ПРЛИЧЕВИОТ ПРЕПЕВ НА ХИМНАТА КОН ДЕМЕТРА ОД КАЛИМАХ

/, Литература, Блесок бр. 138 - 139/ПРЛИЧЕВИОТ ПРЕПЕВ НА ХИМНАТА КОН ДЕМЕТРА ОД КАЛИМАХ

ПРЛИЧЕВИОТ ПРЕПЕВ НА ХИМНАТА КОН ДЕМЕТРА ОД КАЛИМАХ

Освен работата врз препејувањето на Хомеровите Илијада и Одисеја, според кажувањето на Е. Спространов, денес постојат сигурни индиции дека Прличев работел и на препевот на една химна од Калимах[1]. Резултатот од овој негов зафат во нашата наука долго време се сметаше за неповратно загубен сè додека Георги Сталев не ја изнесе претпоставката дека стихуваната творба со наслов Химна на Калимах (Гимнъ Каллимаха) е препев „на некоја од верзиите на химната за Деметра“[2]. Увидот во ракописот покажа дека делото од Калимах, врз кое работел Прличев и за кое известува Спространов, претставува, всушност, препев на химната Кон Деметра од хеленистичкиот поет Калимах, испеана во поетиката на химничните свечени песни како посвета на божицата Деметра.

Од увидот во овој ракопис, кој денес се чува во ДАРМ под бр. 1.831.1.8/307, може да се заклучи дека Прличев го изработил препевот во текот на неговото учителствување во Солун во 1889 г., на т.н. општословенски јазик со мошне изразено присуство на русизми. Текстот е испишан со виолетово мастило на двете страни од еден лист хартија со формат 21 см х 28 см. На предната страна на листот, освен податоците за датумот и местото на настанување на преводот, Прличев го дава и податокот за литературниот вид на делото и за неговиот автор: Химна на Калимах (Гимнъ Каллимаха), а веднаш потоа е наведен и насловот на делото, кое Прличев го наведува според двете книжевни традиции, како Кон Деметра (Димитрa), хеленската божица на житото, изобилието и плодородноста, и како Кон Керера (Церерa), според еквивалентот на ова божество во римската митологија.

Она што е мошне интересно да се спомене е тоа дека овој ракопис кај нас е објавен од страна на Наум Целакоски во 1993 г., во еден избор на дотогаш необјавени умотворби и материјали од Григор Прличев, по повод стогодишнината од неговата смрт[3]. Во белешките кон оваа објава, Целакоски, освен бројните појаснувања за божествата, се осврнува и на богатата литературна традиција посветена на Деметра и го искажува убедувањето дека „Прличев најверојатно има можност, според творбата на Калимах, да ја состави оваа песна“[4]. Тоа недвосмислено упатува на заклучокот дека приредувачот, при расчитувањето на текстот и при преведувањето на стихот на литературен македонски јазик, во што, како што стои во една од белешките, му помогнал Панде Костадиновски, му пристапил на ова дело како на авторски текст, кој Прличев го создал длабоко инспириран од темите од античката митологија.

Споредбената анализа на Прличевиот превод на Калимаховата химна Кон Деметра покажува големи отстапувања од изворникот. Тие еднакво се однесуваат како на скратувањата така и на версификацијата при препејувањето. Од вкупно 138-те стихови, колку што содржи изворниот текст на оваа химна во херојскиот дактилски хексаметар, Прличев го превел делото со обем од 76 стихови спеани во метарот на јампскиот петнаесетерец. Сепак, изведбата на препевот во поглед на поетските слики, а и според лексичкиот материјал, остава впечаток дека Прличев успеал да го долови ефектот на древната песна, која Калимах ја спеал според образецот на хомерските химни.


[*] Текстот е извадок од монографијата Дарин Ангеловски, Античката литература во македонската културна средина (културно општествени и преводни аспекти), Институт за македонска литература, Скопје, 2020, 165-168.

[1] Калимах (Kallímachos), роден во Кирена, Северна Африка, околу 305 – 240 г. пр. н. е., бил хеленски поет и филолог. Како еден од највлијателните поети и филолози на стариот свет, извршил суштинско влијание не само врз подоцнежниот развој на античката (хеленска и римска) литература туку и врз европската литературна традиција. Делата на овој бележит книжевен автор од хеленистичкиот период содржат такви книжевни согледби што денес со право можат да се сметаат за своевидни книжевно-критички погледи кон древната литература и нејзината историја. Меѓу нив внимание привлекуваат оние стојалишта со кои Калимах им дава предност на кусите поетски творби создавани по углед на Хесиодовите дидактички дела, отфрлајќи ја на тој начин наклонетоста кон големите епски дела спеани во поетиките на кикличките поети или кон Хомеровите епопеи.

Калимах ја создал химната Кон Деметра во периодот на владеењето на Птолемај II и таа се смета како една од најраните химни што овој поет ги пишувал во чест на разни божества и места. Химната е напишана со примеси на дорскиот дијалект на хеленскиот јазик во ритамот на херојскиот дактилски хексаметар што е карактеристичен за древната хеленска епска поезија.

[2] Георги Сталев, Творечкиот лик на Григор Прличев, ИМЛ, Скопје, 2005, 133.

[3] Григор Прличев, Водач ме праќа татковината, избор, поговор и коментари д-р Наум Целакоски, Скопје, Матица македонска, 1993, 41–44.

[4] Истото, 41.

АвторДарин Ангеловски
2021-08-17T20:57:26+00:00 август 15th, 2021|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 138 - 139|