Комуникативниот статус на „романот – пајажина“

/, Литература, Блесок бр. 31/Комуникативниот статус на „романот – пајажина“

Комуникативниот статус на „романот – пајажина“

б. Идејата за субјектот: разговор со читателот

Уште на самиот почеток на романот Разговор со Спиноза наидуваме на следната авторска сугестија: „Нишките од овој роман се исткаени од разговорот меѓу Тебе и Спиноза. Затоа секаде каде што има празно место во говорот на Спиноза, изговори го своето име и впиши го во празнината“ (стр. 8).
Овој коментар недвосмислено ќе ја определи градбата на самата наративна постапка која следи по коментарот: постапката на „дијалошкиот роман“. Разговор со Спиноза е исто така, како целина, дијалогично воспоставен, располовен на три сосем одвоени целини. Прво: Разговор со Спиноза (роман-пајажина); второ: Разговор со Спиноза (циркуска претстава со пет акробатски точки), и трето: Зошто Спиноза (наместо поговор) – што всушност е автопоетички текст – појава што ретко се среќава во нашата литература.
Раскажувачот-фокализатор во овој роман е ликот на филозофот Спиноза (има улога на фикциски јунак за чие обликување, како подлога, служи неговата вистинска биографија), човекот екскомунициран од еврејската заедница; имплицитниот автор и она што овде посредно му се препушта како функција и како позиција на читателот. Значи, станува збор за роман-разговор меѓу читателот и еден лик.
Смилевски, впрочем, ја применува онаа кортасаровска (Хулио Кортасар) стратегија која вели дека „читателот е единственото нешто што го интересира и затоа треба да создаде текст што нема да го ограничува читателот, туку ќе го трансформира во задолжителен соучесник“… Така, наизменично, во Разговор со Спиноза непрекинато се обликуваат и се менуваат хоризонтите: оној на ликот на Спиноза и оној на „реалниот читател“. Во комуниколошкиот статус на текстот, станува збор за ТИ-односот на раскажување што го предвидува „контактот“, т.е. соучеството. На тој начин, разговорот со текстот, обично, го подразбира трансформирањето на ставовите, па затоа тој и се шири. Овој роман е, par exellance, отворен текст поради таквиот степен на иновација што го внесува во себе, бидејќи соговорникот (читателот) не е ист: кај различниот читател кој треба да се впише во признините, тој има различна сугестија. Всушност, затоа и контекстот на читањето и на критичкото вреднување е „дијалошки“. Да се интерпретира делото значи да се раскаже приказната за читањето.
Од друга страна, пак, овој разговор, оваа расправа, како што се наведува, на автентичен начин се однесува „како кон вечните и бескрајните така и кон минливите и ограничени нешта“.
Ликот на Спиноза во романот, пак, за разлика од конкретниот читател е примарно насочен кон својата внатрешност, кон интимната „стварност“ на својот идентитет и кон сето она што се стреми да биде „јас“, сето она што се одликува како „јас“ во светот, сето она што станува субјект:
Кој јас, што јас? Од каде и кон каде јас? Зошто јас? Но, пред сè: кој јас? Овој јас кој ова зимско утро ги протрива од џебовите дланките кои се потат; овој јас кој зачекорува по патот кој води надвор од Хаг и продолжува некаде во рамницата, таму каде што синевината на зората паѓа по снегот што ги има покриено полјаните; дали јас Спиноза е оној јас кој се загледува по формите што ги прават јатата птици по сивото небо; кој јас, дали овој јас кој чекори по длапките кои ги направила некоја запрежна кола во снегот…
Каде да се најде тоа јас додека јас се присеќавам на она утро кога мајка ми објаснуваше што е да се вдише а што е да се издише, и се прашувам: бев ли токму тоа јас?
(стр. 153).
Очигледно, тука субјектот не е заокружен туку е парчосан, поделен, повеќекратен (а, секако, и драматизиран во вториот дел). Тој е, исто така, и обезличен, вкрстен, напореден, преиспитувачки:
Кое јас да се избере од сите јас расцепкани во времето и расфрлени во просторот, или пак треба да се сврти главата од таа расцепканост и расфрленост и да се тргне спротивно, да се побара едно единствено јас кое можеби постои наспроти сите тие разделени јас, некаде не на спротивната страна на ветрот, туку онаму каде што нема ни спротивна страна ни ветер, таму каде што нема време и простор?
Или, сепак, јас е во тие јас, во сите изминати јас, јас е во она дете кое за прв пат слуша од својата мајка што е вдишување и издишување, јас е и во зборовите на мајката, јас е и во вдишувањето и во издишувањето; јас е во моите образи, но и во прстите на Клара Марија на тие образи, и во нејзините зборови: „Почувствувај колку се студени“; јас е во оној кој мораше да замине од својот дом и чекореше по Амстердам, јас е во оној кој ги чистеше гробовите обраснати во плевел.
Само, како да се дојде до тој миг во кој ќе се соединат сите тие јас, како да се биде во тој миг на обединување, а тогаш знам, иако тој миг ми се чини толку недостижен, знам дека тогаш ќе бидам во она во што отсекогаш посакував да сум, тогаш ќе допрам и дел од вечноста и бескрајноста, можеби затоа што, доживувајќи ги одеднаш сите изминати и неповратни нешта, ќе бидам посвесен од кога и да е за лепливата болка на минливоста и конечноста“
(стр.154).
Ете го, најексплицитно предаден, „компаративниот идентитет“ на филозофот и на човекот Спиноза, идентитетот создаден од неговата филозофија и од неговиот животопис, идентитетот реализиран од антитетизмот според концепцијата на умножениот, на дијалогичниот субјект во романот.
Сепак, овој роман, иако појдовно и навидум е „историски“, фактички е втемелен врз судирот на „сериозните“ филозофски поставки, преработени и комбинирани со луцидната авторска „игра“ – за чија инспирација и за чија конструкција сведочи самиот автор Гоце Смилевски, во автопоетичкиот поговор. Смилевски тука ги наведува изворите со кои се служел при оформувањето на ликот на Спиноза: Тоа се: „Експресионизмот во филозофијата: Спиноза“ и „Спиноза: практична филозофија“ од Жил Делез; како и „Анатомија на меланхолијата“ од Роберт Бартон, посредно обработена преку „Црно сонце – депресија и меланхолија“ на Јулија Кристева.
Затоа, без разлика на делот од својот хронотоп што дозволува романот да се третира како „историско-филозофски“, се работи за еден жанровски комплексен и повеќестрано дијалогичен зафат, втемелен врз дијалогизацијата на историјата и нејзиното отворање кон и за сегашноста. Таквата „историографска метафикција“ ја карактеризира тоа дијалогично тежнеење за преиспишување на минатото во нов контекст и тоа подеднакво, историографското, како и книжевно-уметничкото минато. Тоа го потврдува и самиот автор во едно свое интервју: „Тргнав од уверувањето дека човекот која ја има напишано Етиката не живеел по правилата изнесени во неа. За мене, од овој аспект погледнато, Спиноза беше податлив за „моделирање“ со „празните места“ во неговата биографија, од една страна, и од друга – со неговото филозофско учење на кое можеше да му се спротивстави живот нему целосно различен… Таа подвоеност на неговата природа, таа можна борба помеѓу она што еден човек е и неговиот идеал, беше вистински предизвик за разговор со Спиноза… Според тоа, и филозофијата и животописот беа доволно мотивирачки да се напише овој роман… Поверував дека има нешто од другата страна на фактографијата. Затоа што Разговор со Спиноза е изграден врз запрашаноста и врз отвореноста кон универзалните димензии на осаменоста и смртта, тоа е роман кој би можел да комуницира колку со осумнаесеттиот толку и со почетокот на дваесет и првиот век“ (Утрински весник, 15-16 март, 2003, стр.27).
Токму поради тоа, ова е потврда дека метапрозаистот1F е многу свесен за основната дилема: ако тој се зафаќа да го „претстави“ светот, мошне бргу сфаќа дека светот, како таков, не може да биде претставен. Затоа, овој роман на Смилевски е извонреден доказ дека во литературната проза, во суштина, е можно само да се „претстават“ дискурсите за тој свет.
Метароманите (меѓу кои би го сместиле и Разговор со Спиноза) се обидуваат да ја задржат конструкцијата врз принципот на базичната и претпоставена опозиција: конструкција на фикциската илузија (во случајов, „романот-пајажина“ и „циркуската претстава со пет акробатски точки“) и разоткривањето на таа илузија (автопоетичкиот поговор „Зошто Спиноза“). Со други зборови, најмалиот заеднички именител на метапрозата е едновремено да се создаде проза (романот-пајажина) и да создаде исказ за креацијата на таа проза („Зошто Спиноза“).
„Реалноста“ во таа смисла е „фикционална“ и може да биде сфатена низ адекватниот процес на читање.
И затоа, поради сето горе изнесено, романот Разговор со Спиноза од Гоце Смилевски е нешто друго, нешто поразлично, и претставува роман што навидум се одвојува од македонското книжевно милје. Сепак, сметаме дека тој, на свој начин, ја следи развојната линија во македонската литература која тежнее да оствари интердискурзивен спој меѓу литературата и историографијата (Славко Јаневски, Слободан Мицковиќ, Данило Коцевски, Венко Андоновски, Драги Михајловски…). Секако, тоа го чини на сопствен, на оригинален начин и со посебна маркираност и препознатливост, а неа, пак, ја поткрепуваат неговите огромни квалитети и високите уметнички дострели.

#b
1. Пред сè, според теоријата за метафикција на теоретичарката Патриша Во.

АвторЗвонко Танески
2018-08-21T17:21:43+00:00 март 1st, 2003|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 31|