПШТЕЈН, Михаил (1998): „О виртуелној књижевности“ in: Постмодернизам, Zepter Book World, Београд
6. KRISTEVA, Julia (1969): Recherches pour une sémanalyse, Editions du Seuil, Paris
7. BARTHES, Roland (1970): S/Z, Editions du Seuil, Paris
8. BART, Rolan (1975): Zadovoljstvo u tekstu, Gradina, Niš
9. BART, Rolan (1986): „Smrt autora“ in: Suvremene knji`evne teorije, SNL, Zagreb
10. BART, Rolan (1986): „ Od djela do teksta“ in: Suvremene knjizhevne teorije, SNL, Zagreb
11. DERIDA, Zak (1998): Писменоста и различието, Nauka i izkustvo, Sofiја
ZENET, Zerar (1996): Umetnichko delo: imanentnost i transcendentnost, Svetovi, Novi Sad

#b
6. Треба да престанеме да веруваме во дрвјата, во корењата и во radicule (кореноците – заб. моја), велат Делез и Гатари (Луси: 1999; 316).

2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 24|