Зборот наспрема сликата

/, Литература, Блесок бр. 69/Зборот наспрема сликата

Зборот наспрема сликата

Збирката стихови Стажирајќи за светец на Игор Исаковски (Скопје: Независни писатели на македонија, 2008) сериозно нè поттикнува на размислување за проширување на симболизацијата и метафоризацијата во име на потребата да се дознае најсуптилно што е љубовта. Според Ерих Фром љубовта е активна сила на човекот, сила што ги руши ѕидовите кои го раздвојуваат од неговите ближни, сила која го соединува со другите, сила која истовремено и му помага да го надмине чувството на осаменост и одвоеност и му допушта да биде свој. Љубовта е активност, а не пасивен афект7F. Нејзиниот активен карактер може да се изрази со тврдењето дека љубовта е првенствено давање а не примање (E. Фром: 29)8F. Исаковски се обидува да гледа на љубовта како на зрел одговор на проблемот на егзистенцијата. Тој тоа го сугерира уште во самиот наслов – Стажирајќи за светец, а потоа и го потенцира преку изборот оваа збирка да е состав од 36 љубовни песни создавани во период од шест години (1995-2001). Играријата не е само во симболика на броевите три и шест, туку и во слободата која поетот Игор Исаковски му ја доверува на сликарот Мирослав Масин. Сликите, поточно ликовното писмо на Масин, почнувајќи од самата корица па сè до последниот лист на збирката ја засилува синестезијата на поетското писмо. Масин деконструирајќи го симболичкиот свет и неговите вредности ги дополнува: претставата за бојата која е дел од нејзиниот мирис (Парчиња), претставата за светлиот глас / од сомот и топлина / во бучната лушпа / на овој заборавен град (од песната Непрекинливо движење), но и за боите кои пеат за неа (Тенкото кристално нешто). Преку симулакралното очудување, препознатливата реалност пред очите на читателот влетува во еден друг, надреален свет во кој неговите цртежи се доживуваат, се читаат, се примаат и како слики на предмети врзани со женскоста, и како цртежи кои асоцираат на делови од женското тело, но и како новостилизирани букви од македонската азбука. Сите поместени слики се читаат и како илуминации9F, но и како цртежи оформени со една детска наивност која се трансформира во гротескност за да се добие крајниот впечаток на дестилирана префинетост. Такви се буквите и зборовите врзани со женскоста: А – како Ана (4, 87), Б – како боска (7), Џ – како џивџанка (12), Ш – како шишка или шмизла (12, 18, 27, 38), Д – како девојка (29, 38, 41, 42), В – како верба, вистина (32), Ј – како јатка (33, 34, 59), О – како основа или како оката девојка (40, 69), Ж – како жена (64), Ф – како фустан (67), Д и тоа ракописно – како девојче или десна рака (53) и П и тоа ракописно – како птица (77).
Такви се цртежите кои будат асоцијации на портрет на жена (4, 38, 40, 77), слика на женско тело до половина (27), на еротска поза (12), на женскост (7) и женска внатрешност (14, 87), на дојки (7, 14, 27, 29, 38, 41, 49, 50, 81, 82), задница (14, 18, 27, 29, 50, 82), папок (40, 49, 64), уста (40), око (40, 49). Такви се и цртежите кои истакнуваат некои женски особини и форми како сликата на лебедот (18, 53), крушата (29), птицата (59), на откинатиот лист или срце (59), на Ј која како јатка се огледува во огледалото (59).
На почетокот на овој текст споменавме дека зоната на реалното од познатата Лаканова тријада Реално – Симболично – Имагинарно станува сè повеќе стеснета. Ако е така, а така е, тогаш ние почнуваме да сфаќаме дека веќе го живееме времето кога Имагинарното не само што посакува туку и станува Реално. Сè повеќе! А со тоа стануваме и свесни дека навистина живееме во една култура на отелотворени слики. Така и цртежите на Масин се доживуваат како телесна појава на песната-душа на Исаковски. Или зборот на Исаковски се дообјаснува со цртежот на Масин. Цртежот на Масин станува синоним за зборот на Исаковски. Масин ги пресоздава цртежите, ги прекројува со зборовите на Исаковски и на тој начин им создава стихови-облека како израз на душата и духот на разголеното тело. И конечно реалното (љубовта) станува имагинарно!
Што може да направи книжевноста во времето на виртуелната култура, се прашува Дубравка Ораиќ-Толиќ, кога на почетокот повеќе нема да биде ЗБОРОТ туку СЛИКАТА? Сè повеќе сфаќаме дека уметноста ја нема онаа моќ која авангардата веруваше дека ќе ја има. Ако е така, тогаш има ли таа воопшто некакво влијание врз стварноста, без разлика дали е реална или виртуелна? Дали не треба повторно да почнеме да размислуваме за општествениот ангажман, но и за автономијата на уметноста, но сега како за еден постангажман и поставтономија? Како што вистинските коњи се зачувани во коњските сили на автомобилите, така и општествениот ангажман и автономијата на уметноста, нагласува Ораиќ-Толиќ, на необичен начин се зачувани во медиумските облици на книжевноста (2005: 261). Двете збирки поезија упатуваат на еден свој постангажман, но и доволно смела поставтономија, на еден свој оригинален медиумски облик на поезијата.

Литература:

Исаковски, Игор. Стажирајќи за светец. – Скопје: Независни писатели на македонија, 2008.
Милосављевиќ, Верица / Дишлиевска, Елена. Реденик. – Скопје: Или-или.
Oraić-Tolić, Dubravka. „Vitrualni realizam – hrvatski post-postmodernizam“ vo Muška moderna i ženska postmoderna. – Zagreb: 2005, 207-265.
Фром, Ерик. Уметноста на љубовта. – Скопје: Зумпрес, 1995.

#b
7. Фром, Ерик. Уметноста на љубовта. – Скопје: Зумпрес, 1995, 29.
8. Повеќето од луѓето го сфаќаат проблемот на љубовта првенствено како проблем како да бидеш сакан, а дури потоа како проблем на сакањето, односно можностите да сакаш. Оттука за многумина прашањето лежи во тоа како да бидеш сакан, како да бидеш вреден за да те сака некој.
9. Илуминација (iluminatio) е поим кој има неколку блиски/синонимни, па и метафорични значења. Под него се подразбира: свечено осветлување; бојадисување на некој цртеж, бакрорез или слика/трага на камен; ненадејно вдахновение, светолст која ја озарува/озрачува душата; инспирација.

АвторВесна Мојсова- Чепишевска и Душко Крстевски
2018-08-21T17:21:04+00:00 декември 21st, 2009|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 69|