За што, навистина, станува збор?

/, Литература, Блесок бр. 151/За што, навистина, станува збор?

За што, навистина, станува збор?

По читањето на изборот/антологијата на словенечката кратка проза, насловена со интригантната синтагма ЗА ШТО ЗБОРУВАМЕ

За што зборуваме – словенечка куса проза, 1990-2004, антологија што ја приредил Митја Чандер (1974), еминентен словенечки есеист, колумнист, драматург, сценарист… Извонредно конципирана и реализирана, книгата изворно била објавена во Љубљана во 2004 година. Македонско издание: Културна установа Блесок, Скопје, 2008 (338 стр.)

#1 Во размерно кратко време (од одвај два-три месеци) во Македонија одненадеж се појавија дури две исклучителни (ама и исклучително релевантни) словенечки книги, згора на тоа и двете во компетентни преводи, солидна техничка/графичка „опаковка“ и професионална уредничка подготовка. Првата му е посветена на драмскиот опус на класикот Иван Цанкар (издание на Матица), втората на рецентниот словенечки краток расказ (издание на Блесок). И двете книги се резултат на македонско-словенечката културна соработка, која – оценувајќи според резултатите – треба да се оцени како мошне добра. Имено, и во двете пишува оти биле финансирани, заеднички, од министерствата за култура на посочените држави. Сјајна вест!
Дали, меѓутоа, оваа сјајна вест треба да се прочита/протолкува и како стратешка определба на македонските и на словенечките официози, кои решиле во областа на меѓудржавната културна соработка да воведат одреден систем (во случајот: да ја „испосистематизираат“ соработката во сферата на издаваштвото), кој би можел – евентуално – да резултира и со извесен реципроцитет, благодарение на кој наскоро би можеле да очекуваме и некои словенечки преводи на две-три македонски книги? Или се работи, сепак, за два осаменички „инциденти“ реализирани по среќен сплет на околности, за резултат на индивидуалниот ангажман на некои фанатизирани поединци и, воопшто, за некои такви романтични фактотуми, прилично невообичаени во овие конзумеристички времиња?
Како и да е, книгата За што зборуваме, жанровски детерминирана како избор/антологија на словенечката куса проза од последниве петнаесетина години (1994-2000), треба да се пречека и оцени како вистинска придобивка. Благодарение на нејзината особеност и оригиналност, рецентниот македонски книжевен контекст – што и да значи оваа несигурна одредница – одненадеж се здобива со можноста двојно да профитира.
Нашиот прв и сосема несомнен „профит“/бенефит: здобивање со прецизен, згора на тоа и солидно искоментиран увид во интенциите и особеностите на актуелниот словенечкиот расказ. Имено, книгата е проследена со екстензивниот поговор на нејзиниот приредувач Митја Чандер, чиј што текст, освен високото ниво на информативноста, вклучува и компетентни критички просудби).
Нашиот втор, ама и сосема хипотетички „профит“/бенефит: соочување со статусот на сопствената кратка проза, и тоа токму онаа млада и најмлада, која – белким – поседува некои „генерациски“ специфики (и квалитети) што би било редно да се евидентираат и сериозно да се искоментираат. За и да им се понудат, можеби, потоа и на Словенците, колку за возврат. Ама, како што би рекол Џек Лемон во Слатка Ирма на Били Вајлдер, тоа е (сепак) некоја друга приказна!
Онаа приоритетна и, барем за овој текст, најважна е приказната што сугестивно ни ја „раскажува“ книгата За што зборуваме, преку која директно ги запознаваме 35 кратки раскази на 12 словенечки прозаисти, сите родени по 1960 година. Исклучокот од овој „генерациски“ принцип е направен само во еден случај, заради Винко Модерндорфер (роден 1958), еден од најпродуктивните и најекспонираните словенечки писатели, чиј што расказ Нашето дете (стр. 144-155) е еден од најимпресивните што во последно време успеав да ги прочитав (воопшто, а не само во оваа книга). Комплименти за неговата преведувачка Лидија Димковска, една од оние три вешти „посредници“ во интеркултуралниот словенечко-македонски дијалог што книгата За што зборуваме вехементно го воспоставува (останатите двајца се Намита Субиото и Игор Исаковски, едновремено потпишан и како уредник на преводот).
Оваа „генерациска книга“, уметнички мошне интензивна, укажува, меѓу другото, и на предноста (квалитетот!) што треба да се евидентира со голем респект. Имено, таа потврдува дека помладата словенечка литература – онаа што се испишува себеси во последните две декади (или, поедноставено, по осамостојувањето на Словенија) – освен што несомнено ја „уважува“ и ја „следи“ формалната заиграност на таканаречениот постмодернистички меинстрим (за да не остане „надвор од светот“), не се откажува (по никоја цена!) ниту од специфичниот словенечки начин на „гледање“, силно импрегниран од традицијата што ја имаат оставено големите словенечки писатели.
Токму оваа моќна, исклучително креативна и – ценејќи според текстовите што се објавени во оваа книга – апсолутно автентична комбинација на автохоното и, ајде да речеме, „трендовското“ може да се определи како клучен фактор кој младата словенечка проза и ја прави толку читлива, комуникативна и атрактивна. Дури и да не знаете од каде доаѓа – бидејќи, да претпоставиме, ви паднала в раце веќе преведена на некој друг јазик – веднаш ќе препознаете дека таа може да дојде само од „сончевата страна на Алпите“, како што зборувавме некогаш. И од ниту едно друго место!

2023-10-01T12:34:00+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 151|