Кон романот „Призраци со срмени нишки“ од Калина Малеска

/, Литература, Блесок бр. 98/Кон романот „Призраци со срмени нишки“ од Калина Малеска

Кон романот „Призраци со срмени нишки“ од Калина Малеска

#1 Пред нас имаме еден исклучителен ракопис од Калина Малеска, едно од најпријатните книжевни изненадувања во последниве години кај нас. Калина Малеска до сега ги има издадено двете збирки раскази: Недоразбирања и Именување на инсектот, како и романот Бруно и боите и драмата Случка меѓу настани. Со сите четири книжевни остварувања до сега таа го сврте вниманието кон себе и се вброи меѓу најугледните и најталентирани македонски писатели од една средна генерација која, за жал, со задоцнување се препознава како естетска вредност на македонската книжевна сцена, поради закостенетоста и доминацијата на некои литературни „митови“ од претходните книжевни генерации.
Призраци со срмени нишки
е роман кој во себе го обединува светското искуство за тоа како денес треба да изгледа еден роман. Прво, романот има препознатлив мета-литературен концепт, затоа што станува збор за роман во кој ликот (Срна) пишува друг роман. Овој мал мизенабим (сиже во сиже) ѝ отвора на авторката можност за мета-литературни коментари околу дефиницијата на романот денес, неговата смисла, устројство и неговото место во нашите животи, воопшто. Таа мета-литерарна, односно мета-јазична функција на романот е мајсторски изведена.
Второ, романот има силен реалистички капацитет, што дури наместа поминува и во ангажираност, својство кое покрај мета-фикционалноста редовно го има денешниот светски роман. Нашиот лик кој пишува роман има свои практични социолошки проблеми од секојдневието (не може да најде работа, на пример). Во таа смисла, романот е и исечок на нашата стварност и говори за положбата на младите луѓе во нашава средина.
Трето, романот е исполнет и со мали есеистички пасажи, со што се покажува на дело тезата дека романот денес е една форма на литераризиран есеј и дека есеистичкиот пристап кон стварноста е негова жанровска константа и составка. И четврто, романот крие многу мистерии, тајни ракописи, тајни имиња, мистифицирани книги и псевдо-историски факти од кои се плете фината преѓа на енигматскиот код на романот.
Со сето тоа, романот Призраци со срмени нишки на Калина Малеска ќе предизвика, несомнено, силен интерес во книжевните кругови и читателската публика. Напишан е лесно, чисто, елегантно и со сите тие свои особини го отсликува највредното од жанрот роман во овој миг кај нас, но и пошироко, исполнувајќи ги и стандардите на тековната светска книжевност.

2018-08-21T17:22:00+00:00 ноември 2nd, 2000|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 98|