Нова Европа: замаглени погледи

/, Литература, Блесок бр. 47/Нова Европа: замаглени погледи

Нова Европа: замаглени погледи

За среќа, овој тип на говор е редок, а поголемиот дел од книгата е посветен помалку на создавањето на новата европска свест а повеќе на дефинирање и зачувување на културното значење на малите народи, особено на словенечкиот, на нивните јазици и на нивното културно наследство. Дебељак, всушност, започнува со разгледување на прашањата за националниот идентитет, особено важни за Словенците бидејќи, со почетокот на осамостојувањето од Југославија во 1991, тие се возат „во последниот вагон од последниот воз на национализмот“. Како и секој граѓанин на една мала земја, тој е, понекогаш ненамерно, свесен за потребата од „концентрични кругови на идентитетот“. Некогаш дел од Хабсбуршката империја, потоа дел од различните аватари на Југославија, а сега дел од Европската унија, словенечките писатели мораат или да најдат начин да ги извезат своите визии или да се повлечат во сопствените граници. Од една страна, „либералната толеранција“ (за разлика од космополитизмот) „го маскира суштинското во нешто пасивно“ и „не може да биде потполно одделена од самозадоволноста и од силно изразениот став на надреденост“. Во најлош случај, може да ја сведе културата на малциноството на статус на фолклор, или на Дизнификација. Пример за ова е австрискиот писател Питер Хандке и неговата желба да ја сочува Србија изолирана за да го сочува нејзиниот шарм. [Blind to the Truth, 20 јули 2005]
Насочувајќи се повеќе нагоре и кон надвор отколку надолу, словенечките писатели не смеат ни да ги преценат другите традици, ниту пак, како унагрскиот неп или „народ“, кој сака да се сосредоточи исклучиво на локалните традиции и етницитетот, да ги игнорира во ултра-националистички дух. Дебељак сфаќа „дека границите на мојот јазик се, до одреден степен, границите на мојот свет“ – не само „лингвистички вештини“ туку „едно целосно симболичко, ментално и општествено искуство собрано во слоевите на историското постоење на нацијата и колективниот менталитет“ – и дека тие слоеви ја создаваат „суштината на метфаизичкиот светоглед“. На едно помалку апстрактно ниво, еден јазик овозможува именување на сè, разбирање на домашните шеги, и следење на импликациите од суптилните културни референци – ова се нешта кои поезијата можат да ја направат непреводлива.
Како резултат на ова, во желбата на Дебељак книжевноста да стане важен инструмент за конструирање на „заеднички главен наратив“, тој ги отфрла чисто естетските пристапи кон книжевноста. Постмодернизмот ја замагли „разликата помеѓу прагматичната и уметничката димензија“, така што „постмодерната уметност повеќе не е отелотворување на некој алтернативен свет кој ги црпе значењата од своите естетски и етички тензии со постоечкиот поредок; напротив, постмодерната уметност во голема мера го поддржува, го одржува и го оправдува постоечкиот поредок“. Според Дебељак, „уметникот сплотува мноштво егзистенцијални, општествени и национални аспекти на искуството во потрагата по полнозначна рамнотежа“.
Дебељак не секогаш цврсто се држи до линијата на тезата, ниту пак тоа му е намерата. Четирите поглавја кои ја сочинуваат книгата, преобработени и проширени за американската публика од збирката објавена во пет земји од Централна Европа, се преплетени со „еден вид на интелектуална поезија“, и „ниту се целосно академски труд, ниту пак креативна документаристика“. И самата книга е слично привлечна, зашто говори за проблемите заеднички за таканаречената Нова Европа. Понатаму, книгата претставува предизвик за постарите членки на ЕУ, и, да се надеваме, ќе размрда барем некои Американци во нивната ограниченост. Ако Дебељак ги претставува проблемите појасно отколку нивните решенија, тоа е во природата на есејот, книжевна форма чија незавршеност се чини особено привлечна во современиот контекст на слогани, диви пароли, и лаги. А неговата потрага по „скриеното ракување на солидарноста“ среде толку многу поделби може само да се смета за трогателна.

Објавено на TOL, 18 јануари 2006

купете ја рецензираната книга на сајтот на Transitions Online

Превод од англиски: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:27+00:00 април 16th, 2006|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 47|